Зошто повторно сега и зошто е овој чин на ретроградни дејствувања? За каква цел? Некои гледишта за ваквите тенденции во земјава во прв план ја истакнуваат евентуалната фингирана и темпирана природа на инцидентите. Други поради тоа што издвојуваат постоење на центри на моќ што мислат дека е можно редефинирање на границите во регионот, а во функција на „судирот на титаните“, поради што регионот станува полигон на сѐ поизразеното ривалство на Западот и Русија. Трети, пак, сметаат дека одредени безбедносни центри, сепак, активираат незгаснати жаришта и демонстрираат состојба што, сепак, може да биде многу полоша од актуелната, со порака дека нештата треба да се прифатат онакви какви што се, за да не бидат влошени уште повеќе

Заедно со чинот на отворањето на највисокиот правен акт во земјава (како дел од обврската што произлезе од спогодбата со Грција), како по некоја „однапред востановена практика“ од изминативе години, и овој пат низ капиите за слалом се протнуваат и т.н. прашања на етникумите. По истиот тој терк, заради „потребите“ од засилување на таквите барања за „унапредувања“ на правата на етничките ентитети, истите тие на теренот се зачинуваат со демонстрација на меѓуетнички тензии, па и инциденти. Овој пат, најавата за „неопходната потреба“ на амандмани со етнички предзнак беше зачинета со меѓуетнички викенд-бранувања во Тетово и обидот за предизвикување етнички конфликт.
Имено, навивачката група „Балисти“ пред фудбалскиот натпревар меѓу клубовите Шкендија и Шкупи од Скопје, со употреба на скандалозно навивање и употреба на погрдни зборови кон македонскиот народ и нација низ улиците на Тетово, движејќи се по еден од тетовските булевари, во правец на градскиот стадион во градот, се обиде да предизвика тензија, состојба на меѓуетничка напнатост и нетрпеливост, па дури и меѓуетнички инцидент од поголеми размери.

Покрај скандирањето „УЧК“ „УЧК“, „Смрт за Македонците“, навивачката група започна и со фрлање предмети, камења и шишиња кон кафуле што токму таа толпа го стигматизирала како македонско?! За ваквото дивеење на еднонационалната толпа сведочат и повеќе видеозаписи и фотографии објавени на социјалните мрежи, во кои јасно се гледа како групата навивачи се обидуваат да нападнат и неколкумина недолжни граѓани (Македонци). Во Тетово овој настан веднаш ги доведе до точка на вриење релативно спокојните меѓуетнички односи.

Зошто повторно сега и зошто овој чин на ретроградни дејствувања и со каква цел? Некои гледишта за ваквите тенденции во земјава во прв план ја истакнуваат евентуалната фингирана и темпирана природа на инцидентите заради продолжување на деструктивниот тренд на дезавуирање на (мулти)општественото, но и државното ткиво. Други, пак, поради тоа што издвојуваат постоење на центри на моќ што мислат дека е можно редефинирање на границите во регионот, а во функција на евентуалното задоволување на новата политичка карта токму преку подбуцнувањето на национализмот и барањата за решавање на албанското прашање во земјите во регионот. А трети сметаат дека одредени безбедносни центри, сепак, активираат незгаснати жаришта и демонстрираат состојба што, сепак, може да биде многу полоша од актуелната, со порака дека треба да се прифатат нештата онакви какви што се, за да не бидат влошени уште повеќе.

Експертите проценуваат дека станува збор за особено ризична безбедносна игра, која провоцира лавина во меѓуетничките односи, која иако влегува во категоријата „предизвикување контролирана нестабилност“, ако тргне на лошо, тешко потоа може да се контролира.

Потребна е политичка и граѓанска зрелост, истакнува политикологот Милан Стефановски.

– Мислам дека некој во овој момент оценил дека меѓуетничките односи се многу кревки во Македонија и дека може лесно да ја дестабилизира државата предизвикувајќи меѓуетнички конфликт. На оваа провокација сега со скандалозно навивање и извикување погрдни зборови во Тетово кон македонскиот народ во овој битен момент за државата кога се решава прашањето на името, јас, како што гледам, се прави сценарио да се дестабилизира Македонија – констатира Стефановски.

Иако, меѓу другото, ова се толкува и како јавен притисок за што поскоро ставање на маса и на други етнички „карти“ за редефинирање на карактерот на државата, засега мнозинството граѓани по оваа основа покажуваат доволно изразена зрелост и свест.

