Фото: Игор Бансколиев

Последните десет дена од оваа изборна кампања се многу пожестоки во споредба со првиот круг

Пред самиот крај на изборната кампања за вториот круг на изборите в недела, карактеристично е тоа што кандидатите и учениците во изборната трка ја заострија реториката и секојдневно упатуваат мноштво меѓусебни реплики и контрареплики. Последните десет дена од оваа изборна кампања се многу пожестоки од првиот круг, во кои партиите не ги избираат средствата и начините да го оцрнат противкандидатот. Така, на предизборните трибини и митинзи има многу повеќе навреди и обвинувања, отколку промоција на проекти и програми по кои треба да ги водат општините следните четири години. Се чини, најжестока е битката за Скопје, Куманово, Битола и Охрид.
Лидерите на најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се со сличен став и повик во однос на обединување на граѓаните, но со различен наратив и критички настроени едни кон други.
Фокусот на вториот изборен круг продолжува да биде насочен кон кандидатите за градоначалници на главниот град, Петре Шилегов од СДСМ и независната кандидатка Данела Арсовска.
Некои од градоначалниците што победија во првиот круг од локалните избори веќе ги презедоа функциите, со што почна да тече нивниот четиригодишен мандат. Тие ветија дека ќе ги реализираат работите што се дел од програмата.
Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 31 октомври (недела). СДСМ има вкупно 32 кандидати во општините и во градот Скопје, а ВМРО-ДПМНЕ има кандидати во 28 општини.


СДСМ: Обединети за спокоен и квалитетен живот

Зоран Заев, лидерот на СДСМ, повика на обединување за спокоен и квалитетен живот, со цел да се остави режимот во минатото.
Од митинзите во Демир Капија, Росоман и Гевгелија, претседателот на СДСМ, Зоран Заев порача дека обединети напред е единствениот концепт што во себе го носи капацитетот да го остави режимот во минатото.
– Обединети напред е единствениот гарант за спокоен и квалитетен живот на секој човек во нашата заедничка држава, Република Македонија – рече Заев.
Тој вели дека имале храброст да ги решат сите досега отворени прашања, но и покажале дека се патриоти.


ВМРО-ДПМНЕ: Нема да се двојат граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посочи дека не е важно кој е поддржувач на СДСМ, ДУИ или на ВМРО-ДПМНЕ, туку дека сакаат да им помогнат на сите во развивањето на бизнисот и креирањето нови работни места.
Мицкоски порача дека нема да ги двојат граѓаните според политичката партија и оти сакаат да бидат нивни сојузници и пријатели.
– Нема да дозволам во животот додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ некој така да постапува со луѓето. Мојата цел е да излезам со платформа пред граѓаните – изјави Мицкоски.
Тој заклучи дека народот живее лошо и е незадоволен од реалноста. И поддршката што ВМРО-ДПМНЕ ја доби на овие избори, според Мицкоски, е реткост за опозиција да добие таква поддршка.


Шилегов: Скопје ќе добие аквариум

Петре Шилегов, кандидатот за градоначалник од СДСМ, кој е кандидат за уште еден мандат, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата гледаат на градот како на политички плен, а не како на град на граѓаните.
Од скопски Сарај, тој порача дека изградбата на европско, урбано и зелено Скопје мора да продолжи.
– Скопјанки и скопјани, вие, граѓаните, сте силата на овој град и само вие одлучувате во каков град ќе живеете. Иднината на Скопје е во ваши раце. Да се обединиме, затоа што развојот на Скопје не смее да запре – рече Шилегов.
Најново од Шилегов е дека Скопје ќе добие аквариум.
– Скопје заслужува објекти што ќе го вратат на вистинската патека. Скопје и скопјани заслужуваат вистински објекти со кои ќе се гордеат, во кои вистински ќе уживаат и за кои ќе им раскажуваат на идните поколенија со истиот восхит како кога биле направени. Затоа Скопје ќе го има првиот градски јавен аквариум, со капацитет и квалитет што ќе биде рамо до рамо со европските аквариуми – најави тој.
Според него, Скопје ќе го има првиот аквариум од градовите на поранешна Југославија. Неговиот план е аквариумот да биде веднаш до зоолошката градина и Природонаучниот музеј.


