Фото: Маја Јаневска-Илиева

Конечните прашања ги прават претседателите на комисиите, кои се универзитетски професори. Тие одговараат за структурата на тестот и за видот на прашањата. Меѓутоа, за издвојување е барањето на Државниот испитен центар (ДИЦ) во структурата на прашањата да не биде вградена методологијата на т.н. трик-прашања. Тие да не бидат двосмислени и да имаат насока да ги извлечат генералните знаења на учениците. Ваквите размислувања се во контекст на актуелниот амбиент со пандемијата и отежнатите услови и за учениците и за професорите при пренесувањето и усвојувањето на знаењата во изминатиов ковид-период од една година

ЗА МАТУРАНТИТЕ ЌЕ БИДАТ ЗЕМЕНИ ПРЕДВИД OТЕЖНАТИТЕ УСЛОВИ ЗА УЧЕЊЕ

Надлежните комисии што работат на подготовките на испитните прашања што ќе бидат дел од државната матура, периодов интензивно ги подготвуваат испитните програми и прашањата за претстојните полагања.
Како што информира директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска, сѐ се одвивало според акцискиот план. Работните групи, во кои учествуваа и претставници на Сојузот на средношколци, за екстерните испити веќе ги скратиле испитните програми.
– Веќе се готови испитните програми за екстерните испити. На 5 јуни ќе се полага првиот екстерен предмет (Мајчин јазик) и на 11 јуни ќе се полага вториот екстерен предмет – Математика или Странски јазик. А интерните испити до крајот на јуни ќе си ги организираат училишните матурски комисии. Работните групи договорени со Сојузот на средношколци, за екстерните испити ја завршија работата, ги скратија испитните програми и комисиите кај нас во ДИЦ тие програми ги ревидираа – вели Наумовска.
Подготвувањето на прашањата е работа на Државниот испитен центар и на испитните комисии. Испитните програми ќе се објават на сајтот на ДИЦ и матурантите ќе ги имаат сите информации, односно ќе знаат што е скратено, т.е. што треба да се учи.
– Учениците ќе ги добијат скратените испитни програми. Тежината на прашањата за екстерните предмети е поголема отколку онаа на интерните испити. Дали ќе бидат тешки или лесни, е релативна работа. Конечните прашања ги прават претседателите на комисиите, кои се универзитетски професори. Тие одговараат за видот на прашањата, за структурата на тестот. Тоа што ние го баравме како ДИЦ од нив, е прашањата да не бидат трик-прашања, да не бидат двосмислени и да ги влечат погенералните знаења на учениците. Ова го правиме затоа што имаме разбирање за тоа што учениците учат во вонредни услови – вели директорката.

Во однос на програмите за интерните предмети, ДИЦ ќе им даде насоки на училиштата, односно на матурските комисии. Тие ќе бидат информирани за роковите за прво и за второ полагање, за августовската сесија, каде да ги најдат испитните програми и како да се организираат внатре. За интерните предмети учениците ќе добијат базен на прашања без решенија, три недели пред полагањето на интерните испити.
Минатата учебна година, со одлука на Владата, беше укинато полагањето државна матура поради пандемијата на ковид-19. Годинава, иако ситуацијата не е подобра во однос на лани, и иако матурантите следат настава цела година онлајн, сепак надлежните одлучија испитот на зрелоста сепак да се реализира. Претставници на Сојузот на средношколци повеќе од две недели ја бојкотираа наставата барајќи од надлежните да им излезат во пресрет на барањата, односно да се намали бројот на предмети што треба да се полагаат. На крајот се договорија дека предмети нема да се кратат, но дека ќе се крати од материјалот за учење.
Новина од оваа учебна година е тоа што матурантите можеа да изберат проектна задача во форма на реален личен проект, творба или настан. Крајната цел беше да бидат креативни и критични, активни и да направат нешто корисно за заедницата, како и да го прикажат својот младински активизам.