Во делови на Ирак и Сирија, Исламската држава (ИСИС) тивко и претпазливо почнува да се „крева од пепелта“, но ова, секако, не ѝ е првпат да успее да се спаси од клиничка смрт. Нејзината претходничка, ирачката Ал каеда, исто така успешно се реконструира откако беше речиси целосно поразена во текот на 2007/2008 година.
Анализа
ИСИС демонстрира исклучителна издржливост – речиси половина од сите терористички организации ја губат силата и пропаѓаат уште во првата година од формирањето, но таа преживеа во текот на речиси две декади, и покрај тоа што против себе имаше силна меѓународна коалиција, формирана за да ја порази и тргне од светската сцена. Ваквата жилавост можеби изгледа изненадувачки, но во суштина не е таква. Во изминатиов период, потпомогнати од огромна интернационална мрежа на соработници, сојузници и поддржувачи на ИСИС, милитантните групи се покажаа како многу тврд орев за меѓународната антитерористичка коалиција.
Најсеопфатно достапно досие за светските терористички организации
Во една од анализите на однесувањето на милитантните групации во изминативе 70 години ги внесовме сите познати здружувања помеѓу разни вооружени формации. Користејќи широк спектар извори на информации, ги идентификувавме фреквенциите, локациите и содржината на сојузничките односи. Дали групите споделуваа опрема и материјал или, пак, разменуваа средства? Дали ги координираа заеднички нападите, или соработката беше само чиста реторика – вклучувајќи завети и други јавни изјави – односно во реалноста без некоја поголема материјална размена?
Податоците до кои се дојде, а кои претставуваат најсеопфатно достапно досие за светските терористички, бунтовнички и востанички организации, откриваат неколку важни модели на однесување. Прво, во периодот помеѓу 1950 и 2016 година, милитантните групи развија многу пошироки мрежи одошто би можело да се очекува. Успеавме да идентификуваме речиси 15.000 случаи на соработка меѓу 2.613 најразлични вооружени организации, наспроти општоприфатениот став дека вооружените групи оперираат главно изолирано едни од други. Второ, со текот на времето, овие мрежи стануваа сѐ пообемни, зголемувајќи се како во однос на бројноста, така и на географската распространетост. Бројот на активни сојузи стабилно се зголемуваше во периодот од доцните 1960-ти до раните 1980-ти, растејќи од околу 50 до речиси 175, што во основа соодветствуваше на бранот на европска деколонизација и напливот на комунистичките движења во Западна Европа, Латинска Америка и Југоисточна Азија. По краткотрајното затишје кон крајот на 1980-тите, сојузите повторно „надојдоа“, достигнувајќи ја својата кулминација некаде околу 2010 година. Во овој последен бран доминираа здружувањата меѓу разните вооружени исламски групи, кои најчесто беа мотивирани и произлегоа како последица од присуството на американските воени сили во Авганистан и Ирак. Блиските односи подразбираа чести размени на огнено оружје, експлозиви и друга воена опрема.
Наедно, се правеа и заеднички напори за помош на вооружените групи што шверцуваа ресурси до Авганистан и Ирак, а сето тоа за давање поддршка во нивната борба против силите на антитерористичката коалиција. За самите милитантни групи, ваквите сојузи значат обезбедување опстанок. Групите со силни и компактни мрежи во тешки времиња може да се потпрат на сојузниците, додека оние во изолација мора сами да се бранат. Сепак, нашите податоци откриваат дека сите вакви сојузи не се исти – многу од нив се краткотрајни и брзо се распаѓаат кога се соочени со владината репресија. Од друга страна, некои сојузништва, како оние формирани од страна на ИСИС, се покажаа како многу поиздржливи, пишува весникот „Форин аферс“.
На сметката на ИСИС имало дури 2,6 милијарди долари
Како што ИСИС растеше, мрежата на нејзините сојузи се прошири, па така од само три во 2013 г., бројот на сојузи се зголеми на повеќе од 30 во 2016 година. Во периодот помеѓу 2013 и 2015 година, ИСИС успеа да привлече и пренасочи значителна сума на својата „воена сметка“ (која изнесуваше речиси 2,6 милијарди долари во најдобрите денови) за да им испрати на своите сојузници оружје и друга опрема, неопходни за зајакнување на нивните борбени капацитети. Поддржувачите на Исламската држава и нејзините соседи испраќаа борци и переа пари, прикривајќи ги нејзините финансиски малверзации. Сојузниците од Азија испраќаа борци и споделуваа со ИСИС неочекувано големи профити. Отсекаде во светот ѝ пристигаа оружје, технологија и информации, додека нејзините соработници вршеа напади што ја „гланцаа“ сликата за неа и ја рушеа перцепцијата за тоа дека таа е сотрена или е „во бегство“. Во 2015 г., додека се интензивираа борбите на ИСИС против коалициските сили предводени од САД, се тенчеа нејзините финансии и материјалната соработка со сојузниците почна да се одвива отежнато, па затоа таа почна да креира нови односи, базирани на реторички релации и ветувања за лојалност. Се разбира, ова ѝ овозможи на организацијата да го прошири својот глобален печат и да го задржи брендот и покрај неуспесите на бојното поле во Ирак и во Сирија. Она што ги направи толку трајни овие сојузи беше нивната заедничка екстремистичко-џихадистичка идеологија. Во тешки времиња исполнети со предизвици, заедничката идеологија и особено заедничката религија се навистина клучни за опстојувањето на сојузите. Без нив, сојузите имаат поголема веројатност да се „свиткаат“ под товарот на воените притисоци.
