Унапредување на соработката со граѓанскиот сектор за остварување на владините приоритети има за цел Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор што беше конституиран вчера. На конститутивната седница на Советот присуствуваше и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, која истакна дека членовите на Владата не ја гледаат седницата како формалност, туку како начин преку кој со соработка со граѓанскиот сектор може да се помогне во остварување на владините приоритети.
– Ве гледаме како сојузник во борбата против „заробената држава“, која не се победува на избори, туку се победува преку многу болни, тешки, понекогаш и долги реформи – истакна вицепремиерката Шеќеринска. Таа подвлече дека Советот не е само средство на граѓанските организации за постигнување поголема гласност и влијание туку и начин до Владата да пристигнат повеќе информации и различни мислења за силен инклузивен дијалог, како многу потребен за Република Македонија.
– Како влада, во изминатиот период обезбедивме и законски и процедурални услови за подолги дијалози по сите законски пакети и покажавме дека квалитетот ни е поважен од квантитетот – рече Шеќеринска, подвлекувајќи дека Владата посебно инвестира во темата на транспарентноста и инклузивноста. Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор има 31 член, и во него партиципираат претставници на граѓанските здруженија и организации и претставници на ресорни министерства и секретаријати.