Рускиот претседател Владимир Путин често е прашуван од новинарите за „мешањето на неговата влада во последните претседателски избори во САД“. Тој има навика да одговара на таквите прашања користејќи комбинација од негирања и контраобвиненија. Од друга страна, голем број владини претставници во Киев, Брисел и во Лондон сметаат дека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) честопати се меша во изборите на другите држави. Има ли аргументи за ваквите тврдења? Постојат ли докажани примери дека големите сили преку своите безбедносно-разузнавачки служби навистина активно се вклучуваат во изборните процеси на странските земји каде што имаат свој интерес? Во анализата на Дејвид Шимер, публикувана во весникот „Форин аферс“, низ примери од поновата историја, се одговорени многу прашања на оваа тема

Фељтон

Современа историја на специјалните тајни акции на моќните разузнавачки служби (3)

Како се смени улогата на ЦИА во периодот по Студената војна? Додека руските разузнавачи повторно манипулираат со изборите низ светот, ЦИА одбра да се движи по нова патека. Српската операција, според голем број американски функционери, претставуваше вонредна мерка употребена за вонредни околности. Што се однесува до изборите во Ирак, каде што не учествуваше диктатор како Милошевиќ, американските креатори на политики проценија дека ризикот од тајна операција е премногу висок.

Нова ера

Во годините што следуваа, врз основа на моите интервјуа со седум директори на ЦИА (од 2004 до 2017), како и со поранешни директори на разузнавање и заменик-директори на ЦИА, сфатив дека логиката на одлуката за Ирак прерасна во принцип на однесување. Наспроти тврдењата на Путин, Вашингтон трајно ја напушти практиката за тајно мешање во изборите на други земји.
Во однос на современите тајни програми на ЦИА, поранешните шефови на разузнавачките служби припаѓаат во две различни групи. Првата инсистира на фактот дека агенцијата повеќе не се занимава со тајни операции во странски избори. Дејвид Петреус (првиот човек на ЦИА во 2011 и 2012 г.) изјави дека не е свесен за ваков вид операции од страна на ЦИА во последно време. Џон Бренан (2013-2017) беше малку поопширен во објаснувањето: „Претседателите Буш и Обама никогаш не се обидоа да влијаат на исходи од странски демократски избори. Сметавме дека тоа не би било етички за еден демократски процес. Порано ЦИА беше насочена кон странските избори, но тоа не е случај во текот на последниве 18 години.“
Претставниците на втората група не се толку исклучиви во одговорите, имплицирајќи дека ЦИА се тргнала (но не мора да значи дека целосно престанала) од мешањето во изборите на другите држави.

По интервенцијата во српските избори и поразот на Слободан Милошевиќ, можните операции од ваков или сличен тип, во најмала рака се подигнати на највисоко можно ниво. Администрацијата на Буш дебатираше за планот за Ирак; онаа на Обама „мереше“ слични предлози и идеи.
„Не е дека ваквите идеи не може да се вратат повторно на маса, но барем што се однесува до администрацијата на Обама, тие немаше да бидат прифатени“, изјави Тони Блинкен, кој за време на целиот мандат на Барак Обама вршеше високи безбедносни функции.
Како претставник на втората група, Леон Панета (2009 -2011) беше најотворен во комуникацијата. Тој рече дека никогаш директно не учествувал во манипулации со гласачките ливчиња, ниту пак директно ширел дезинформации.

ЦИА влијаела врз странските медиуми

Сепак, во одредени ретки пригоди, според објаснувањето на Панета, неговата ЦИА влијаела врз странските медиуми, за да ги промени ставовите во земјата каде што оперирала. Понатаму, Панета призна дека методот на ЦИА вклучувал придобивање медиуми во рамките на некоја земја или регион, кои можеле добро да се искористат за испорачување одредени пораки или убедување на јавноста во исправноста на одредени решенија.
Како во Италија во 1948 г. така и во Србија во 2000 г., програмите што ги опиша Панета беа дополнување на отворените пропагандни кампањи. „И покрај тоа што опериравме прикриено“, објасни тој, „моравме да бидеме сигурни дека отворените методи што се користеа ја испраќаа истата порака.“ Но дури и така постоеја ризици. „Нема сомнеж дека тоа е коцкање, токму затоа се решававме за нив само во краен случај, избегнувајќи ги притоа поагресивните тактики.“

