Владата предлага драстично намалување на казните поврзани со поседувањето, носењето и употребата на огнено оружје
Во време кога повеќето европски држави воведуваат ригорозни казни во делот за поседување и користење огнено оружје, Македонија драстично ги ублажува казните за сериозни дела и прекршоци поврзани токму со оружјето. Дали се заборави фактот дека секоја година десетици граѓани се ранети од заскитани куршуми истрелани на разни семејни веселби, но и без некаков повод?
Што се предвидува со предлозите за намалување на казните
Со образложение дека се врши усогласување со Законот за прекршоци во конкретни сегменти што се однесуваат на глобите за физички и правни лица, односно се врши ревидирање на прекршочните одредби за нивно усогласување со новиот Закон за прекршоци, расправата по измените на Законот за оружје во прво читање веќе почна во собраниската комисија за одбрана и безбедност, така што извесно е дека измените на Законот наскоро ќе се најдат и пред пратениците.
Владата со измените предвидува казни што по одредени точки за физички лица досега изнесувале од 600 до 1.000 евра, сега да бидат меѓу 50 и 250 евра, а драстични намалувања на глобите се предвидуваат и за правните лица, поточно оние што биле 5.000 евра по одредени точки, сега се предлага да бидат од 250 до 500 евра.
Нејасно е зошто во толкава мера се ублажуваат казните кога самиот менталитет на дел од граѓаните во земјава е во секоја пригода да го повлечат оружјето, а не треба да се заборави дека пред десетина години млада девојка смртно настрада на прослава на Нова година на скопскиот плоштад токму од заталкан куршум. Дополнителен проблем се ранувањата по разни веселби, кои воопшто и не се пријавуваат, туку се санираат по приватни нелегални ординации.
Некои од граѓаните сметаат дека не само што не треба да се намалуваат казните поврзани со оружјето туку уште повеќе треба да се зголемат, бидејќи во спротивно се загрозува нивната безбедност.
Предлагачот на измените на Законот вели дека основната заложба при подготвувањето на предлог-законот за изменување на Законот за оружје е усогласување со Законот за прекршоци, а целите и начелата што сакаат да се постигнат се истите оние од Законот за оружје.
Приватните компании што работат со трговија со оружје велат дека без оглед на намалувањето на казните, тоа нема да се одрази врз нивното работење, бидејќи тие и претходно работеле во согласност со законот, а државата го контролира нивното работење.
– Се почитуваат законите, не може никој да купи оружје ако нема дозвола. Покрај тоа, се прават чести контроли, а ние не можеме да си дозволиме никаква поинаква политика освен работење според Законот – велат од „Мајкеи интернешенал“.
Поголемиот дел анкетирани граѓани стравуваат дека ќе има поголеми злоупотреби на оружјето
– Огромна грешка ќе биде ако се намалат казните. Ако јас се прашувам, тие треба дури и да се зголемат. Освен тоа, треба и драстично да се заострат критериумите кој сè може легално да поседува оружје. Вака, со намалување на казните, само ќе се стимулираат некои од граѓаните уште помасовно да пукаат на разни прослави, но и буквално кога ќе им текне. Погледнете ги сообраќајните знаци по патиштата низ западна Македонија, сите се со дупки од куршуми. Тоа треба да е доволен сигнал за надлежните – вели Дамјан Стерјовски, приватен занаетчија.
Според него, со малите казни уште повеќе ќе се стимулира шверцот на оружје, во најголем дел од Косово и од Албанија.
– Да бидеме реални, се знае каде се пука низ Скопје, каде се пука низ земјава. Затоа се потребни драстични казни, за да се демотивираат потенцијалните сторители, а не да се стимулираат. Добар дел од нив нема проблем да плати по 100-200 евра само да си го истера меракот за пукање, но тие испукани куршуми не остануваат во воздух. Да не зборувам колку нелегално оружје поради малите казни дополнително ќе се внесе од соседните земји, пред сè од Косово и од Албанија – предупредува Стерјовски.
Социологот Илија Ацевски смета дека какво било намалување на казните поврзани со оружјето само дополнително ќе ја влоши безбедноста на граѓаните.
– Познавајќи го менталитетот на нашите граѓани, но и психолошкиот момент во кој живееме, постои реална опасност уште повеќе да се повлекува оружјето кога се знае дека казните се мали. Секој што ќе посака, ќе жртвува 50-100 евра за да прослави роденден, матурска или свадба на синот или на ќерката, така што не ми е јасно зошто се намалуваат казните. Сметам дека тие треба и да се зголемат – вели Ацевски.
Според него, секоја висока казна дејствува демотивирачки, а тоа се покажало и во практика.
– Сите ние ќе се замислиме пред да сториме нешто ако знаеме дека казната е голема. Со мали казни се однесуваме поопуштено и ефектот за спречување одредена појава не е постигнат. Па дури и една Америка драстично ги зголеми казните поврзани со употребата на оружје, а да не зборувам за европските земји. На крајот од краиштата, ако некој толку сака да пука, има легални стрелишта во државата и може таму да појде и безбедно да ја задоволува таа своја страст – појаснува Ацевски.
Сѐ уште нема вистинско образложение за олабавување на казнената политика
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека кај нас промените во казнената политика како да не се доволно осмислени.
– Многу ми пречеше кога се намалуваа и казните за прекршување на Законот за дискриминација, казните што се однесуваа на заштитата на животната средина и слично. На некаков начин овие промени во казнената политика како да не се осмислени, да не следат одредена цел или идеја што се сака да се постигне со законот, кои се тие вредности што сакаме да ги заштитиме и да ги издигнеме на повисоко ниво. Точно е дека има премногу казни во Македонија, прекршочните казни во голема мера беа насочени кон индивидуите, кон граѓаните, меѓутоа постојат области каде што не само што не треба да се намалат казните туку треба и да се зголемат – категорична е Најчевска.
Според неа, некому како да му одговара ваквото намалување на казните.
– Голем дел од овие закони, во моментот кога се носи промената, во оној дел каде што треба да има образложение, всушност нема вистинско образложение. Прво зошто се прави промената, второ која е целта што се сака да се постигне и кои се очекуваните резултати. Значи, тоа е она што недостига во законите за да може да се разбере што е идејата што стоела зад таа промена. Прво и прво, доколку се менува закон, треба да се образложи зошто се менува законот. Ако станува збор само заради усогласување со Законот за прекршоци, тогаш тоа е бесмислено. Секој закон си има одредени одредби што се однесуваат на одредена материја и воопшто нема зошто да се приспособуваат кон Законот за прекршоци. Тоа не е образложение, тоа е изговор – истакнува професорката Најчевска.