Административните процедури, регистрацијата на вакцините во секоја држава посебно и постапките за набавка се процеси што ја отежнуваат вакцинацијата на населението, не само во Македонија туку и во земјите во Европа.
Дополнителен проблем е и нефункционалноста на механизмот „Ковакс“ на Светската здравствена организација, кој требаше да овозможи правична распределба на вакцините до сите држави.
Еден месец откако почна употребата на вакцината, голем број држави немаат достапност до неа. Македонија е една од нив, која се обидува преку разни начини да ги обезбеди првите дози. Засега најизвесни се 8.000 вакцини од Србија, но и за нив има административни пречки.
Според најавите на здравствените власти, најоптимистичкиот период за кога се очекува да стигнат првите дози на „Фајзер“ е февруари годинава.
Во јавноста, од една страна, има многу критики зошто толку чекаме за вакцините против ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче веќе најави дека првите 5.850 дози вакцини од „Фајзер“ ќе ги имаме во февруари, а во март треба да стигнат уште 17.550 и најмалку уште толку во април. Според него, сите вакцини што ќе пристигнат во земјава ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни.

Според протоколите и методологиите за вакцинација, здравствените власти велат дека веќе се направени анкети мег?у здравствените работници, кои се изјасниле дали веднаш или по шест месеци би ја примиле вакцината.
Тие имаат и точна бројка на граѓани со хронични болести, кои се исто така приоритет во вакцинирањето. Во меѓувреме расте незадоволството и во Македонија и во Европа поради доцнењето со вакцинирањето и последиците врз граѓаните.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека не може да ги укине мерките воведени за спречување на коронавирусот сè додека не се изврши масовна вакцинација на луѓето.
– Не ни требаат објаснувања, туку вакцини. Се надевам дека министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, кој е во Москва за да преговара за вакцините, ќе обезбеди договор за набавка на руската вакцина „спутник 5“-посочи Орбан.
Тој смета дека најдобриот пристап е да се одобри употребата на неколку вакцини против коронавирусот, за да се поттикнат побрзо производство и испорака на вакцини. Според него, кога здравствените работници, старите лица и оние што работат во првите редови ќе ја примат вакцината, може да почнат разговори за олеснување на мерките.

Унгарската агенција за лекови ја одобри употребата на британската од „Астра Зенека“ и на руската вакцина „спутник 5“. Унгарија на тој начин стана првата земја на ЕУ што ја одобри руската вакцина, за која европскиот регулатор сè уште нема дадено зелено светло.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера се заблагодари на понудата на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, македонските лекари од ковид-центрите да се вакцинираат во Србија. Сепак, посочи дека нашите лекари ќе се вакцинираат дома и дека, според планот за вакцинација, тие се први меѓу приоритетните групи.
Тој изјави дека во разговор со претставниците на „Фајзер“ во Белград се работи на двата договора за вакцините на „Фајзер“, односно и за тие што земјава ги купила од компанијата и за вакцините што е договорено да ги купиме од Србија.
– Сметам дека ние тука сосема добро можеме да го спроведеме процесот на имунизација. Благодарам на поканата, ние ќе останеме тука да ги вакцинираме сите наши граѓани. Разговаравме со претставништвото на „Фајзер“ во Белград и таму се работи на двата договори, прво на нашиот драфт-договор за нашите 800.000 дози и за дозволата српските власти да ги дадат фајловите за ние да ги увеземе тие вакцини во нашата земја. Причината зошто процесите одат бавно е зашто тие се под голем притисок и комуникација со сите земји во светот – изјави Филипче.

[email protected]