Сите интервјуа што ги направив ме доведоа до истиот заклучок: за ЦИА тајното мешање во туѓи избори стана повеќе исклучок одошто правило. Агенцијата повеќе не се обидува да влијае на изборни резултати или, пак, го прави тоа само во ретки случаи кога, како во случајот со Милошевиќ, тиранинот може да биде симнат од власт по пат на гласање.
Никој не ја знае апсолутната вистина, но во секој случај, ваквата промена во операциите означи дефинитивно напуштање на методите од Студената војна, кога ЦИА се мешаше во изборите на голем број земји. Коментирајќи ја оваа еволутивна промена, поранешниот директор на агенцијата рече:
„Искрено, ваквиот вид политичко дејствување е навистина дел од минатото. Ирак ме убеди во тоа. Немаше никаква потреба од наша изборна интервенција.“
Скептиците ќе инсистираат на впечатокот дека шефовите за разузнавање на САД лажат. Но со оглед на актуелнава ситуација, токму скептиците би можеле да ги окарактеризираме како оние што ја занемаруваат логиката на нештата. Би било поразително за ЦИА да манипулира со странските изборни процеси, освен кога се работи за екстремни исклучоци.

Борба против тероризмот

Во септември 2001 г., ЦИА се насочи кон нов фокус – борбата против тероризмот, која бараше напади со беспилотни летала и паравоени операции, а не мешање во туѓи избори.
Американските лидери од периодот по Студената војна прогласија нова ера на либерална демократија, која се карактеризира со слободни и фер избори. Оваа транзиција од запирање на комунизмот до промовирање демократија направи од тајното изборно мешање една многу поризична задача. Како што објасни поранешниот директор на ЦИА Мајкл Хејден, „мешањето во туѓ изборен процес се коси со нашите фундаментални верувања. Можеби би сакале да го сторите тоа за да им дадете на сите иста шанса или, пак, заради зачувување на националната безбедност, но сепак не звучи праведно.“
Мек Лафлин го образложи напредокот во ставовите на Вашингтон. „Ако се мешате во изборите на странска земја и ве откријат, тогаш испаѓате многу подволични одошто сте изгледале за време на Студената војна, кога такво нешто можеше да ви биде простено во име на деловната соработка.“

Сепак, ЦИА досега „не се потресувала многу“ во однос на дволичноста. А и за волја на вистината, последниве години, кога повторно изби во прв план натпреварот помеѓу светските сили, САД имаа барем минимален удел во многу странски изборни процеси.
Сходно на тоа, се чини дека промените во високата политика само делумно ја објаснуваат промената во активностите на ЦИА. Остатокот од приказнава е поврзан со ширењето на интернет, чии алатки ги изложија американските избори на мешање однадвор. „Ако се наоѓате во стаклена куќа, немојте да фрлате камења“, изјави Петреус. „А кога станува збор за интернет-поврзаноста, ние сме најголемата стаклена куќа во светот.“

Секако, дигиталната ера го отежна одржувањето на тајните операции за манипулација со странскиот електорат. „Многу е тешко да го спречите излегувањето во јавноста на активности од ваков вид“, продолжи Петреус. „А на Вашингтон приватноста му е навистина важна.“
„Доколку САД бидат оценети како промотори на дезинформации или местачи на изборни резултати, тоа ќе значи поткопување на нашиот кредибилитет и успешноста на нашите политички напори, имајќи предвид дека овие активности би биле во спротивност со вредностите што ние ги промовираме, а кои го претставуваат јадрото на нашата ’мека моќ‘“, изјави Аврил Хејнс, поранешен заменик-директор на ЦИА.
„Истото не важи кога станува збор за Русија“, додаде тој.

Од анализата на Дејвид Шимерза „Форин аферс“

(Крај)