Арсовска: Скопје ќе има ред во сообраќајот

Независната кандидатка Данела Арсовска, пак, порача дека Скопје повторно ќе биде град на соживот, соработка и солидарност.
– Ќе биде град во кој ќе нема заборавени населби и населени места. Скопје ќе има ред во сообраќајот. Достапен и ефикасен јавен превоз. За сите населени места во општината Сарај ќе донесеме посебна програма со ургентни приоритети, со кои ќе се решат клучните проблеми во делот на инфраструктурата – најави Арсовска.
Арсовска посочи дека има во план во делот на јавните набавки да ги скрати непродуктивните трошоци кај јавните претпријатија, каде што договорите се склучуваат по цени повисоки од пазарните.
– Ниту едно од јавните претпријатија не смее да се дозволи да не биде одржливо. Тоа значи дека ние не смееме сите оние јавни претпријатија што ги собираат давачките и даноците и сето она коешто е важно во овој момент, а тоа е да им даваат додадена вредност на скопјани за услугите коишто треба да им бидат испорачани, а да бидат загубари. Тоа покажува дека досега тие не биле добро менаџирани и затоа се загубари – додава таа.


Димитриевски ветува подобрување на квалитетот на животот

Кандидатот за градоначалник на Куманово од независната листа „За наше Куманово“, Максим Димитриевски, најавува дека доколку ја добие поддршката на граѓаните, ќе реализира повеќе од 800 проекти.
– Ве повикувам да ни дадете поддршка за да продолжиме со унапредување на Куманово. Во изминатиот период реализиравме 400 проекти, а нашиот план и амбиции во следниот мандат се да реализираме повеќе од 800 проекти, кои значат подобрување на квалитетот на животот на кумановци. Ајде, заеднички да продолжиме да го развиваме слободарско Куманово – порача Димитриевски.


Илиевски: Куманово ќе добие боемска улица

Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата, Оливер Илиевски, презентира неколку проекти за централното градско подрачје во Куманово.
– Куманово е град на соживот и пријателство, боемски град. Еден од проектите е изградба на боемска улица во централното градско подрачје. Станува збор за амбиентална пешачка зона, во која граѓаните ќе можат да доживеат една друга страна на градот. Оваа улица ќе биде во староградски амбиент, хортикултурно уредена со естетско зеленило, со нова урбана опрема, а постојното улично осветлување ќе биде збогатено со висококвалитетни канделабри. Поплочувањето на улицата ќе се изведе со гранитна коцка. Ќе има ресторани и кафулиња, за оживување на ноќниот живот на младите, за туристите, за сите да имаат повеќе места за излегување и дружење – рече Илиевски.


Арифи најавува европска визија за Тетово

Тетовската градоначалничка и кандидатка за нов мандат, Теута Арифи порача дека вториот круг од локалните избори за Тетово значи избор за одење напред кон европски, зелен и модерен град или враќање назад. Таа рече дека тетовци оваа недела ќе одлучат за иднината на општината.
– Нашата визија за Тетово е европска – тоа значи европски стандарди во однос на инфраструктурата, транспарентноста во администрацијата, заштитата на животната средина и, пред сѐ, животниот стандард на граѓаните. Јас сакам Тетово да биде модерен, европски град, со највисок квалитет на живот за сите граѓани. Го претставив мојот план за следните четири години, со реални и остварливи проекти, кои ќе го направат Тетово модерна општина достојна за живеење – со одржливи решенија за сообраќајното прашање, со политика на нулта толеранција на отпад, кучиња скитници и казина. Во следните четири години Тетово ќе биде зелена, модерна и европска општина – рече Арифи.


Касами: Фокусирани сме на Тетово и на Желино

Кандидатот за градоначалник на општината Тетово и претседател на движењето Беса, Билал Касами, изјави дека се фокусира повеќе на локалните избори, зашто очекува дека локалните избори е можно да се одразат на понатамошните политики.
– Ние сме фокусирани на вториот круг локални избори. Во тој дел веќе имаме објавено соработка со Алијанса за Албанците дека ќе ги поддржиме нивните кандидати во сите општини каде што тие одат во втор круг, како и дека тие ќе ги поддржат нашите кандидати во Тетово и Желино. Затоа ние во моментов не сакаме да имаме други комбинации за да се фокусираме и тоа да влијае на резултатот од локалните избори. За нас во овој момент најважно е да бидеме на чело на Тетово и на општината Желино – изјави Касами.