Динамиката на иселување од земјава отсликува еден (тотално неприфатлив) тренд
Македонија да стане земја на „жители од трета доба“, без никаква развојна перспектива, со трома администрација и социјални трансфери што ја вшмукуваат развојната компонента на државниот буџет. Но како што во едно општество сè е поврзано и функционира по принципот на сврзани садови, па така со споменатиот тренд на иселување ќе нема кој да го полни државниот буџет, а ние сè подлабоко ќе тонеме во спиралата на бесперспективност. Решителното ставање точка е неопходност
Младите Македонци со пасошот в џеб и со мислите во светските метрополи
Дали е веќе извесна иднината што ја очекува Македонија ако во краток рок не се изнајдат вистински решенија како да ги задржи младите луѓе во земјава? Како што стојат анкетите, но и како што стојат показателите за трендот на иселувањето, мнозинството млади веднаш би ја напуштиле државата ако за тоа им се укаже можност. Но болката да биде уште поголема, земјава би ја напуштиле и средовечни семејни луѓе што останале без работа и немаат никаква можност да најдат друг работен ангажман, па сè почесто и тие размислуваат трајно да си заминат заедно со своите семејства.
Сево ова говори за еден (тотално неприфатлив) тренд Македонија да стане земја на „жители од трета доба“, без никаква развојна перспектива, со трома администрација и социјални трансфери што го вшмукуваат државниот буџет. Но како што во едно општество сè е поврзано и функционира по принципот на сврзани садови, па така со споменатиот тренд на миграции ќе нема кој да го полни државниот буџет, а ние сè подлабоко ќе тонеме во спиралата на бесперспективност.
Младите ја гледаат својата иднина надвор од државата
И додека светските трендови говорат за тоа како државите на сите начини се обидуваат да ги задржат младите квалитетни кадри дома преку високи плати и други стимулации, повеќе од јасно е дека Македонија ја губи способната младина, која бега поради длабоко партизираната држава и неможноста да го покаже сопствениот квалитет и за тоа соодветно да биде вреднувана и стимулирана.
Низ земјава со години никнуваа еден куп приватни универзитети, кои заедно со државните досега требаше да понудат нова генерација на добро образован млад кадар што требаше да биде идниот мотор на економијата и развојот на државата, но во најголем дел таа генерација шансата си ја побара надвор.
– Студирам онлајн на странски универзитет и веднаш по завршувањето заминувам во Норвешка. Таму ми понудија работа, сместување и покривање на сите животни трошоци. Во ниту еден момент не се размислив дали да прифатам, бидејќи ваква понуда не се добива секој ден. Во Македонија искрено не гледам иднина оти тука сè е импровизација и квалитетни кадри што завршиле факултет завршуваат како продавачи на пазар оти државата не го вреднува нивното знаење. Па дури и во приватни компании партиите притискаат да се примаат нивни луѓе. За каков развој зборуваме тука? Си одам и не погледнувам назад – вели категорично Оливер Велковски, студент.
Сѐ почеста појава и средовечни луѓе да заминуваат да работат и живеат во странство…
Од државата сакаат да си заминат и средовечни луѓе што од разни причини останале без работа и не можат одново да се вработат, иако со своето искуство можат да придонесат во некои сфери.
– Останав без работа и сега во огласите се бараат помлади луѓе. Јас веќе наполнив 45 години и затоа барам работа како возач во Европа. Имам некои понуди за Германија и за Шведска и ако успеам да се договорам заминувам веднаш. Подоцна, штом се снајдам, ќе го повлечам и семејството. Имам две мали деца што во оваа држава немаат никаква перспектива, па како родител сакам да им дадам можност да се докажат некаде каде што се вреднува трудот. Тука ќе завршат школи и факултети со највисоки оценки и сè попусто, повторно ќе им шефува некое партиско полтронче што ништо не знае и што го ставиле на функција само затоа што лепело плакати. Затоа не нè бива како држава, ми се смачи од сево ова 30 години и затоа сакам да си заминам – вели Орце Крстев, возач.
