Раѓањето на мултипартизмот во Македонија
Неодамна излезе од печат најновата книга на Ѓорѓи Спасов, насловена „Раѓањето на мултипартизмот“ – страници од македонската политичка историја
во кои студиозно е обработено едно важно поглавје од поновата историја на државата, но може да се влечат и важни поуки за во иднина. Во книгата се прави анализа на партискиот систем според видот на партиите, политичката култура на поделеност, бипартизам од специфичен вид, а се нудат и одговори на прашањата за тоа како станавме партитократија и многу други. Тргнувајќи од актуелните политички состојби и предизвиците со кои и сега се соочува државата, првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ за читателите подготви четири исклучително интересни извадоци од книгата, во форма на фељтон, кои на крајот ќе ги заокружиме и со интервју со авторот Ѓорѓи Спасов.
Според улогата што си ја доделуваат доминантните политички партии и нивните коалициски партнери во власта и според начинот на кој тие ја остваруваат таа улога, може слободно да се каже дека Македонија е партитократија. Централизираните, строго хиерархизирани и дисциплинирани партии, во кои со статутите им е доделена огромна моќ на нивните лидери, не оставаат голем простор, покрај сите реформи, за демократија внатре во партиите. Тоа отсуство на демократијата во партиите се отсликува во моделот на владеењето со државата што го воспоставуваат кога ја освојуваат власта. А тој модел на владеење се нарекува партитократија и значи замена на власта на народот со власт на партиските врвови.
Партиите во Македонија, по победата на изборите, се однесуваат според принципот „победникот носи сѐ“ и воспоставуваат систем на владеење што многу личи на оној во еднопартиските системи или на владеењето пред воведувањето на повеќепартизмот, кој беше познат како модел „партија-држава“.
Во таквиот модел на владеење се укинуваа поделбата на власта, слабее контролата од судската власт врз законодавната и извршната, се обезбедуваат услови за неказнивост и корупција на носителите на власта, се создаваат услови за злоупотреба на власта и лично богатење на поединци во неа или блиски до неа, а некои од така збогатените поединци стануваат сопственици на влијателни медиуми, низ кои ја водат својата идеолошка битка против конкурентите за власт.
Поради големата моќ на партиските лидери, во ваквиот партиски систем, тие личат на „лидерски партии“ од аристократската фаза на формирањето на првите политички партии и често најсложените прашања во земјата се решаваат на „лидерските средби“ и состаноци, а не во институциите. Во такви услови, како што ќе заклучи М. Острогорски, анализирајќи ги партиите во САД и во Велика Британија (1902), „тиранијата на партиите се сведува, всушност, на тиранија на нивните лидери“.
Желбата да ја зачува лидерската моќ по секоја цена и осуството на ограничени мандати за нивен резибор и отсуството на демократски процедури за избори во самите партии, често доведуваат до тоа, при промената на лидерите, партиите да минуваат низ судири и бавен процес на своја консолидација.
Поимот „партитократија“, Острогорски во своето дело „Демократијата и политичките партии“ го објаснува и со следниве одредници:
„Секој обид за зацврстување на слободата и независноста на политичката мисла во таквите општества е задушен, бидејќи секое разидување во мислењето е удар за единството на партијата и закана против партиското раководство, кое се прогласува за вечен чувар на ова единство.
Дискусијата во парламентот е формалност: за сѐ однапред се одлучува во партиските раководства. Законскиот предлог што партискиот одбор го има одобрено може да се смета како веќе усвоен во парламентот.“
„Конкурентноста на двете партии се сведува на конкурентност на две трговски куќи, кои меѓу себе си конкурираат, и тоа нечесно, настојувајќи една на друга да ѝ ги открадне гласовите на избирачите.“
Пратениците избрани во Собранието не се веќе претставници на избирачите… Личните особини на кандидатот, дури и неговиот карактер, не се веќе главните квалификации. Она што пред сѐ се бара од него е неговата согласност со партиската политика без резерва.
Задачата на мноштвото партиски пратеници се состои единствено во тоа да ги поддржуваат шефот на својата партија и неговите помошници. На најинтелигентните и најнадарените им припаѓа честа да бидат партиски гладијатори. Другите се проста машина за гласање.
Под новите услови, партиската дисциплина станува сѐ построга, а неподложувањето на оваа дисциплина се смета за велепредавство, за кое мора да се трпи.
Мора да се гласа дури и за „жолто куче“ само ако тоа се нуди на партиската кандидатска листа. Никој не смее да чепне во листата под закана за нејзино сквернавење. Партијата станува предмет на фетишистичко обожавање. Човекот што би се одвоил од партијата се смета за дивјак, еден вид штетник, додека оној што оди по својата партија со затворени очи е „патриот“.
„Одобрувањето на злоупотребите, поднесувањето на политичката корупција се шири како отровен гас. Од толерирањето на злото, политичкиот формализам брзо води кон соучесништво во него.“
„Овие последици од партиите почнуваат да фрапираат сѐ поголема маса луѓе. Во јавноста веќе јасно се појавува движење за побуна против партиите. Нивниот опортунизам понекогаш мошне блиску до цинизмот, очигледната неискреност на нивните дела, нивната работа и метод со кои се докопаа до избирачите, предизвикуваа гадење во многу средини. Голем дел луѓе овие партии ги доведоа дотаму да дигнат раце од партиите и политиката и да велат дека сите политичари се комедијанти.“
„Образованите луѓе се навредени од политичката деградација којашто партиите и нивните организации ја имаат предизвикано. Деловните луѓе се во очајание од тоа што парламентарната машина работи напразно, но со огромни трошоци.“
Опстојувањето на партиската држава во земјите што транзитираат од комунизам во демократија, ќе констатира Весна Пашиќ, е доказ за површна демокрaтизација на општеството, која не допира до владеењето на правото и до воспоставувањето институционални граници меѓу потсистемите на општеството (какви што се економскиот, безбедносниот, судскиот и други).
Партиите во таквите системи си преземаат многу повеќе власт одошто им припаѓа, вели таа, и многу често државата ја делат на феуди (министерства и сектори), во кои од вертикалата до дното, со институциите, имотот и вработените, владее само една политичка партија.
Мојзе Осторгорски зборувал дека системот еволуира од демократија во „партитократија“ во Англија и во САД во почетокот на овој век, но тоа не ги спречило тие земји да станат најсилни и најдемократски во светот. А тоа значи дека постојат лек и излез и за Македонија.
Членството на Македонија во НАТО и започнувањето разговори за членство во ЕУ ќе вршат притисок во насока на сообразување на целиот политички и економски систем со системите на најразвиените западни демократии. Ќе се демократизираат и партиите однатре низ процесот на директните избори на лидерите од членството и воведувањето демократски процедури за избор на пратеници советници и градоначалници. Низ реформите ќе се воведува практика на демократско функционирање на законодавниот дом, одговорно функционирање на владата и јакнење на независното судство, кое ќе ја спречува неказнивоста на избраните и именувани функционери.А кризата на партиципацијата, на идентификацијата и на интеграцијата во земјата ќе доведува и до промена на изборниот модел во насока на подиректно влијание на граѓаните врз изборот на своите политички претставници.
(Изводи од книгата „Раѓањето на мултипартизмот“, изд. „Слово“ – Скопје, 2020)