Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски апелира собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, со која претседава ВМРО-ДПМНЕ, да работи без престан и секојдневно се додека не заврши амандманската расправа за Предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, и ја повикува опозицијата да заборави на тесните партиски игри и да го стави интересот на граѓаните на прво место.
– Не сме против дебата за амандманите, но треба да заврши во разумно време. Претениците од ВМРО-ДПМНЕ се против јавна расправа, односно јавно претставување на кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, рече Манчевски на денешната прес-конференција во Владата и додаде дека прават се само да продолжи мандатот на актуелните раководства во МРТ и АВМУ од кои голем дел се партиски членови и сегашни и поранешни високи партиски функционери во ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека веќе четири месеци опозицијата со бескрајни дебати по однос на поднесените амандмани го кочи усвојувањето на законот за медиуми.
– Се одржаа само шест седници на Комисијата на кои успеавме да поминеме само седум амандмани, а ни остануваат уште 67. Со оваа динамика законот ќе биде усвоен за 2,5 години од сега, рече Манчевски.
Тој нагласи дека е уште позагрижувачка содржината на амандманите. Во измените, посочи, се предлага задолжителната програма на МРТ од домашна продукција да се намали од сегашните 50 на 40 отсто, а во амандманите ВМРО-ДПМНЕ бара и намалување и зголемување и предлага да биде од 30 до 70 отсто во седум различни амандмани.
– Македонија е веќе препознаена како светла точка со реформите кои ги правиме во медиумската сфера. Тоа мораме заедно и сите да го оправдаме. Нема да дозволиме Македонија никогаш повеќе да биде оценета како неслободна држава каде медиумите работат под притисок, уцени и страв. Регулаторните тела и особено Националниот радиодифузер и медиумите треба да се остават на медиумските работници. Во тоа силно веруваме и нема да се откажеме од таа цел, рече Манчевски и нагласи дека еднаш и за секогаш политиката мора да ги тргне своите раце од медиумите, а токму новиот закон е шанса за тоа.