До 18 часот одзивот од гласањето во првиот круг од шестите претседателски избори е 38,2 отсто, рече на прес-конференцијата Златко Димитријоски од МОСТ, додавајќи дека според потврдените информации, добиени од нивните набљудувачи и регионалните канцеларии регистрирани се одредени нерегуларности за време на гласањето.
-Фотографирање на гласачките ливчиња е забележано на три гласачки места – гласачкото место 1515 во село Обршани, општина Кривогаштани, гласачкото место 1969 во Тетово и гласачкото место 1080 во село Тромеѓа, општина Куманово. Во сите овие случаи забележана е соодветна реакција на избирачкиот одбор и на полицијата. Избирачкиот одбор направил записници, а полицијата ги привела овие гласачи, рече Димитријоски.
На гласачкото место 2778 во општина Кисела Вода, додека Избирачкиот одбор проверувал дали одреден гласач бил запишан во Избирачкиот список, истиот веќе гласал, но пред да го стави ливчето во кутијата ИО увидел дека гласачот не е запишан во избирачкиот список. ИО не му дозволил да го стави ливчето во гласачката кутија, туку по консултација со ОИК, ИО истото го поништил со откинување на долниот десен агол.
На гласачкото место 0497 во село Ново Село, Општина Маврово и Ростуша, откинати се осум гласачки ливчиња заедно со серискиот број. ОИК го инструирала ИО, кога ќе заврши гласањето, серискиот број на тие ливчиња да биде откинат и да биде залепен на кочанот.
На гласачкото место 0771, село Козица, општина Кичево, кое се наоѓа во иста просторија со гласачкото место 0770, гласачко ливче од 0771 по грешка е ставено во гласачката кутија за гласачкото место 0770. ОИК дала инструкција случајот да биде внесен во записник.
– На гласачкото место 0219, село Добрушево, општина Могила, гласач ја турнал гласачката кутија при што една од сигурносните ленти се скинала. Биле повикани ОИК и полицијата при што лицето било приведено. Гласањето било прекинато во период од 20 минути, по што истото продолжило, рече Димитријоски.
Тој додаде дека на гласачкото место 0947 во Крива Паланка, тројца граѓани не биле запишани во Избирачкиот список, додека на гласачкото место 1320 во село Велмеј, општина Дебарца, бројот на вакви граѓани е 10.
Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно сумирање на гласовите), која претставува математичко-статистички научен метод, одзивот на гласачите до 14 часот е 25,1 отсто, до 15 часот е 28,7 отсто, до 16 часот е 31,8 отсто, до 17 часот е 34,9 отсто, додека до 18 часот е 38,2 отсто.