Мирно и без инциденти заврши протестот пред Собранието во Македонија, на кој околу 100 демонстранти го изразија своето незадоволство поради ставањето во собраниска процедура на Предлог-законот за ратификација на договорот.
Булеварот „11 Октомври“ пред собраниската зграда сега е прооден за сообраќај.
Демонстрантите го повикаа Христијан Мицкоски да ги напушти собраниските клупи и да се приклучи на протестот. Тие не прифаќаат договор наметнат од Грција.
-На Зоран Заев во овој момент му е потреба една кратка дестабилизација, за да може да ги стави протестите под контрола и да забрани активни собири. Историски гледано никој не излегол на крај со народ, нема ни тој. Нема еден Зоран Заев за една година владеење да уништи се што е македонско, тоа нема да го дозволи македонскиот народ, изјави Страшо Оумчев, претсадетал на Семакедонскиот национален совет Македониум.
Договорот за спорот со името беше потпишан во неделата од страна на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција во грчкиот дел на Преспанското Езеро.