Речиси една година по влезот во НАТО, канцелариите на Македонија во седиштето на Алијансата сѐ уште се празни. Ригорозните проверки за добивање безбедносен сертификат придонесуваат сѐ уште да немаме свој воен претставник во Брисел. Во тек се и деталните проверки за тоа кој и во колкав обем ќе има пристап до доверливите информации што ќе ни ги стави на располагање Алијансата
Безбедносните сертификати како повод
Според досегашните публикувани информации по спроведената НАТО-проверка, точно 600 припадници на армијата ќе добијат безбедносен сертификат. Тој сертификат ќе има четири степени на вертикална моќ и важност. Со највисокиот степен (или т.н. топ сикрет) ќе располагаат од три до пет лица во Македонија.
Во Канцеларијата за безбедност на НАТО испратени над 100 досиеја на македонски офицери
Според информации на државните власти, досега во Канцеларијата за безбедност на НАТО се испратени над 100 досиеја на македонски офицери, од кои дел добиле безбедносни сертификати. За дел постапката е во тек, а засега има одбиено барања на двајца претставници.
Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски во своето последно јавно обраќање на оваа тема истакна еден интересен, а наедно и отрезнувачки став. Имено, професорот истакна дека „кога партиите досега не успеале да направат декриминализација, ветинг и департизација, тоа ќе го сторат партнерите од НАТО“.
– Најдобро ќе биде политичките партии да ги тргнат рацете од одбраната и безбедноста, затоа што ќе си ги изгорат прстите. Двете македонски политички партии, како и албанските партии, во изминатите 29 години им кумуваат на партизацијата и политизацијата на одбранбено-безбедносниот систем – смета професорот.
Според Ѓуровски, дојде „време за воспоставување јасни правила на игра и работа во воената служба за безбедност и разузнавање, како и регулирање на партиското ангажирање офицери и професионални војници“.
Професорот Ѓуровски резимира дека „кај безбедносните сертификати на НАТО нема место за партиско -политички комбинаторики и импровизации“.
И досега постоеле проблеми во функционирањето на Собранието и во Владата поврзани со поседувањето на безбедносните сертификати
Павле Трајанов, кој безбедносните појави и проблеми ги следи уште многу одамна, истакнува дека „и досега имало одредени проблеми во функционирањето на Собранието и на Владата, поврзани токму со поседувањето на безбедносните сертификати на избраните и именуваните функционери“.
– Според функцијата, често има ситуации кога функционерите треба да добијат материјали од доверлив карактер. Доколку функционерот нема безбедносен сертификат, не може да присуствува на седница на која се расправа за прашања класифицирани како доверливи – вели пратеникот
Трајанов укажува дека безбедносните сертификати формално ги издава Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации, со што функционерите и државните службеници добиваат зелено светло да можат да добиваат и да користат класифицирани документи.
Според Трајанов, доколку некое македонско официјално лице треба да замине на служба во НАТО, секако, поминува низ проверка на соодветните институции на организацијата.
Тој објаснува дека некои од стандардните критериуми за добивање безбедносен сертификат се: лицето да не е осудувано, да не се води судска постапка против него, да нема повеќе државјанства на земји што не се дел од НАТО…, бидејќи лицето што претендира да има пристап до доверливи информации на Алијансата мора да биде целосно во согласност со тамошните стандарди.
Пропишани строги критериуми, но постојат и непишани морални и етички норми
Во разговор со повеќе познавачи на безбедносни појави, правила и прописи, тие ја истакнуваат и другата, ненапишана и некодифицирана страна на стекнувањето на безбедносниот сертификат и користењето класифицирани информации. Имено, тоа се моралните и етичките норми при менаџирање со доверливите документи, информации и податоци. Во тој контекст, добиеното сертифицирано право на користење класифицирани информации значи и обврска тие да се чуваат, заштитуваат и користат целисходно, во согласност со прописите. Свежи се сеќавањата од поблиската историја, по осамостојувањето на нашата земја, на голем број примери на обелоденување документи со класифициран карактер. Низа строго доверливи информации излегувале во јавноста инволвирајќи лица и настани, заради политичко-партиски или други парадржавни интереси на групи или касти што ги подјадувале државата и националните интереси и го девастирале системот. Дури и дебатите за т.н. бомби, кои и ден-денес продолжуваат, а кои ги ставаат јавниот интерес и значење наспроти карактерот за класифицираноста на информациите, останаа недоречени и нејасни. Употребата и менаџирањето на доверливите иформации единствено треба да се во функција на граѓаните, на јавниот интерес, на подобрување на општествениот систем, а тоа на сертифицираните корисници на доверливите информации треба да им е јасно. Колку што треба да им е јасно дека „документите и прочитаното се само за нивните очи“, а не за партиските или за други „кујни“. Во спротивно, НАТО ќе ни дели сѐ помалку безбедносни сертификати.