Политичкиот речник што се користеше за време на кампањата одеше дотаму што се демонизираше политичкиот соперник и се вадеа сите валкани алишта, сè во обид да се дискредитира противникот и на тој начин да се освојат повеќе гласови. Истите тие што до вчера „не можеа да се смислат еден со друг“, сега треба да седнат на иста маса и да договорат како да ја водат државата во следните четири години. Дали желбата за власт ги помирува и најлутите политички ривали
Валканата кампања пречка за состав на новата влада
Исклучително валканата предизборна кампања заврши, изборите поминаа, а сега истите оние политичари што меѓусебно си разменија редица тешки зборови, меѓу кои и навреди, сега треба да седнат на иста маса и да договараат можно коалицирање.
Токму речникот што го употребуваа за време на кампањата одеше дотаму што се демонизираше политичкиот соперник, се вадеа сите валкани алишта, сè во обид да се дискредитира противникот и на тој начин да се освојат повеќе гласови.
Она што сега доаѓа до израз е лицемерството, бидејќи истите тие што до вчера „не можеа да се смислат еден со друг“, сега треба да седнат на иста маса и да разговараат како да ја водат државата во следните четири години.
Причина за дополнителна загриженост е и нивото на меѓусебна доверба, но и усогласеност на различните партиски програми, бидејќи ако не постои доверба меѓу партнерите и нема допирни точки во нивните програмски определби тогаш функционирањето на државните институции повторно ќе нехармонично и неефикасно. Може да се случи секој функционер сметките да ги полага пред партискиот шеф, наместо пред институцијата со која раководи.
Такво искуство државата веќе искуси со функционерите од редовите на ДУИ, партија што и сега се посочува како клучен играч при составувањето нова влада, а нивниот услов сега е да има Албанец премиер, што и обајцата лидери од македонскиот блок предизборно го одбија.
Но прашањето што сега се поставува е дали ќе се заборават предизборните речници и ќе надвладее „прагматизмот“ за државата што поскоро да добие функционални институции во пресрет на есента, за кога се најавува нов бран на коронавирусот.
– Без оглед што си кажале за време на изборната кампања, желбата за власт кај политичарите ги надминува добрите комуникациски практики. Тоа што го прават политичарите е политичко лицемерство. Еднаш да кажуваш лоши работи за политичкиот конкурент, а потоа да седиш со него и да се договараш. Ние кога некој ќе нè навреди потоа не сакаме ниту кафе да испиеме со тој човек – вели професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет Викторија Кафеџиска.
Според неа, политичарите за време на изборна кампања мислат дека можат сè да кажат и потоа со обично извинување да поминат преку тоа.
– Дури и во изборна кампања треба да се внимава што се зборува. Сите се уморни од она што се случува, а на крајот од краиштата политичарите пак ќе седнат и ќе се договорат, без оглед што претходно си кажале еден на друг. Граѓаните се целосно збунети, за нив е несфатливо да се кажуваат такви работи и тоа води кон еден вид апатија, не само кај обичните луѓе туку и кај самото гласачко тело – појаснува Кафеџиска.
Таа уште додава дека сите кампањи треба да се водат со промоција на програми и образложување на понудата за граѓаните, но не само со промовирање туку и со чекорите како може да се оствари таа понуда.
Социологот Илија Ацевски вели дека клановската психологија на политичарите функционира на тој начин што кога се дели пленот, важат правилата на клановите.
– Обичниот граѓанин кога го гледа она што се случуваше во изборната кампања, за него е просто несфатливо количеството навреди што политичарите си ги разменија. Луѓето не можат да сфатат како сега истите тие луѓе седнуваат да се договорат да водат држава – вели Ацевски.
Според него, за ваков тип владеење како што има во Македонија, политичарите сметаат дека и нивното однесување е нормално.
– За да привлечат гласачи, се навредуваат, но за коалицирање важат други правила – истакнува Ацевски.