Досегашните искуства, но и најновите пораки од самитот ЕУ – Западен Балкан, уште еднаш покажаа дека нашите соседи на добрососедството и на договорите за тоа гледаат како на отворена можност да добијат форма и рамка за ултиматуми, уцени, блокади и ембарга. Во една пригода дури и холандскиот политички експерт за Западен Балкан, Ханс ван дер Берг, констатира: „Кому му требаат непријатели при соседи како Грција и Бугарија“, алудирајќи притоа не на народите на тие држави и на самите држави, туку на поединци во тамошните актуелни, но и поранешни власти што не можат да се оттргнат од големодржавните соништа и шовинистички идеи
Самитот ЕУ – Западен Балкан, од кој Македонија (повторно) многу очекуваше, во смисла на потврда на нејзиното евроинтегрирање и можеби конечно дефинирање на преговарачката рамка за членство во ЕУ, во голема мера не ги постигна првично поставените амбиции. На Македонија ѝ беше јасно ставено на знаење од соседите, Бугарија и Грција, дека немаат намера да ги испуштат привилегиите што им ги дава членството во ЕУ, но и билатералните добрососедски договори за го попречуваат македонскиот преговарачки процес со ЕУ.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов во својата постсамитска изјава експлицитно нагласи дека Бугарија ќе ја блокира Македонија на секое поглавје од преговорите доколку не се исполнат бугарските услови (уцени) што произлегуваат од Договорот за добрососедство и соработка, потпишан во 2017 година. Можеби не толку нагласено, но, секако, категорично и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека секој понатамошен европски чекор на Македонија ќе се цени преку спроведувањето на Преспанскиот договор од 2018 година. Со оглед на асиметричноста на договорите, на штета на македонската страна, уште на почетокот на „градењето добрососедство“ беше јасно дека овие договори ќе претставуваат камен околу вратот за Македонија на нејзиниот европски пат. На тоа укажуваа и повеќе македонски, но и странски интелектуалци во изминативе три години, а по ЕУ-самитот во Загреб, таквите гледишта повторно добиваат актуелност.
– Овие последни договори за добрососедство се креирани поради притисокот од страна на ЕУ, за тие да си немаат проблеми со балканските држави, но воопшто не ѝ гарантираат на Македонија дека соседите ќе се откажат од своите т.н. национални стратегии и ќе градат искрено добрососедство. Од она што имавме можност да го искусиме досега, нашите соседи на добрососедството гледаат како на отворена можност за уцени. Инаку, ваквите добрососедски договори не се никаква новост во современата историја на Балканот. Таков своевиден добрососедски договор имало уште во 1947 година меѓу Југославија и Бугарија (што сега Бугарија го смета за предавнички), како и оној балкански пакт за соработка од 1953 година, меѓу Југославија, Грција и Турција… Сите тие договори некако се покажале како неуспешни, токму поради сопствените агенди на балканските држави. И сите добрососедства биле сфаќани како добрососедство со уцени – предупредува историчарот Тодор Чепреганов.
Страшко Стојановски, професор на Правниот факултет во Штип и експерт по градење теории за нации, во едно свое согледување на аспектите на договорите за добрососедство укажа дека и покрај неоспорната правна теорија, која не ја исклучува можноста за раскинување на меѓународните договори, смета дека ултиматумите што ги поставуваат соседите се само почеток на отстапките што ќе се бараат од македонската страна понатаму.
– Договорот за добрососедство со Бугарија, всушност, претставува континуитет на оној договор од 1999 година, во кој нов момент е образовно-историската комисија. Исто таква комисија е предвидена и формирана и во договорот со Грција. Само што во договорот со Грција нагласено прво се штити грчката историја, а она што останува е за македонската страна. Притоа не станува збор само за античкиот период, туку и за оној од Граѓанската војна во Грција, на средината на 20 век. Очигледно овие историско-образовни комисии ќе бидат алатките за поставување ултиматуми спрема македонската страна и отстапките ќе се прават во континуитет.
Притоа, загрижувачки е што не е временски ограничено тоа усогласување на ставовите, кое ќе трае веројатно до некој нов договор. Најоптимистичкото предвидување за некаков нов договор, поправеден за македонската страна, би било тој да се случи за десетина години – смета професорот Страшко Стојановски.
Во една пригода за природата на договорите за добрососедство на Македонија со Бугарија и со Грција, свој критички став изрази и холандскиот политички експерт за Западен Балкан, Ханс ван дер Берг, констатирајќи: „Кому му требаат непријатели при соседи како Грција и Бугарија“.
– Пријателство под услов, тој, тој и тој. Поддршка за почнување преговори за пристапување во ЕУ, на иста основа. Кому му требаат непријатели кога соседи ви се Грција и/или Бугарија, кои не се двоумат да изнудат отстапки од Албанија и/или од Македонија (понатаму очекувате целосна соработка во Југоисточна Европа)? Уцената е невообичаено толкување на пријателството (договорот). Бугарија негира македонско малцинство во својата земја, но барајќи малцински права во странство ја отсликува политиката на Грција во однос на Албанија. И двата случаја (Бугарија/Грција) се транспарентни: национализам за принуда на соседот и злоупотреба на аспирациите на Македонија/Албанија за ЕУ – реагираше Ван дер Берг.
Македонскиот дипломат Ристо Никовски исто така во повеќе наврати ги анализираше договорите со добрососедство, укажувајќи и предупредувајќи за нивните лоши предиспозиции за македонската страна.
– Вековните историски синдроми на соседите кон македонскиот народ добиваат нова тежина, која води во правец на реализација на нивните аспирации. Сите тие имаат стари национални стратегии, од „Начертанието“ на Гарашанин (Србија), Призренската лига (Албанија) и бугарската теза дека тие се граничат со бугарски територии. Тука треба да се додаде и Грција, која никогаш не прифати дека постои македонски народ и таа политика ќе продолжи уште долго, и покрај Преспанскиот договор и фактот што таквиот став е срамен за 21 век – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.
По категоричните изјави на бугарскиот и грчкиот премиер по ЕУ-самитот во Загреб, со инсистирање на спроведување од македонската страна на одредбите од билатералните договори за добрососедство, станува јасно дека каменот околу вратот на Македонија на нејзините евроинтеграции станува сѐ потежок.