Ниту 25 години по атентатот врз поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, мотивите, нарачателите и извршителите на овој грозоморен чин, кој се случи во периодот во кој на повеќе нивоа и на повеќе места се случуваа процеси што, според многу нешта, беа решавачки за Македонија, не ѝ се познати на пошироката јавност. Глигоров, иако со тешки повреди, го преживеа атентатот, кој се случи на трети октомври 1995 година, на улицата Македонија, пред хотелот „Бристол“ во Скопје, но на местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач.
За контекстот, можните причини и последици од целиот настан, деновиве, за „Нова Македонија“ пишуваат тогашниот амбасадор во Грција Љупчо Арсовски, пензионираниот генерал и актуелен пратеник на Партијата на пензионерите Илија Николовски, дипломираниот криминалист и поранешен претседател на Форумот за безбедност Гоце Аризанкоски и тогашниот претседател на Собранието Стојан Андов. Нивните сеќавања, согледувања и сведоштва во врска со атентатот ги објавуваме во четири продолженија.

ДВАЕСЕТ И ПЕТ ГОДИНИ ОД грозоморниот НАПАД ВРЗ ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ КИРО ГЛИГОРОВ (3)

Со применетите научни методи и постапки, а особено со применетиот и во одредени елементи, автохтоно развиениот индицијален метод, ги констатирав следниве заклучоци/заклучни согледувања.
1. Атентатот врз претседателот Киро Глигоров се случи во едно општественото време, односно во еден општествено-политички амбиент, чија содржина ја сочинуваа специфични општествени, односно политички, економски и безбедносни околности (кои евентуално овозможуваа и поттикнуваа примена на политичко насилство во облик на атентат и реализирање на политичко-целната рамка на инспираторите/сторителите на истиот тој). Овие специфични општествени околности свој израз имаа најмалку во следниве два елемента: ситуацијата на општествена криза, во која, од една страна, одредени внатрешни и надворешни политички и други субјекти не можеа да ги задоволат своите политички, политичко-криминални и општокриминални потреби, при што дојде до расчекор помеѓу политичките и друг вид аспирации и можноста за нивно постигнување, а од друга страна, постојните механизми на општествена и правна регулатива не можеа да ја решат кризата; непостоење оптимално ниво на политичка култура, која би била демократски примерена, истовремено претставувајќи врзивно ткиво помеѓу политичките односи и толерантното спротивставување на различните надворешни и/или внатрешни визии на уставно-правниот и политичкиот развој на Република Македонија (имено, обликот и содржината на политичките процеси во Република Македонија, меѓу другото, беа формирани како од општата политичка култура во македонското општество, така и од поединечните и групните политички култури на одредени политички субјекти). Овие специфични општествени околности овозможуваа постоење и стимулирање на мотивациска основа за активирање, обликување и задоволување на политичките потреби дијаметрално спротивни од државната политичка активност, во услови на непостоење алтернативни содржини за задоволување на тие потреби.

2. Политичкото дејствување на претседателот Глигоров во глобалниот политички процес во Република Македонија, како и во формирањето на нејзините надворешнополитички определби, може да се сведе најмалку на следниве елементи, при што некои од нив е можно да се од особено значење за мотивациската основа на атентатот: ставање точка на историските аспирации на соседите кон нашата територија и народ; сестран развој на добрососедските односи, определувајќи се за активна политика на добрососедство врз принципите на еквидистанца, односно еднаква готовност за пријателство со сите; определување за политички дијалог и мирни средства за решавање на спорните прашања со соседите; почитување на принципот на неповредливост на границите; доследно почитување на општоусвоените принципи на меѓународните односи; активна и круцијална улога во донесувањето одлука за стапување во членство на Република Македонија во НАТО, како и во вклучувањето во интеграциските процеси во Европа.

3. Република Македонија во периодот кога се случи атентатот се наоѓаше во едно хетерогено геополитичко опкружување, во кое беа присутни разни историски, но и нови антагонистички политички интереси, кои се одликуваа, меѓу другото, и со идентичниот став на сите наши соседи, кои манифестираа негаторски однос спрема постоењето, самостојноста и посебноста на македонскиот народ, на македонската нација и на македонската држава. Во Србија, а и во некои други балкански политички кругови, односно кај сите наши соседни држави (Грција, Албанија и Бугарија) се јави несогласување со појавата на Република Македонија како нова држава на Балканот.

4. Политичката одлука на претседателот Глигоров за нестапување во сојуз со други држави (СРЈ/Србија), како и неговата политичка одлука за стапување во членство во НАТО и во ЕУ, најверојатно, не било израз на синтеза и резултанта на интересите и целите на сите политички субјекти во Република Македонија. Од презентираните јавно пласирани искази на личности што дејствуваат во областа на политиката и безбедноста, произлегува и констатацијата дека постои веројатност дека Милошевиќ, неговите разузнавачки структури, како и нивните политичко-агентурни инсталации во Република Македонија се можни инспиратори, организатори и извршители (сторители) на атентатот.

Атентатот, не само како терористичка операција, туку и како офанзивна политичка операција, најверојатно, претставуваше последен обид на дел од надворешните и внатрешните носители на политичко-радикалните аспирации за ликвидирање на независноста и сувереноста на Република Македонија или, пак, за нејзино инсталирање во конкретна регионална (можеби југословенска/српска) сфера на политичко, економско, безбедносно и културолошко влијание

5. Милошевиќ, преку злоупотреба на своите политички овластувања, освен што развивал негативни политички ставови кон конституирањето на Република Македонија како нова држава на Балканот, истиот тој наредил противправно уфрлање воени единици на војската на СРЈ/Србија на државниот простор на Република Македонија, со што ја докажа својата подготвеност за примена на политичко насилство спрема Република Македонија.
6. Постои веројатност дека стратегиското партнерство помеѓу САД и Република Македонија (кое беше воспоставено уште во периодот пред извршување на атентатот) пречеше во остварувањето на интересите на оние држави (или дел од нив) што имаа спротивставени, па дури и противречни интереси со САД и со Република Македонија, или со една од нив.

