За жал не може да се каже дека прифатената позиција на Владата и парламентот на Република Бугарија изненадува – таа е плод на 66 годишен развој на тоталитарната националистичка мисла и организиран прогон на македонското малцинство во Бугарија. Неизлечениот тоталитаризмот од внатрешен проблем сега станува меѓународен – Бугарија се обидува да претвори во услов за членство во Европската Унија прифаќањето на нејзината дискриминаторска политика. Се обидува да го негира и смени идентитетот на луѓето во Македонија како што непречено го прави тоа веќе 66 години со Македонците во Бугарија, се вели во реакцијата на неколку македонски организации во Бугарија по усвоената Декларација на бугарскиот Парламент за условената поддршка на датумот за преговори за членство во ЕУ на Македонија.
Според нив, со својата политика и позиција Бугарија се стреми да ја исполни изреката дека со такви пријатели како неа на Македонија други непријатели не ѝ требаат. Таа многу брзо заборави како Македонија некогаш ја пушти да почне преговори за ЕУ без да ѝ поставува услови.
– Владата на Бугарија треба да престане да се преправа дека македонско малцинство не постои. Нема зошто да им се заканувате за нас на други држави. Не го поставуваат тие тоа прашање, туку ние, граѓаните на Бугарија со македонска самосвест. Наместо да продолжи да го игра овој театар на сенките, подостојно би било Бугарија да ги прифати препораките на сите меѓународни институции и да почне да разговара со претставниците на македонското малцинство. Треба да ја запре дискриминацијата и асимилацијата и да почне да ја применува Рамковната конвенција за правата на малцинствата. Позицијата на Бугарија директно ги нарушува фундаменталните принципи на демократијата, правата на човекот и меѓународниот поредок. Таа е директно насочени против: принципот на слобода на национално, етничка и јазична самоидентификација; принципот за суверена еднаквост на државите и забрана за мешање во внатрешни работи на други држави; исклучокот од горното правило според кој правата на припадниците на националните малцинства се составен дел од меѓународната заштита на човековите права и нивната заштита не се третира како мешање во внатрешната работа на државите, слободата на мислење и изразување, академската слобода, и слободата на научните истражувања; правото на образование, на приватен и семеен живот и пристапот кон културата и културното наследство…Позицијата е скандалозна по содржина, апсурден обид да се зачува една тоталитарна идеологија и претвори во услов за членство во Европоската Унија. Бугарија не смее да ја злоупотребува својата позиција на членка на ЕУ за да шири и наметнува тоталитарни практики. Таа треба да запре да ги користи политичките инструменти за да ја искривува научната вистина, да се обидува да ја пренапише историјата и да им го менува идентитетот на луѓето, дури до степен да негира меѓународно признат и изучуван низ универзитетите низ светот јазик и да го претвора неговото објективно постоење во политички проблем. Политиката треба да се базира на реалности, а не на фикции од комунистичкото минато. Крајно време е бугарските демократи да го остават духот на Тодор Живков конечно да си отиде – се вели во соопштението.
Тие сметаат дека е лицемерно и срамно е да го бараш од другите она што ти самиот на го правиш: да бараш признавање и почитување на малцинства кога ти самиот ги негираш и дискриминираш малцинствата; да претендираш за рехабилитација на жртви на национална дискриминација, кога самиот ги немаш признаено и оправдано стотиците свои граѓани убиени или праќани во затвори и логори, илјадниците иселувани, тепани, бркани од работа и малтретирани на различни начини заради својата македонска самоопределба и самосвест; да се жалиш нa говор на омраза кога кај тебе таа е неофицијално озаконета и претворена во норма на поведение; да се жалиш од дискриминација кога постојано го правиш тоа.
– Бугарија бара да измисли раска во окото на Македонија занемарувајќи и оправдувајќи ги гредите во своето. Фактите се неспорни. Бугарија е осудена 13 пати во Стразбур за тоа што ги дискриминира Македонците, додека Македонија е осудена само еднаш за дискриминација на Бугари. Ја повикуваме Бугарија како членка на ЕУ да ѝ даде пример на Македонија откако самата ќе ги примени европските принципи, да почне да ги почитува правата на Македонците во Бугарија, да го запре говорот на омраза и да даде пример за добрососедство откажувајќи се од сите услови кои не се дел од нормалните услови за европска интеграција, како и од намерата да ја злоупотреби својата позиција на земја членка. Да ѝ стави крај на политиката на негирање, дискриминирање и асимилирање на Македонците – последната тоталитарна политика во европскиот сојуз. Го повикуваме европскиот сојуз и секоја држава членка да ја вразумат Владата на Бугарија и да не ѝ дозволуваат да ја срамоти ЕУ со апсурдните услови што ги поставува и да побараат од неа – самата да ги исполни условите задолжителни за секоја една европска членка. Ние нема да престанеме да постоиме само затоа што на некого во Софија многу му се сака и му се верува дека не треба да не има – се вели во писмото чии потписници се ОМО „Илинден“ – ПИРИН, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, Граѓанско друштво за заштита на основни индивидуални човекови права, Македонски дискусионен клуб за етничка толерантност, Правозаштитен комитет Толерантност, весникот „Народна волја“ и билтенот „Македонски глас“.