Министерот за правда, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел се сретна со потпретседателката на Европската комисија за транспарентност и вредности, Вера Јурова.
Како што информираат од ресорното министерство, на средбата се разговарало за реформите во земјава со фокус на оние во правосудството, владеењето на правото, но и за европските интеграции.
Маричиќ на Јурова ѝ ја пренел одлучноста на Влада да продолжи со европската агенда и дека земјава со засилено темпо ќе продолжи да ги спроведува реформите со цел носење на европските стандарди дома, а, како што рекол, тоа е и главната причина за носењето и спроведувањето на планот „Европа дома“.
Министерот за правда на потпретседателката на Европската комисија ѝ го образложил и планот за дигитализација на македонското судство. Според Маричиќ, дигитализацијата и онлајн судењата ќе обезбедат побрзи постапки и континуитет на истите.