Иако официјално неискажан, заклучокот од самитот ЕУ – Западен Балкан во ЕУ го изнесе „Фајненшл тајмс“, со насловот „Франција и Германија ги полеаја со студена вода балканските надежи за брзо пристапување кон ЕУ“
Дипломатското избегнување на европските лидери Ангела Меркел и Емануел Макрон да дадат конечен одговор на очекувањата на (западно)балканските земји барем за рамковен термин кога би станале дел од европското семејство, по неформалниот самит во Берлин и објавувањето на Француската стратегија за Западен Балкан, во регионот и во ЕУ, очигледно различно се толкува. Претставниците на власта во Македонија настојуваат во јавноста да го акцентираат моментот на пофалби за Преспанскиот договор, како пример за решавање на споровите во регионот, но исто толку забележливо е и преминувањето преку темата за проширувањето на ЕУ. Всушност, уште пред состаноците беше јасно дека Франција е категорично против тоа да се излегува официјално со какво било ветување за добивање датум за почеток на преговори пред завршувањето на европските избори. Оттука, и темата проширување воопшто не била споменувана на мултилатералните состаноци, а Меркел организирала билатерални средби со македонскиот премиер Заев и со албанскиот премиер Еди Рама, на кои тоа било тема, уште пред официјалниот почеток на самитот, односно пред пристигнувањето на Макрон во Берлин.
Иако официјално неискажан, заклучокот од самитот ЕУ – Западен Балкан во ЕУ го изнесе „Фајненшл тајмс“, со насловот „Франција и Германија ги полеаја со студена вода балканските надежи за брзо пристапување кон ЕУ“.
Еден ден по берлинскиот самит, канцеларијата на претседателот на Франција, Емануел Макрон, ја објави „Француската стратегија за Западен Балкан“. Според објавениот документ, Макрон се надева дека Франција ќе ја усвои оваа стратегија за да може да постигне поголема заложба за стабилизирање на шесте земји од регионот што не се членки на Европската Унија, во смисла на нивниот економски и социјален развој и зајакнување на владеењето на правото. Во стратегијата се наведени три мерки, при што првата е француското интензивирање на односите со регионот. Најавено е дека претседателот Макрон ќе ја посети Србија во јули, а францускиот министер за Европа и надворешни работи оваа година ќе ги посети Албанија и Косово.
Втората мерка се однесува на зајакнување на билатералната соработка со земјите од регионот во четири области: економија, безбедност, правда и одбрана. Во економската област, Француската агенција за развој (АФД) ќе ја поддржи регионалната интеграција на Западен Балкан. АФД ќе ја поддржи економската и еколошката транзиција, како и во областа на родовата еднаквост, помирување и млади преку Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО). Забележано е дека годишната помош обезбедена од АФД првично би изнесувала помеѓу 100 и 150 милиони евра и би служела како поддршка за подобрување на финансирањето на други донатори, особено на Германскиот институт за кредитна рехабилитација (КФВ).
Стратегијата го признава напредокот што земјите од Западен Балкан го направија во изминатите неколку години, но исто така нагласува дека сѐ уште има нерешени прашања со кои се соочува регионот. Меѓу предизвиците се нерешените спорови, разните економски и социјални прашања, тешкотиите во трајното воспоставување на владеењето на правото, безбедносните прашања и надворешните влијанија што го пренасочуваат регионот од својата европска струка. Од друга страна, Преспанскиот договор со кој му се стави крај на македонското прашање за името се смета за добар пример за регионален дијалог.
– Да, на самитот, во официјалните изјави од Меркел и Макрон пред неговиот почеток, недвосмислено се поздрави постигнувањето на Преспанскиот договор, се пофали како големо достигнување и пример што треба да се следи. И да, со оглед на неформалниот карактер на самиот, а можеби и од други причини, немаше многу други изјави/написи за тоа што се случуваше таму, па останува и поголем простор за шпекулации наредниве денови или месец-два до „вистинскиот“ самит на ЕУ, на кој ќе се решава за евентуалното проширување. И можеби затоа отскокнуваше вчерашниот напис на угледниот „Фајненшл тајмс“, кој предизвика полемика и во нашата јавност, можеби пред сѐ поради провокативниот полн наслов „Франција и Германија ги полеаја со ладна вода балканските надежи за брзо пристапување кон ЕУ“. Со други зборови, убаво е сето тоа што сме го направиле со Преспанскиот договор, ама подобро да престанеме да се надеваме на членство во ЕУ во скоро време (десетина години), како и на почеток на преговорите наскоро.
За жал, тоа е реалноста со оглед на сегашните состојби во ЕУ (потреби од внатрешни реформи и реструктурирање, особено по брегзит), но и реална оцена на нивото на спроведени реформи што се бараа и очекуваа од нас, а се далеку од реализирани и функционални. И, да, ова е ладен туш за напумпаните очекувања, особено од страна на Владата, иако, нели, не е готово додека не е готово, а и надежта последна умира (вклучувајќи ја и мојата), па сега ќе очекуваме што ќе биде конечната формулација во јуни, а дотогаш ќе ги следиме расправите на власта и опозицијата околу тоа прашање.
И нема многу простор за ликување на противниците на власта, ниту на тие што укажуваа дека не треба да се фокусира Владата толку само на прашањето за името – туку да забрза со реформите. И уште едно соочување со реалноста, до каде сме и колку „нѐ бива“, само сега уште една владејачка гарнитура разбра дека во ЕУ не поминуваат „евтини приказни“, па дури и кога се скапо платени, како оваа нашава со Грција – пишува во својата колумна Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС.
Категоричната воздржаност на Франција во однос на проширувањето на ЕУ и давањето ветувања на земјите од Западен Балкан, францускиот претседател Емануел Макрон деновиве ја аргументира со очекувањата од исходот на изборите за Европскиот парламент. Тие очекувања, според сите индикации, не одат во прилог на македонските аспирации за брзо членство во ЕУ или, поконкретно, за добивање датум за почеток на преговорите во јуни.
– Предвидувањата во моментот се дека во Европскиот парламент ќе се зголеми претставеноста на позиции што се подалеку од центарот и нема да го поддржуваат проширувањето. Ова е реален ризик, особено имајќи предвид дека традиционално членовите на ЕП даваа доста поддршка за овој процес, како и за почнување на преговорите. Сепак, не треба да се занемари и, прво, дека поддршката на зелената опција како трета опција расте, а таму нема таква скептичност во однос на проширувањето; и второ, дека ризикот доколку екстремните мислења бидат доминантни е дека тие нема да може да изградат јасна заедничка платформа, што може да влијае значително воопшто на работата на парламентот во идниот мандат. Во однос на состанокот во Берлин, иако тој не беше фокусиран на одлуките за преговори, ја пренесе неизвесноста во однос на исходот од јунскиот самит. Одлуките за преговори се неизвесни до последен момент, а оваа година тоа е особено случај поради објавувањето на извештајот на ЕК на 29 мај. Овој распоред креира временски теснец што оневозможува да се испочитуваат процедурите во многу земји-членки што предвидуваат одлука на нивните парламенти и широки консултации за тоа дали ќе се поддржи почетокот на преговорите. Меѓу другото, поради оваа причина деновиве се споменува можност за одлука за почеток на преговорите во јули-септември оваа година што не би претставувало значајно доцнење, доколку се случи тоа – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики од Скопје.