Целосно ја поддржувам владата да ја заврши својата работа, порача грчката министерка за туризам Елена Кундура за агенцијата АНА-МПА, која е од редовите на Независни Грци, партија која вчера ја напушти владината коалиција.
-Јасно ја поддржувам владата да ја заврши својата работа. Свесно останувам далеку од ситни политички игри и како и во текот на целата моја политичка кариера, така и сега ќе продолжам да одам напред со сериозност, одговорност и единствен критериум, националниот интерес – додава Кундура.
Таа за АНА-МПА објаснува дека владата напорно работеше за конечен излез на Грција од меморандумите и мерките за штедење и затоа „не може да се дозволи да се прекине патот на земјата кон развој и просперитет и да се поништат жртвувањата на грчкиот народ“.
Министерката за туризам се наоѓа во Кина на планирано патување на владината делегација, затоа и не беше присутна на вчерашната прес конференција на лидерот на Независни Грци. Но, нејзиното име доста често, во изминатиот период во Грција се споменуваше меѓу имињата на пратениците кои ќе му завртат грб на Панос Каменос и освен што ќе ја поддржат владата на Ципрас, може да гласаат и за Договорот од Преспа.