Трошоците за секој вид интеревнција ги одредува странската здравствена установа, за што се доставува профактура во која се наведува вкупната сума за лекувањето. Најчесто тоа се од 20.000 до 30.000 евра, велат надлежните

ЗА МЕДИЦИНСКИ ТРЕТМАНИ ШТО НЕ СЕ ПРАВАТ КАЈ НАС

До ФЗО во 2020 година биле поднесени 77 барања од родители за лекување на нивните деца во странство. Од нив, 69 барања биле одобрени и децата биле упатени на лекување. Како што информираат од оваа институција, во 2021 година досега се поднесени 13 барања од родители за лекување на нивните деца во странство. Од нив, 10 барања се одобрени и децата се упатени на лекување.
Од Министерството за здравство велат дека не само за децата туку и за возрасните лица за секоја интервенција што е неизводлива во земјава се поднесуваат барања.
– За секоја интервенција што не може да се изведе во земјава осигуреникот (дете или возрасен) има право да поднесе барање за лекување во странство. Барањето го изготвува матичната клиника, во случајот кај децата тоа е универзитетската Клиника за детски болести или некоја од хируршките клиники и барањето се доставува до комисиите за лекување во ФЗОМ. Притоа ФЗОМ праќа барање дали конкретната операција може да се направи во некоја од приватните болници и доколу не, се бара референтен центар надвор. Притоа трошоците за целото лекување и доколку е потребен медицински транспорт, ги покрива ФЗОМ независно од висината на средствата – објаснуваат од Министерството за здравство.
Од ФЗОМ објаснуваат дека буџетот за лекување во странство зависи од вкупно одобрените барања од страна на лекарските комисии за лекување во странство.
– Буџетот се планира во согласност со направениот расход за таа намена во претходната година и трендот на овој тип расход од претходните години. Посебен буџет за лекување на деца во странство нема – вели м-р Ирфан Лимани, директор на Секторот за комуникации и административна поддршка.

Од ФЗОМ информираат дека освен во странство, Фондот има склучено рамковни договори со приватни здравствени установи во државава за здравствени услуги за кои се исцрпени можностите за лекување во јавните здравствени установи. Оттука лекарските комисии го упатуваат осигуреното лице во приватните здравствени установи во Македонија, кои ги обезбедуваат бараните здравствени услуги што ги нема во јавните здравствени установи.
Во однос на тоа за каков вид лекување или операции во странство се работи што тука не може да се направат, надлежните велат дека најчесто се работи за неврохируршки заболувања (третирање на АВ-малформации, хируршки интервенции на епилепсија, отстранување тумор) и ортопедски заболувања (ресекција и реконструкција), за кои не постојат технички можности за вршење на интервeнциите на Клиниката за неврохирургија и на Клиниката за ТОАРИЛУЦ во Скопје. Исто така, на лекување во странство се упатувани и деца со специфична здравствена состојба, за лекувања што не можат да се вршат во земјава, за кои Клиниката за детски болести во Скопје дава предлог за лекување во странство. Трошоците за секој вид интервенција ги одредува странската здравствена установа, за што се доставува профактура во која се наведува вкупната сума за лекувањето. Најчесто тоа се од 20.000 до 30.000 евра – информира м-р Ирфан Лимани, директор на Секторот за комуникации и административна поддршка. С.К.