Несомнено вака размислуваат илјадници млади во државата, но најстрашно од сè е што државата постојано го нотира тоа, а ништо не прави да ги промени состојбите. Сите ветуваа дека ќе ја донесат Европа тука, но не можат да избегаат од балканските манири и затоа ветувањата секогаш остануваат неисполнети.
Прашањето што реално треба да си го постави секоја власт во оваа држава е како да се спречи одливот на младите и како тие да се мотивираат да останат и да работат за развој и иднина на својата земја.
Малку е потребно во Македонија луѓето да се задоволни и среќни
– Македонското општество не може да опстои и одржливо да се развива ако државата не направи луѓето да се задоволни и среќни. Не пребогати, бидејќи тоа не се постигнува ниту за пет или десет години, но може да помогне, односно да ги регулира сите системи во економијата, политиката, образованието, здравството, културата, во слободното живеење, така што луѓето ќе бидат со чувство дека се сигурни, дека се задоволни за да можат да живеат и напредуваат, дека тоа што се вика љубов кон татковината, патриотизам, има директен ефект и дека тоа е еден дел од материјалноправните процедури на правна сигурност и еден голем дел духовни активности што ќе им гарантираат, односно ќе им обезбедуваат на луѓето чувство на сигурност и чувство дека можат да напредуваат и дека многу работи зависат од нив – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, рециклирањето елементи на криминал, корупција, фалсификувани избори, непотизам, партизација, од осамостојувањето на државата до денес, сето тоа ги одвраќа луѓето од останување во земјава.
– Државата, ако сака да ги зачува младите тука, треба да понуди систем од мерки, но таков систем што луѓето ќе имаат чувство дека тие мерки се правични, дека ги форсираат тие што се способни и квалитетни и што можат да работат. Кај нас има надарени луѓе за истражување и наука, но не можат да влезат на работа затоа што тие пет-шест места во институциите се чуваат за семејни членови, за некој од партија, па логично дека човекот ќе биде разочаран – нагласува Андревски.
Тој додава дека државата треба да им понуди на луѓето сигурност на долг рок, а не краткорочно.
– Нема голема филозофија какви мерки треба државата да преземе да ги задржи младите луѓе тука. Поволен станбен кредит, ако е со мало дете некаква гаранција дека нема газдата да го избрка од работа, дека државата ќе се грижи, стабилност на општеството ќе има ако платите растат во некој степен што ќе ги следат потребите на животот. Во сите толкувања на живеењето на човекот постои и денеска и утре и задутре. Ако постои само денеска, тоа не е одржливо и прифатливо. Мора да им се гарантира на луѓето дека ќе работат три-четири години, па по нив ќе можат да планираат уште 10, 14 и повеќе години – истакнува професорот Андревски.
Негово мислење е и дека во време на компјутери и мрежно поврзување на институциите, апсурдно е да не може луѓето да извадат основни документи.
– Во компјутеризирано време надвор од умот е да чека некој Извод од матична книга на родени, државјанство, Извод од матична книга на венчани, криза во издавање пасоши и други слични потреби. Или да не е сигурен дека може регуларно да добие дозвола за регистрација на фирма, без да стравува дека некој ќе му бара привилегија, дали некој ќе го запре во Централен регистар, дали ќе има пречки во банка… Овие работи државата не треба да ги вети, туку тие треба да бидат практика. Ако веќе државата е принудена да вработува партиски кадри во своите институции, барем да ги насочи луѓето таму да работат во полза на општеството, да нудат идеи, проекти, комуникации, а не да бидат во функција на партијата и да не работат ништо – посочува Андревски.
Според него, малите држави како Македонија најлесно можат да го решат проблемот со одливот на млади.
– Значи среќата како чувство и веројатно како објективно постоење е поприсутна таму каде што државите се помали и каде што можат прашањата и животните проблеми и перспективите, амбициите, дневните барања полесно да се задоволат, да немаат луѓето стрес, лесно да можат да ги решат проблемите итн. Штета е што Македонија е мала држава, а спаѓа во најнесреќните земји во светот и тоа е еден од носечките фактори за тоа што кај младите, но и кај средовечните луѓе, особено оние со семејства, една од идеите е да ја напуштат државата – заклучува Андревски.