Нови предизвици во онлајн функционирањето
Новата реалност што му се случува на светот со пандемијата на коронавирусот ја наметна потребата за целосно реструктурирање на живеењето, што опфаќа учење, работење, купување и вршење поголем дел од обврските преку интернет, што, од друга страна, го наметнува прашањето колку реално во Македонија интернет-мрежата е подготвена да го издржи масовниот налет на корисници.
Имено, пред самиот почеток на учебната година падна платформата за онлајн учење поради преголема оптовареност, а и некои од граѓаните се жалат на чести прекини на интернетот токму кога им е најпотребен.
Дополнителен проблем е што во делови на Скопје во моментот се изведуваат разни градежни зафати, па поради немањето соодветна документација за подземните инсталации често доаѓа до механичко оштетување на каблите, поради што прекините на интернетот се случува да бидат и по цели денови.
– Работиме од дома заедно со сопругата веќе две години, бидејќи работата ни е поврзана со интернет-рекламирање. Помали проблеми со интернетот имавме и претходно, но откако избувна пандемијата и голем дел луѓе се префрлија да работат од дома, се почувствува оптоварувањето на мрежата.
Речиси секој ден меѓу 13 и 16 часот интернетот ми забавуваше и паѓаше, а кога ќе се јавев кај операторот, ми велеа дека линијата е добра и дека проблемот не е до нив. Главно, ситуацијата се подобруваше со рестартирање на рутерот – вели Станиша Николиќ, интернет маркетинг-агент од Скопје.
Потврда дека на земјава ѝ е потребна сигурна и постабилна интернет-мрежа стигна и од последниот состанок на Советот за безбедност, на кој претседателот на државата Стево Пендаровски најави дека и Македонија ќе ја воведува 5Г-мрежата, технологија што овозможува многу поголем проток на податоци и која нема да зависи од фиксната мрежа, чии капацитети понекогаш се лимитирани, а истовремено ќе овозможи интернет и во подрачјата на државата каде што сега нема покриеност.
– Во тој дел одиме прво со меморандум за разбирање, кој ќе биде потпишан, по што ќе биде определена главната магистрала по која ќе се движиме, во која ќе кажеме начелно кој може, а кој не да влезе во трка да ја обезбедува таа технологија на територија на нашата држава – рече Пендаровски.
Познавачите на состојбите велат дека проблеми со интернетот во претстојниот период може да се јават поради технологијата што ја користат некои од операторите.
– Поголем дел оператори кај нас користат таканаречена џипон-технологија, односно делба на оптичкото влакно на повеќе корисници. Кога тие корисници ќе го исполнат капацитетот на тоа оптичко влакно, доаѓа до проблеми со интернетот, паѓа брзината, а често и снемува интернет. Поради тие причини операторите треба да ги зголемат капацитетите за да може мрежата да го издржи притисокот, особено сега, кога ќе почне новата учебна година – вели Марјан Димов, инженер во „Интерспејс“.
Тој додава дека вакви проблеми се јавиле и при ставањето на онлајн платформата за учениците, која не го издржала налетот на голем број ученици, бидејќи не била соодветно димензионирана.
– Технички, платформата за онлајн учење не беше добро изработена, па затоа паѓа и не можат да се вклучат поголем број ученици – нагласува Димов.
Од Агенцијата за електронски комуникации се категорични дека мрежата во земјава е добра и дека може да одговори на сите предизвици во претстојниот период.
– Мрежата може да издржи. Операторите дополнително ги зајакнаа капацитетите, така што не би требало да има проблеми оваа есен – вели Јонче Гроздановски од Агенцијата за електронски комуникации.
Според него, проблемот не е секогаш до мрежите, туку до капацитетот на системот што се инсталира.
– Таков беше случајот со платформата за онлајн учење. Ако тој нивен систем нема доволно капацитет, ќе падне, но тоа не е проблем со интернетот и мрежата – категоричен е Гроздановски.
Во меѓувреме се обидовме да добиеме одговор и од дел од операторите за нивната техничка подготвеност и проблемите со кои се соочуваат во време кога поради пандемијата е зголемено користењето на интернетот за онлајн работење и учење, но до затворањето на денешното издание на весникот не добивме повратен одговор.