Фото: Игор Бансколиев

Што уште треба да се случи за конечно сите да ги сфатат опасноста и сериозноста на заразата од ковид-19?! И по една година живот со пандемијата и секојдневни извештаи за десетици починати и илјадници новозаразени, во јавноста и на социјалните мрежи и понатаму кружат конспиративни теории од најразличен вид. Од неверување дека двајца владици се заразиле, апсурдни напади дека мерките и рестрикциите се против Бог и против верата, до уште понебулозни тези и дилеми за тоа дали ковид-19 воопшто постои или е измислица!

Феноменот на недоверба во подем

По повеќе од една година од почетокот на пандемијата на ковид-19, во која Македонија ја доживеа најголемата смртност и во ситуација во која секојдневно се бројат десетици мртви како последица од вирусот, ситуација во која умираат и млади и стари, починати лекари, спортисти, свештеници, се чини дека добар дел од македонското општество сѐ уште верува во теории на заговор и конспирации дека коронавирусот не постои. Состојбата на преполните болници
и постојаните лекарски апели за внимателност, кај дел од граѓаните како да не создаваат верба во горката реалноста, во науката и во она со што се соочуваме секојдневно.
Каков е тој менталитет на негација, недоверба и неверување? Од каде извира и на што се должи ваквото однесување, што е причината за ваквата недоверба, се само дел од дилемите на кои тешко се наоѓа разумно објаснување.
Социолозите коментираат дека некои од македонските граѓани со таквата недоверба демонстрираат сериозна неодговорност и незрелост.
Доволно е само да се отворат социјалните мрежи и да се прочитаат коментарите под информациите за ковид-19, особено оние што се поврзани со претстојните празнични денови и најавите за нови рестриктивни мерки.

Особено бура реакции предизвика изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, кој ги повика верските лидери да апелираат до верниците за претстојните празници да останат дома и да не организираат масовни прослави.
Огромен е бројот на лица што за себе велат дека се верници, а кои остро реагираат, не избирајќи зборови, во одбрана на конспирации и тези дека најавите за рестрикции се против Бог и против верата.
Загрижувачки се сознанијата и дека голем дел луѓе не веруваат ниту во веста дека двајца владици на Македонската православна црква-Охридска архиепископија се на болничко лекување поради ковид-19, па на социјалните мрежи создаваат конспиративни тези од најразличен вид.
Социологот Илија Ацески вели дека ваквата состојба навидум изгледа како многу едноставна, но е сложен процес, кој се рефлектира меѓу народот.
– Еден фактор што ги прави луѓето такви е изгубената доверба во институциите во системот, вербата во оние што даваат „наредби“, од здравствените, односно воопшто од државните институции – вели Ацески.
Според него, еден дел од луѓето не верува во ништо што произлегува од некакви авторитети, односно од оние што ја водат институционално земјата.
– Тоа е и еден социопсихолошки момент, некои луѓе се спротивставуваат на сета рационалност и имаат спротивно мислење од авторитетите. Тоа е мал процент, но тоа се луѓе што мора да се спротивстават, не сакаат некој да им заповеда. Тие не се доволно свесни и самосвесни за себе пред сѐ, како ни за околината. И да им се случи нешто сериозно, повторно нема да се смени нивното мислење -додава тој.
Сепак, Ацески смета дека институциите во Македонија беа многу „лабави“ во одредени периоди низ годината.

– Кога нешто ќе произлезе од одредена институција, таа мора да се погрижи тоа да се спроведе доследно. Значи, секое прекршување треба да биде санкционирано. Клучот лежи во сериозноста на институциите и да има доследни казни – посочува социологот.
Во претстојниот период, Ацески вели дека верските лица треба да укажат на тоа дека масовното собирање доведува до катастрофа, нешто што на почетокот на пандемијата не беше сфатено сериозно.
Психологот Мирјана Стојановска Јовановска, пак, смета дека граѓаните се малку збунети поради напливот на информации и немаат мера да видат што е вистина, а што не. Таа вели дека тие не знаат во што да веруваат.
– Младите немаат доволно авторитети во кои ќе веруваат, по толку многу превривања, неточни информации и лаги. На социјалните мрежи можат сѐ да видат, но тие не веруваат во оние што се избрани да нѐ предводат. Тогаш народот останува сам и збунет и се потпира на секакви квазиавторитети или, пак, на сопственото искуство кому да му верува, а кому не – објаснува таа.
Пред неколку дена претседателот на државата Стево Пендаровски се состана со верските лидери на петте верски заедници застапени во Уставот.
Од Кабинетот на Пендаровски велат дека тој укажал на важноста на улогата на поглаварите на верските заедници, како во негувањето на соживотот, што е важен предуслов за просперитет и напредок на државата, така и на важноста на нивните постапки за време на пандемијата на ковид-19.


Поглаварот на ИВЗ повика на одговорност за рамазанскиот пост

Од денеска почнува првиот ден од постот на муслиманите за светиот месец Рамазан.
Поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, Шакир Фетаху, ги повика верниците да бидат одговорни за време на постот, бидејќи, како што вели тој, државата сѐ уште се соочува со сериозни проблеми поради пандемијата.
– Овој Рамазан исто така пак нè наоѓа во вонредна состојба поради пандемијата, така што нашето високо ниво на грижа и прецизна дисциплина да ги почитуваме сите мерки за да се заштитиме од оваа болест ќе бидат наша вредност на овој месец, со што ќе дадеме придонес за надминување на оваа состојба. Затоа, овој месец нека биде жива инспирација за издигнување на нашата свест за излегување од оваа тешка здравствена состојба – порача поглаварот на ИВЗ.