Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на Радовиш, во врска со Законот за Јавно обвинителство истакна дека во новиот закон за ЈО треба да се внесат забелешките на експертите од дводневната јавна дебата во Парламентот.

Според него, на новиот закон треба да се гледа суштински, а, како што рече, за суштината на проблемот ја изнесоа практично експертите кои што за време на дводневната јавна дебата во рамките на Парламентот кажаа што мисли фелата, што мисли експертската јавност, како треба еден реформски закон да изгледа и што не е во согласност со Уставот.

– Ниту Зоран Заев, ниту Рената Дескоска се секунданти, ниту пак луѓе кои што поднесуваат ултиматуми, ниту пак ние сме луѓе кои што ултиматуми прифаќаат, така што сите оние експертски забелешки кои што можеше да ги слушне министерката Дескоска, господинот Зоран Заев, можат едноставно преку институциите кои што ги владеат, а тоа е предлагачот во случајот Министерството за правда, да ги преточат во амандмани во содржина на законско решение и истото тоа да го поднесат во рамките на процедурите на Парламентот.

И ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржиме. Нашиот став е јасен, гласен и прецизен, а тоа е дека ќе поддржиме се она кое што го кажаа експертите. Не можеме ние политичарите да бидеме поголеми експерти од експертите кои што практично го посветиле својот живот на оваа проблематика. Тие имаат јасни недвосмислени ставови, нека ги инкорпорира предлагачот во рамките на новиот Предлог-закон за Јавно обвинителство и ние како пратеничка група ќе го поддржиме.

Нека излезат од матрицата на теснопартиски интереси, нека излезат од матрицата на тоа како да го заштитат криминалот во овие три години откако ќе бидат поразени на 12 април. Нека работат барем еднаш во интерес на граѓаните и во интерес на општиот интерес на државата и нека го напуштат сопствениот интерес и интересот на слугите кои што се околу нив. Ние сме тука да соработуваме и доколку така постапат, истото тоа да го поддржиме – порача Мицкоски.