Левица поднесе претставка до Уставен суд за оспорување на уставноста на донесениот Закон за попис. Партијата смета дека спроведувањето на попис за време на пандемија е кривично дело и дека е спротивен на задолжителните норми на меѓунарното право и на стандардите на Еуростат.
– Прво, сметаме дека спроведување попис во време на пандемија е спротивно на позитивното кривично право кое предвидува кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, како и членот 39 од Уставот кој вели дека должност на секој граѓанин е да го чува и унапредува како сопственото, така и здравјето на другите. Вториот основ по којшто го спориме овој закон е тоа што тој е спротивен на задолжителните норми на меѓунарното право и на стандардите на Еуростат. Имено, со цел да се шверцува во собраниска процедура му беше ставено европско знаменце, но сите пет ЕУ-регулативи кои се наведени, во суштина се лажно фингирани. Нема законски дефиниции, нема утврдена методологија, нема образец на прашалник, нема резидентно население – изјави претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Исто така, додаде тој, сметаме дека е спротивно на неповредливоста на домот и ја повредува приватноста гарантирана во Европската конвенција за човекови права, со тоа што дава можност да се даваат лични податоци кои се законски заштитени за отсутен член на домаќинството.
– Четвртиот основ по којшто ќе го спориме овој закон е владеењето на правото. Имено, Законот за попис е во директна колизија со дури три специјални закони кои се однесуваат на Системот на кризен менаџмент, кој е веќе покренат. Имено, до 30 јуни имаме прогласено кризна состојба и до овој датум не е возможно правно да се спроведе попис. Тие закони се: Законот за управување со кризи, Законот за заштита на населението од заразни болести и Законот за заштита и спасување – рече Апасиев.