Македонија треба што поскоро да го препознае и да го најде својот, но и севкупниот интерес во започнатата кинеска економска иницијатива на Балканот,
тврдат аналитичарите
Сѐ поголема доверба и позитивно искуство од Владата во Пекинг
Кина со своето присуство, идеи и иницијативи сѐ повеќе отвора можности за Балканот и за Јужна Европа. Потврда за тоа е конструктивната побуда со најновата посета на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на Грција, Србија, Албанија и на Италија. Имено, целта на посетата е потрага по решенија и заеднички напори за да се овозможи снабдување со енергија на земјите што учествуваат во иницијативата „Појас и пат“. Проблемот со недостигот од енергија и засилувањето на глобалната енергетска криза, од која ќе биде погодена и Македонија, станува сѐ поактуелен во последно време и во таа насока помошта и подадената рака се добредојдени и треба да се искористат.
Деновиве кинеската вицепремиерка Хан Женг повика на заеднички напори со регионот за да се овозможи глобално снабдување на државите со енергија. Забелешките на Хан следуваа по најавата на претседателот Си Џинпинг минатиот месец дека ќе ја засили поддршката за другите земји во развојот на зелена и нискојаглеродна енергија.
Во контекст на актуелните случувања, треба да се нотира дека Македонија треба будно да ги следи овие процеси бидејќи во моментов увезува не мал дел од 30 отсто од вкупната потрошувачка на енергија, а поголемиот дел го добиваме главно од производството на термоцентралите на лигнит во Битола и во Осломеј и од големите хидроцентрали.
Со новата стратегија за енергетика, Македонија во следните две децении планира да ги затвори сите термоцентрали на јаглен и да направи транзиција кон обновливи извори на енергија, но истовремено во програмата на Владата во делот за животна средина, пак, на маса е и отворање на рудникот за јаглен „Живојно“.
Познавачите на состојбите со кои се консултиравме велат дека Македонија треба што поскоро да ги препознае и да ги идентификува бенефициите од започнатата кинеска економска иницијатива на Балканот. Почнувајќи од многу актуелната здравствена соработка со Кина, која се покажа како исклучително неопходна, тоа може да биде вовед во многу поголеми економски и стопански заеднички проекти, велат аналитичарите.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски оценува дека Македонија и Кина имаат огромен потенцијал за соработка во полето на енергијата, а нашата земја би можела да го најде своето место во економската политика на Пекинг насловена „Еден појас, еден пат“, која се движи по веќе трасираниот антички Пат на свилата.
– Кина стана проактивната страна во светот кога се говори во делот на производство и дистрибуција на енергија, а сето тоа се забрза во поново време кога сѐ погласни се најавите за електрична глобална криза во светот, која нема да го поштеди ни Балканот, а со тоа ни Македонија – вели Стефаноски.
Тој објаснува дека, судејќи по изјавите на кинеските политичари, Пекинг ги поттикнува инвестициите во стратегиската инфраструктура и технологијата на Балканот и иницира нови дипломатски средби за енергетско поврзување во рамката на процесот насловен 17+1 каде што членува и Македонија.
– Платформата 17+1 нуди кинеско финансирање проекти за зелена обновлива енергија што би биле корисни за да се намали енергетската зависност на регионот во согласност со стандардите на ЕУ, но истовремено и за развој и изградба на нови вакви капацитети, кои очајно ѝ недостигаат на Македонија – вели Стефаноски.
Натаму, додава аналитичарот, Кина е еден од најголемите производители на технологија за обновливи извори, особено на соларна енергија.
– Некои од земјите од регионот, меѓу кои и Македонија, имаат соодветни услови за собирање и користење сончева светлина, а таквата ситуација би била добивка за сите (ако ги занемариме другите предизвици поврзани со проектите поддржани од Кина) и токму затоа треба да размислиме сериозно за нашите опции – вели Стефаноски.
Тој посочува дека Македонија треба бргу да реагира и да се обиде да се доближи до енергетските процеси што се одвиваат во регионот, бидејќи ако не го сториме тоа иднината не ни пишува добро за нашата економија и за потребите на нашите граѓани.
Пецо Трајкоски од центарот за стратегиски анализи ЦСИА истакнува дека секоја иницијатива за подобрување на состојбите поврзани со македонските потреби за енергија од светските економии како Народна Република Кина треба да се поддржи и искористи.
– Македонија треба во согласност на своите национални интереси да размисли како може најдобро да исползува заеднички бенефиции од новонастанатите релации за кинескиот интерес во инвестиции во капацитетите што произведуваат енергија – вели тој.
Трајкоски ја влече оваа своја аргументација поврзана со енергијата од веќе стекнатата доверба и позитивното искуство со Владата во Пекинг и во тесната соработка во битката за справување со опасностите од пандемијата.