– Граѓаните се загрижени од фактот што институциите на државата не функционираат доволно ефикасно и на некој начин се нем набљудувач, а не фактор што ќе ги спречи, ќе ги открие и ќе ги казни сторителите на ваквите дела. Би истакнал дека во целост не би можел да се исклучи ни странскиот фактор, но причината пред сѐ треба да се најде внатре – вели Стефановски.

Политикологот додава дека прашањето кај нас е филозофско кога станува збор за меѓуетничките односи во земјава. Што е постаро, јајцето или кокошката, е тешко да се дефинира според Стефановски. Според него, конфликтите во општеството можат кај нас да бидат предизвикани токму од спортски настан, бидејќи тие конфликти произлегуваат од некои други состојби во државата и се постари од ривалствата на навивачките групи од различни националности.

– Прашањето е дали дивеењето на навивачките групи или други екстремни групи што шират национализам има разурнувачка енергија доволно моќна да предизвика подлабоки и поостри судири во кревкото мултиетничко општество, кое заслужува подлабока анализа, која во моментов е неопходна – подвлекува Стефановски.
Сепак, пораката на она што се случи во Тетово е многу битна.
Од друга страна, партијата Глас за Македонија на Солза Грчева испрати отворено писмо до пратениците, во кое ги повикува на совест и свесност во земјава пред пристапување кон амандманската расправа за уставните промени. Како што наведува Грчева во писмото, земјава е се по блиску до федерализација, а недоразбирањата може да доведат и до кантонизација.

– Од кога бинационалноста е изедначена со граѓанскиот концепт? Нели е тоа поблиску до федерализација. Кои се политичко-идентитетските значења на промената на државјанството во однос на етносот. Прашање до албанските пратеници: каде ви е принципиелноста кон нашето менување на името и именувањето, кога на вас самите ви пречи кое било друго обраќање освен како Албанци – наведува Грчева.

 

Лидерката на Глас за Македонија се надева дека секој пратеник поединечно ќе размисли, ќе го анализира договорот за Северна Македонија во поширок контекст и како само едно од можните решенија, а притоа ќе постапи одговорно, водејќи се од застапување на вистинските македонски национални интереси, штитејќи ги Уставот и законите на Република Македонија, не само како правна норма туку и како идентитетска норма.

На оваа тема во своја анализа д-р Јадранка Половиќ за „Геополитика“ пишува дека една латентна состојба повторно излегува на виделина, а тоа е албанското прашање во земјава.

– Еден од главните интересенти и генератори за промена на името на државата во македонската политика се всушност Албанците, кои стануваат сѐ посилни, особено во законодавниот дом. Познато е дека Албанците бараат ревизија на историјата. Идејата за албанското национално обединување е многу жива, а нејзината реализација зависи од „смртта“, федерализацијата или распадот на Македонија. Но и тие можеби уште малку ќе почекаат додека не се истуркаат приоритетните промени во Уставот на Република Македонија. Но, сепак, наскоро ќе дојде времето и тие да бидат ставени на агендата за имплементација – пишува Половиќ во анализа посветена на Западен Балкан.

Инаку, вчера се огласи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по дивеењето на навивачката група во Тетово. Спасовски изјави дека се преземаат мерки против инволвираните во завчерашниот инцидент.

– СВР-Тетово презема соодветни мерки против инволвираните во инцидентите пред фудбалскиот натпревар меѓу екипите на Шкендија и на Шкупи што се случи викендов во Тетово – рече Спасовски.


Хелсиншкиот комитет бара казни за говорот и делото на омраза во Тетово

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија вчера преку соопштение најостро го осуди завчерашниот инцидент во Тетово, предизвикан од страна на припадници на навивачката група „Балисти“.
– На објавените видеа од случувањата на тетовските улици на 4 ноември 2018 година, се слушаат песни и извици, каде што е забележан говор на омраза и повикување на насилство, по што следувало и извршување дело од омраза, односно фрлање со камења и шишиња врз кафуле полно со гости – наведуваат од Хелсиншкиот комитет.
Наедно, оттаму посочуваат дека со посебно внимание ќе го следат решавањето на овој инцидент и ќе бараат најстроги казни зa дела од омраза и говор на омраза, чија цел е, како што наведуваат, предизвикување меѓуетнички тензии и насилство.