7. Постои веројатност дека барем една голема сила или нејзина моќна (воена, политичка или разузнавачка) структура имала капацитет да (до)знае за етиологијата на политичкото насилство, кое во облик на атентат се случи во Република Македонија. Ова од причина што постои голема веројатност дека која и да е голема сила (или нејзина моќна структура) нема да дозволи пресметаните последици од атентатот да бидат противречни на нејзините интереси на Балканот, освен ако не се работи за меѓусебна компатибилност или комплементарност во остварувањето на интересите.

8. Според ставовите на одредени научници, политичари и поранешни припадници на безбедносните служби во Република Македонија во периодот пред и за време на извршувањето на атентатот, во Република Македонија се развивал организиран криминал поврзан со кршењето на ембаргото спрема СРЈ/Србија. Хипотетички констатирано, ако по големиот притисок од меѓународните фактори за откажување од кршењето на ембаргото кон СРЈ/Србија и државниот шверц, претседателот Глигоров се спротивставил на носителите на организираниот криминал, тогаш можеби се создале криминални мотиви, кои се комплементарни со политичките мотиви за политичко-безбедносна дестабилизација на Република Македонија со примена на политичко насилство во облик на атентат.

9. Ако смислата на политичкото насилство, па и конкретно, на политичкото насилство во облик на атентати, се состои во предизвикување општествено-политички промени по насилен пат, постои веројатност дека целта на атентатот врз претседателот Глигоров не била обична физичка ликвидација на највисокиот претставник на државната власт, туку создавање базични и есенцијални услови за реинсталирање на владејачко-политичката инфраструктура (или нејзин дел) во државата, односно обид за инсталирање нов претседател на државата, а со тоа и промена на внатрешнополитичката состојба во државата, промена на нејзините надворешнополитички определби (веќе поставените магистрални правци во надворешната политика, особено одлуката за стапување во членство во НАТО и во ЕУ, како и балканската политика на Република Македонија), како и неутрализирање на сите елементи што ги сочинуваа независноста и сувереноста на Република Македонија и стопирање на сите процеси што ги одржуваа таа независност и сувереност.

Последен обид за ликвидирање нанезависноста и сувереноста на Република Македонија

Конкретизирано, атентатот, не само како терористичка операција, туку и како офанзивна политичка операција, најверојатно, претставуваше последен обид на некои од надворешните и/или внатрешните носители на политичко-радикалните аспирации за ликвидирање на независноста и сувереноста на Република Македонија или, пак, нејзино инсталирање во конкретна регионална (можеби југословенска/српска) сфера на политичко, економско, безбедносно и културолошко влијание. Од операционализацијата на политичката и безбедносната емпириска реалност во периодот по атентатот, може да се констатира дека немаше видливи и манифестни промени во внатрешнополитичката состојба и надворешнополитичките определби на Република Македонија. Имено, од аспект на политичките и пошироките општествени ефекти на атентатот, би истакнал дека освен што истиот тој имаше особено политичко значење за Република Македонија, поблиското опкружување, а најверојатно и за одредени државни и недржавни субјекти во поширокото опкружување, отсуствуваа манифестни, витални и стратегиски политички ефекти, односно во Република Македонија, продолжија веќе почнатите процеси на внатрешен, како и на меѓународен билатерален и мултилатерален план. Целите на атентатот разгледуван како офанзивна политичка операција не се операционализираа и не се конкретизираа во реална и оперативна политика во Република Македонија, односно политичката волја на инспираторите, организаторите и извршителите (сторителите) на ова кривично дело против државата, не се трансформира во политички факт(и), кој ќе обликува нова општествено-политичка реалност во Република Македонија (и регионот). Имено, Република Македонија и понатаму опстои како независна и суверена држава, зачувувајќи ги магистралните правци во надворешната политика, меѓу кои, како едни од клучните правци – зачувување и унапредување на надворешнополитичките определби за евроатлански интеграции, како и зачувување на определбите за нестапување во сојуз со други држави.

Индицирано постоење на политички мотиви за политичко-безбедносна дестабилизација

И конечно, и покрај научно неповолниот информациски дефицит за овој облик на политичко насилство, преку развивањето систем на квалитативни, симултани и комплементарни индикатори/индиции се фундира логичка основа на сомневање во однос на мотивациската основа за извршување на атентатот. Оваа логичка основа на сомневање како краен емпириски фундиран научнотеориски исход го има само формирањето и поставувањето на една од можните хипотези/верзии. Имено, со одреден (иако низок) степен на основаност и веројатност ја формирав и поставив следната хипотеза/верзија за мотивациската основа за атентатот врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров: „Негативните реакции на одредени надворешни и/или внатрешни државни или недржавни субјекти на создавањето и опстојувањето на Република Македонија како независна и суверена држава на Балканот и на нејзините надворешнополитички определби за нејзиното нестапување во сојуз со друга држава и стапување во членство на НАТО и на ЕУ, во комбинација со нивните негативни реакции на одлуката на претседателот Глигоров за спротивставување на организираниот криминал произлезен, меѓу другото, и од непочитувањето на ембаргото кон соседните држави, индицираат постоење на политички мотиви кај овие субјекти за политичко-безбедносна дестабилизација на Република Македонија преку практикување политичко насилство во облик на атентат.“

Гоце Аризанкоски, дипл. криминалист и поранешен претседател на Форумот за безбедност

Продолжува

(Утре: Сеќавање на Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието)