Меѓународната заедница, мултилатералните институции, самите европски држави, како и меѓународното право, содржат во себе и институционални и процедурални лостови и инструменти што чекаат да бидат активирани доколку постои меѓународна волја за вистината, правдината, демократијата и принципиелноста да стапат на меѓународната сцена во врска со прашањето за Македонија и македонскиот народ. Доколку егоистичните, па и криминални интереси преовладаат и меѓународната заедница повторно замижува за фактите поврзани со македонското прашање, тогаш, сепак, во крајна инстанца, постои уште еден легален, иако краен потег на македонската страна, која легитимно, со дипломатска нота, може „да го потопи Преспанскиот договор во Преспанско Езеро“, вклучувајќи го со него и „добрососедскиот бугарски договор“
Ако меѓународната заедница продолжи да биде „слепа и глува“ за обврските на Грција од Договорот од Нивици
При неодамнешната посета на македонскиот претседател Стево Пендаровски на Грција, одредени „дискретни“ индикации само потврдија дека грчката страна нема намера доследно да го спроведува Преспанскиот договор, а истиот тој го користи тенденциозно само да ја уценува земјава и целосно да го избрише македонизмот од овие простори. Македонскиот претседател при посетата мирно, достоинствено и стоички поднесе неколку смислени провокации од грчката страна, кои, во најмала рака, беа недостоинствени и провокативни и за македонската нација и за институцијата претседател.
Постојаното инсистирање од грчка страна и од меѓународната заедница на целосно спроведување на Преспанскиот договор очигледно е претворено во обврска само за Македонија. Грција упорно одбива да ги промени таблите на кои пишува „Скопиа“, деградирајќи ги обврските од меѓународниот договор на ниво на локални, комунални обврски на општини во Грција, кои уживаат самостојност во своите одлуки (?!), со плус образложение дека луѓето во северниот дел на земјата „се чувствителни на новото име на соседната земја“(?!)
Ако Грците населени во Егејска Македонија се „чувствителни“ на зборот Македонија, дури и кога пред него има географска одредница, тогаш зошто Македонците што живеат во Македонија да не бидат уште почувствителни кога им се забранува предзнакот „македонски“ дома, во нивната држава, и целосно им се менува националниот идентитет.
Преспанскиот договор му ставил точка на македонизмот?
Однесувањето на Грција, дури и отворените изјави на тамошните политичари дека не се задоволни со Преспанскиот договор, иако будно ја мониторира секоја точка од документот кога станува збор за обврските на Македонија, одново ја актуализира темата дали нашата земја, бидејќи не се исполнети целите поради кои беше потпишан, еднострано треба да го раскине договорот со јужниот сосед.
– Јас сум човек што се залага за еднострано раскинување на штетниот и нелегален Преспански договор по пат на дипломатска нота до другата страна -Грција, врз основа на членот 53 од Виенската конвенција за правото на договори од 1969-та (во врска со раскинување повикувајќи се на правото јус когенс). Со ова писмо-нота се изразува државна волја за раскинување на Преспанскиот договор поради прекршување на основните императивни норми од меѓународното право јус когенс (т.е. се праќа дипломатска нота како едностран правен акт до другата страна, со предмет раскинување на договорот) – предлага професорот по меѓународно право на Белградскиот универзитет, Игор Јанев.
Професорот понатаму ја појаснува правната постапка како би требало да се реализира овој чин, што на крајот би требало да резултира со признавање на уставното име „Република Македонија“ од страна на Обединетите нации.
– По праќањето на оваа нота до Грција (за раскинување на договорот), се праќа и дипломатска нота-известување до ООН за овој правен и политички чекор (т.е. за раскинот), имајќи предвид дека сведокот во договорот е претставник на ООН. Истовремено, се праќа и посебна нота со која се бара на дневен ред на следното Генерално собрание на ОН да се стави како точка на агендата на Собранието на ОН продолжување на членскиот статус на државава под името „Република Македонија“ (т.е. името под кое првобитно аплициравме во ООН, во 1993-та) – нагласува Јанев.
Грција знаеше дека се потпишува нелегален договор,
а меѓународната заедница?
Според него, постојат повеќе причини еднострано да се раскине Преспанскиот договор, а како најиздржана е онаа што се однесува на нелегалноста на самиот договор потпишан во Нивици.
– Самиот Преспански договор не е само „штетен“, како што најчесто се вели, туку е и нелегален договор, и според меѓународното право, но и според фактот дека е потпишан неовластено, а потоа и актот за ратификација е парафиран од неовластено лице. Со нелегалната домашна (уставна) постапка и фактот дека ова беше познато и на другата страна (Грција), се креирани причини за раскинување на договорот предвидени во членот 46 од Виенската конвенција за правото на договори од 1969 година, односно одредбите што се однесуваат на домашните пропусти, грешки или нелегалности – прецизира професорот Јанев.
Тој алармира и на суспензијата на зборот „Македонија“ во Обединетите нации и забраната тој да се употребува од македонска страна, бидејќи овој термин исклучиво се врзува за дел од Грција.
– Имено, според Преспанскиот договор, целата службена комуникација и официјалното претставување во ООН и специјализираните организации на ОН (односно „системот на организираната меѓународна заедница“) мора да се со префиксот „Северна“, во спротивно лажно се претставуваме. За една држава не е прифатливо и не е легално, според меѓународното право, бесконечно долго време да биде под идентитетска забрана во ООН – констатира Јанев, дополнувајќи дека Македонија мора да се ослободи од таквата забрана наметната од ОН, за да не остане вечно стигматизирана со деноминацијата со „Северна“.
Македонија е правно дискриминирана во ООН
Професорот во сето ова препознава правно дискриминирање на Македонија во однос на другите земји-членки на ОН и од тие причини уште поцврсто инсистира на раскинување на спогодбата од Нивици.
– Македонија не е рамноправна со другите земји-членки на ОН, односно нашата држава е правно дискриминирана и по раскинувањето на Преспанскиот договор со нота (како едностран правен акт), Генералното собрание на ОН на (следната) седница треба да ја разгледа резолуцијата што ја бара земјава да го продолжи своето членство во организацијата под (претходното) уставно име „Република Македонија“ – истакнува Јанев.
Тој потсети на фактот дека пред потпишувањето на Преспанскиот договор, над 140 членки на ОН ја признале земјава под нејзиното уставно име „Република Македонија“.
– Сега е време овој потенцијал да се искористи во Генералното собрание на ОН. Не се работи за „македонизмот“, туку само за одбрана на основното човеково право на национална припадност и изјаснување според нормата на самоопределување на народот и нацијата. Секој идентитетски договор според меѓународното право е нелегален – смета професорот по меѓународно право од Белградскиот универзитет, потсетувајќи дека во историјата има потпишано само два такви документа, и двата ги потпишала Македонија.
Крајна цел бришење на Македонците од овие простори
За професорот Јанев, со нелегалниот Преспански договор се извршени етноцид и културоцид, со единствена цел тука да нема Македонци, а со ставањето на параф на документот во Нивици таа цел е остварена.
Тој уште ја појаснува правната терминологија зошто земјава треба да не се откажува и да го раскине, а не да го поништи договорот со Грција.
– За разлика од поимот „поништување“, кој се врзува за домашното анулирање на актот, поимот „раскинување“ по правило се однесува на надворешно дипломатско дејство и има меѓународноправни последици, односно самиот акт еднострано (поретко двострано со ноти) се укинува преку изјава упатена до другата страна-договорничка преку дипломатска нота. Раскинувањето (надворешен акт) претставува неопходен правен механизам за анулација на меѓународните договори на меѓународен план – прецизира професорот Јанев, образложувајќи зошто треба да се раскине Преспанскиот договор.