Поставувањето на врвен професионалец на чело на МВР без ниту една дамка во кариерата не е природна средина за челниците на власта и затоа е голем отпорот во однос за предлогот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во објава на Фејсбук во која ја образложува причината зошто го предложил Драган Ковачки за министер за полиција во техничката влада.
– Наместо ова да биде правило во нормална држава, ваквиот предлог се доживува за исклучок, професионалците оваа влада ги става на маргините, наместо да им даде шанса да ги превземат работите во свои раце – пишува Мицкоски.
Според него, фактите говорат дека оние кои се огрешиле спрема законот се плашат од професионалец кој ќе ги открие, разобличи и ќе се бори против нив.
– Ние со нашиот предлог сакаме да направиме дисконтинуитет во хаосот кој Заев и Спасовски со лошото менаџирање во МВР го создадоа во државата, дисконтинуитет на рекетите под државна капа, клановите блиски до власта кои спроведуваат криминал, дисконтинуитет на бандитизмот кој се шири низ улиците, заплените автомобили, дрогата која е на секој чекор. ВМРО не отстапува од борбата против сето ова – се наведува во објавата на партискиот лидер.
Тој констатира дека ваквото решение ја избезумува власта и, како што вели, нејзините перјаници.
– Треба да знаат дека допрва ги чека главоболка пропорционална со степенот со кој се огрешиле спрема законите и народот на Македонија. Затоа ја повикувам Власта да не ги одложува работите, кочењето на професионалец за МВР, нема да го избегне неминовниот пораз, туку ќе го зголеми – смета Мицкоски.
Иако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не го објавува името на неговиот предлог за технички министер, партиски извори потврдуваат дека станува збор за Драган Ковачки, дипломец на Воената академија во Скопје и поранешен раководител во службата за Воено разузнавање.
Премиерот Заев и министерката за правда Рената Дескоска, го доведоа во прашање ваквиот предлог на опозицијата бидејќи предложената личност не била цивилно лице најмалку три години како што наведува член 97 од Уставот.