Независно од кого и како е поттикната оваа фаза на „усогласување на политичкото одлучување“ (како што е одложувањето на пописот), сепак тоа личи на почеток на премостување на јазот на инает-поделбите во македонската политика. Ваквата политичка резултанта сериозно ги исфрла во прв план темите за потребата од заемно разбирање, барем за клучните национални прашања. Дилемата што останува е, всушност, дали постои доволно силна политичка волја за конзистентност во таквите намери
Се наѕира ли почеток на премостување на јазот на поделбите
Состојбата на хронична поделеност на националното и воопшто на општественото ткиво, речиси во текот на трите децении независност на Македонија, особено нагласени со преземање политички чекори за редефинирање на карактерот на македонската државност и национален идентитет, се чини сѐ повеќе ја нагласува потребата за приближување на ставовите на политичките чинители токму во однос на клучните, длабоки и стратегиски прашања од национален интерес. Поделбите во македонскиот политички амбиент, често потенцирани и генерирани од прозаични карактерни слабости, како што е суета или ординарен инает, се толку хронични и закоравени, што секој исчекор во насока на некакво разумно и логично решение за одреден далекосежен политички предизвик, преку дијалог на политичките опоненти, речиси веднаш ги подгрева надежите и очекувањата за поинтензивно барање на заедничкиот политички именител во смисла на националниот интерес.
Тргна ли нанапред?
Најнова таква искра на очекувања предизвика договорот за одложување на почетокот на пописот на населението меѓу лидерите на најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Иако овој договор на лидерите сѐ уште не е институционално процесиран и има потенцијал на неизвесност во спроведувањето на постапката за отповикување на Законот за попис во Собранието, во македонската политичка јавност беше забележан конструктивниот потенцијал на лидерите на најголемите политички партии за барање заеднички разумни решенија.
– Пописот е одложен до септември. Паметна одлука, здравјето на луѓето сепак е поважно од инаетот, од тоа кој кому и што ветил и кој што очекува од резултатите од пописот. Постигнат е договор и за други важни политички прашања. Пред сè за деблокада на парламентот, за обнова на политичкиот дијалог. Средбата и постигнатиот договор покажуваат дека двајцата лидери, полека но сигурно, се соочуваат со реалноста. И секој со сопствениот дел од одговорноста за длабоко поделеното општество и за фаталната компромитација на системот, во кој ништо веќе не функционира онака како што посакуваме и како што треба. Двајцата лидери сега имаат и многу пореалистични процени на сопствените сили и капацитети. На сопствените предности, се разбира, но и на слабостите – напиша новинарот Бранко Героски, речиси веднаш по завршувањето на средбата во четири очи на Заев и Мицкоски, во понеделникот, на 29 март.
Да се смени форматот на договарање од параинституционален во институционален
Форматот на вонинституционално договарање на т.н. лидерска средба, во одредена мера, фрла сенка на носењето политички одлуки, но од други политички субјекти во земјава се изразува ставот дека таквиот политички дијалог би имал смисла само доколку се договорат за суштински национални прашања.
– Средбата меѓу претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, го потенцира ставот дека ваквата средба на лидерите на двете најголеми политички партии во Македонија би имала смисла единствено ако тие конечно се договорат за носење на долгоочекуваната македонска народна платформа, како пандан на тиранската – околу која, во иднина, би се обединил целиот конститутивен македонски народ. Ја истакнуваме суштинската потреба од носење ваква стратегиска македонска платформа за националните интереси на македонскиот народ, од страна на лидерите на политичките партии во Македонија, а во која ќе се дефинираат нашите државни црвени линии – на внатрешен и на надворешен план – а кои ќе им нудат заштита и сигурност на македонските граѓани од великоалбанските и великобугарските националшовинистички претензии, кои денес се повампирени поради сервилноста на Владата на Заев – се наведува во едно соопштение на партијата Левица, уште пред да се одржи лидерската средба меѓу лидерите на најголемите владејачка и опозициска партија.
Понатаму во соопштението се наведени пет точки за кои Левица смета дека би требало да бидат клучни во предложената македонска народна платформа. Со таквата платформа, сметаат од Левица, „би се сметале за трајно затворени прашања и прашања што, во иднина, би биле непреговорливи во процесот на ЕУ-интеграциите, како и во процесот на создавање на сите идни политички коалициски влади во Македонија, без оглед на тоа кој ќе ги предводи“.
Се подигна нивото на договори, сега да не се оди под него
Сепак, познавачите на македонските политички состојби, процеси, но и на партиско-политичките интереси, сметаат дека треба да се биде реалист во потенцијалите и капацитетите за соработка на идеолошки спротивставените партиски субјекти за приближување во наоѓањето решенија за жешки прашања од национален интерес.
– За поздравување е секој дијалог на македонската политичка сцена, доколку е искрен и автохтон. Минатото покажува дека без странска интервенција (формална и неформална), тешко оди политичкиот дијалог на политички спротивставените блокови, дури и кога станува збор за националните интереси. Претходните комуникации на лидерите на двете партии со странски фактори наведуваат дека и сегашниов политички договор за одложување на пописот е „предложен и одобрен“ токму преку интервенцијата од странство, а лидерската средба беше театар на отворена сцена. Откако беше суспендирана волјата на граѓаните, изразена на двата референдума, од 1991 и 2018 година, и беше сменето името на државата, оставена опција за менување на македонскиот национален идентитет и практично ревидирана историјата…, потребни се голема енергија и желба за постигнување национално единство во враќањето на македонското достоинство и потврдување на сувереноста на државата. Конечно, сите актери на македонската политичка сцена треба да се соочат со „принципот“ на меѓународната политика: нема вечни пријатели, нема вечни непријатели – вечен е само интересот – смета Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Независно од кого и како е поттикната оваа фаза на заедничко политичко одлучување, која личи на почеток на премостување на јазот на поделбите во македонската политика, сепак сериозно ги исфрла во прв план темите за потребата од обединување барем за клучните национални прашања, но и дилемата дали постојат сили за конзистентност во таквите намери.
– И најважното прашање, имаме ли ние сили за едно такво обединување? Ќе биде ли можно да се изгради единствена платформа за некако да се преброди спорот со Бугарија, на пример? Не, во моментов сме далеку од такво единство. Немаме достаточно обединувачки сили. Денес немаме ни доволно зрели луѓе во политиката за такви грандиозни потфати. Единствено што имаме сега е растечка свест кај разумните луѓе дека јазот на поделбите некако мора да се премости. Колку побрзо, толку подобро. Јас не сум баш голем оптимист за брзината, да си кажам отворено. Мислам дека за да стигнеме на целта, ќе ни биде потребно темелно рекомпонирање на политичката сцена, што можеби (дај боже) ќе биде навестено на локалните избори, а би се довршило на следните парламентарни избори – проценува во својата колумна новинарот Бранко Героски.
Сепак, и покрај резервите предизвикани од минатото искуство во политичкото дејствување во Македонија, политичките аналитичари се недвосмислени дека националниот интерес треба да биде заедничкиот именител во дејствувањето на сите политички субјекти во државата. Без оглед на различните идеолошки матрици и различните гледишта за начините за справување со суштинските политички прашања, неопходна е обединетост за заедничкиот национален интерес.