Фото: Игор Бансколиев

Според епидемиолозите, пресудни се два клучни фактори, а во Македонија се доминантни и двата. Првиот е британската мутација, која полесно се шири и кај младите, а вториот е вакцинацијата, која и во Европа сѐ уште не е во обем за да се постигне саканиот ефект на стивнување на заразата

И ПОКРАЈ ВАКЦИНИРАЊЕТО И РЕСТРИКТИВНИТЕ МЕРКИ ПРОТИВ КОВИД-19

Во екот на вакцинацијата во Европа се појави третиот бран на ковид-19, што ја отвара дилемата што, всушност, се случува. Зошто вирусот забрзано се шири, има ли ефекти од вакцинацијата, дали мутациите на вирусот се отпорни на вакцината? Иако во Македонија сѐ уште не е почната масовна вакцинација на населението, туку само имунизација на медицинскиот персонал, јавноста е збунета од она што се случува во Европа, каде што повторно се најавуваат рестриктивни мерки.
Според епидемиолозите, пресудни се два клучни фактори, а во Македонија се доминантни и двата. Првиот е британската мутација, која полесно се шири и кај младите, а вториот е вакцинацијата, која и во Европа сѐ уште не е во обем за да се постигне саканиот ефект на стивнување на заразата.
Микробиологот Никола Пановски вели дека причината за тоа што бројот на позитивни случаи расте и во Европа и кај нас е резултат на брзото ширење на британскиот сој на вирусот.
– Кај нас вакцината на населението сѐ уште не е почната, а не се знае ни кога ќе се случи тоа. Во земјите низ Европа вакцинацијата сѐ уште се извршува во мал процент, односно нема повеќе од 30 отсто вакцинирано население. Дополнително на тоа, британскиот сој се шири брзо, и тоа е причината и за зголемениот број позитивни случаи – додава Пановски.

Според него, ако не се прошират мутациите на ковид-19, до крајот на оваа година може да се очекува смирување на ситуацијата, односно состојбата на пандемија да премине во ендемија.
Министерот за здравство, Венко Филипче, пред два дена потврди дека последниов месец има константно зголемување на бројот на заразени со коронавирус.
– Се наоѓаме во екот на третиот бран, за еден месец бројката е зголемена за пет илјади заразени. Во болниците има околу 1.100 пополнети болнички места, притисокот во Скопје беше навистина голем – посочи тој.
Свесен е дека набавката на вакцини не оди со посакуваната динамика.
– Обезбедувањето вакцини во буквална смисла на зборот е „војна“, побарувачката неколкукратно ја надминува понудата и неизвесноста е голема. Продолжуваат преговорите со сите производители за набавка на вакцини, и за руските и за кинеските. До април се очекува да профункционира механизмот „Ковакс“, преку кој земјата ќе добие 100.000 вакцини – истакна Филипче.
Против коронавирусот во земјава досега се вакцинирани 5.300 здравствени работници.
Досега во земјава пристигнаа нешто над 8.000 дози на „Фајзер“, како донација од Србија, и 3.000 вакцини на „Спутник“. Иако беше најавено дека со последната пратка од Русија ќе започне имунизацијата на населението, засега со неа се вакцинираат само медицинските лица.

Многу македонски граѓани за вакцина против ковид-19 сѐ повеќе спасот го бараат во соседните Србија и Бугарија. На социјалните мрежи секојдневно се споделуваат искуства на лица што примиле вакцина во овие две држави, но и коментари дека нема што повеќе да се чека и дека секој сам индивидуално треба да се снаоѓа.
Случаите на инфекција со коронавирус почнаа да растат низ Европската Унија, од 200 на милион жители во средината на февруари на 270 на милион жители минатиот викенд.
Но ова сè уште е далеку од рекордот што го постави ЕУ во ноември минатата година, кога имаше 490 случаи на милион жители, но сепак е загрижувачки тренд.
Повеќето италијански региони, вклучувајќи ги Рим и Милано, се класифицирани како ризични, а во текот на Велигден е најавено тридневно затворање низ целата земја.
Низ Источна Европа, во земји како Унгарија, Словачка, Полска и Чешка, бројот на заразени со вирусот рапидно расте.

[email protected]