Заедничката идеологија и религија се клучни за опстојувањето на сојузите
Милитантните врски засновани врз заедничка верска идеологија носат неколку придобивки. Тие нудат пристап до поголем број приврзаници и функционери што можат да ја опсервираат и да ја зацврстат компактноста во односите. Најголема причина за загриженост кај секој сојуз е едностраното „дезертирање“ на партнерот; религијата може да обезбеди интерна заедница од монитори, вклучувајќи имами или свештеници, кои се овластени да ја поттикнат соработката и да го казнат дезертерството во врските меѓу организации од иста вера. Во процесот на легитимирање на сопствените каузи и задржување на постојните партнери, Ал каеда и ИСИС се потпираа на истакнатите муслимански свештеници Салафи. Токму овде лежи и идеолошката предност за верските сојузи – во случај партнерите на групата да ја напуштат мрежата, би можеле да се соочат со лоша репутација во круговите на џихадистите, која ќе ги прогонува во годините што следуваат. Заедничките верски убедувања го зголемуваат и нивото на меѓусебна доверба. Истите цели и погледи во однос на светот значат поголема сигурност дека групите ќе ги исполнуваат своите обврски и ќе ги поддржуваат партнерите во тешки моменти. Да ја земеме како пример врската помеѓу ИСИС и Ансар Беит ал-Макдис во Египет. И двете групи се наоѓаа под голем воен притисок (ИСИС од страна на коалициските трупи под водство на САД, а АБМ од египетските воени сили). Под вакви околности, одржувањето на сојузот би било речиси невозможно, но врвните милитантни свештеници во Египет ја поттикнуваа АБМ да ја вети својата поддршка за ИСИС и да остане посветена на врската со неа. Како резултат на ова, АБМ доби оружје и пропагандна поддршка, така што можеше да ги зајакне своите редови со странски борци, додека ИСИС се стекна со сигурна позиција во Египет и со кредибилитет кај египетските екстремисти.
ИСИС исклучително вешто ја користи религијата за „бетонирање“ на своите сојузнички мрежи и успеси, а наедно и за проширување на глобалниот дострел. И покрај тоа што нејзината квазидржава во Сирија и во Ирак се покажа како краткотрајна формација, дури и само привременото исполнување на долгогодишната џихадистичка цел – исламски калифат во срцето на Блискиот Исток – ѝ овозможи на ИСИС да „ракува“ со религијата како ретко кој, што ја направи нејзината огромна мрежа исклучително цврста и издржлива пред налетот на големите воени сили. Стабилноста на ваквите идеолошки односи може да се гледа и од друг агол – уништувањето на група од типот на ИСИС е повеќе глобален одошто локален предизвик. Како таков, тој бара политички и социјални пристапи што имаат за цел да ја намалат привлечноста на идеологијата на исламскиот фундаментализам.
Растечка интернационална закана од екстремно десничарски тероризам
Придобивките од имањето заедничка идеологија не се однесуваат само на ИСИС или џихадистичките салафи-групи, па дури ни само на религијата како таква. И другите идеологии често служат за слична намена, како што е примерот со обединувањето на голем број вооружени левичарски групи за време на Студената војна. Сепак, нерелигиозните идеологии генерално создаваат многу пократкотрајни односи. Соочени со владина репресија, односите засновани врз заедничка верска идеологија имаат 25 отсто помали шанси да се распаднат од оние базирани на друг вид заедничка идеологија. Верските идеологии овозможуваат усовршени модели за следење на заедницата, авторитетни структури, доверба и интернационални сојузнички мрежи. Од друга страна, постојат нерелигиозни идеологии што во минатото понудиле слични придобивки, а би можеле да продолжат да го прават тоа и во иднина. На пример, денешниве (растечки) мрежи на екстремно десничарски милитанти, поткрепени со глобализацијата на крајно десничарската идеологија, би можеле да се покажат како отпорни на пораз доколку развијат силни идеолошки врски. Комитетот за борба против тероризам при Советот за безбедност на ООН неодамна излезе со извештај за „растечката и сѐ поголема интернационална закана од екстремно десничарски тероризам.“
Властите во Австралија, Франција, Германија, Италија, Нов Зеланд и во САД издадоа упатства во врска со заканата што доаѓа од овој вид тероризам. Дополнително, американската влада во април заведе во списокот една руска расистичка групација, дефинирајќи ја како „специјално назначена Глобална терористичка организација“. Ова е прв случај некоја организација на „бели расисти“ да биде толку јавно жигосана, што Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии донесе одлука да ги блокира нејзините финансиски трансакции и да изрече забрана за патување на нејзините членови, пренесува „Форин аферс“. Која е лекцијата што ја учиме од издржливоста на ИСИС и другите успешни милитантни групи во текот на изминативе 70 години? Државите не треба да ја потценуваат моќта на заедничката идеологија, дури ни под однапред договорени воени или законски притисоци.
Рушењето на милитантните мрежи значи инвестирање значителни ресурси за дискредитација и минимизација на „шармот“ на фундаменталистичките идеологии – уште пред да се претворат тие во сериозна закана за светот. Секогаш кога на заедничките милитантни идеологии им е дозволено да „цутат“ и неконтролирано да земаат замав, на владите што конечно решаваат да преземат остри мерки против нив им е многу потешко да ги поразат нивните борци и групите за поддршка.
(Во прилогот се користени материјали од анализата на „Форин аферс“)