Колку се ефикасни сегашните антиковид-мерки во Македонија и дали и што треба да направат здравствените власти за да превенираат ново полнење на болничките капацитети? Во Србија, Бугарија и во други земји од денеска стапуваат во сила нови порестриктивни мерки, со цел спречување на ширењето на коронавирусот
НОВ ЕСЕНСКИ КОРОНА-БРАН ВО РЕГИОНОТ И ВО ЗЕМЈАВА
Влегува ли Македонија во нова поопасна фаза со коронавирусот, дали растот на нови случаи најавува нов сериозен бран? Колку се ефикасни сегашните антиковид-мерки и дали здравствените власти треба да направат нешто за да превенираат ново полнење на болничките капацитети? Дотолку повеќе што во одредени земји од Европа, но и во регионот мерките повторно се заоструваат, има рестрикции на движењето, онлајн настава за учениците, сѐ со цел превенција од ширење на вирусот. И, секако, време ли е за нова сериозна кампања за издигање на свеста за вакцинација? Сите овие дилеми се исправени пред Комисијата за заразни болести и здравствените власти од кои граѓаните очекуваат итна реакција.
Здравствените власти одлучија сите вакцинирани со „Синофарм“ и со „Синовак“ кај кои поминале три месеци од ревакцината да добијат и трета доза.
Д-р Злате Мехмедовиќ, лекар специјалист по медицина на трудот, смета дека е потребна активна континуирана едукација преку добро осмислена кампања, која ќе биде институционална и која ќе ги едуцира граѓаните за бенефициите од вакцините. Изминатиот период имаше малку такви кампањи што ќе можеа да ги задушат вестите, односно дезинформациите, кои одеа во насока да ги промовираат антиваксерските движења – посочува д-р Мехмедовиќ.
Тој не очекува влошување на состојбата, нешто што сега е случај во Србија и во регионот.
– Во насока дали треба предвреме да воведеме мерки, не треба, но треба да се следи будно епидемиолошката состојба и при најмал тренд на зголемување на бројките на заразени треба да се размислува за соодветни мерки за тој период за епидемиолошката состојба. Не може да ставиме ограничувања на овие бројки – посочува д-р Мехмедовиќ.
Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со ковид-19, во периодот од 6 август заклучно со 21 октомври. За вакцинирани се сметаат лицата што се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза вакцина.
Во периодот од 6.8 до 21.10.2021 на територијата на државата 42.945 граѓанин се позитивни од тестирани на ковид-19, од нив 26 отсто биле целосно вакцинирани, односно 11.253 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани што се заразиле со ковид-19.
Според статистика за изминатиов период, 31.692 граѓани, односно 74 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани изнесува 76 отсто, додека само 24 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.
Во период од 6.8 до 21.10.2021 на територијата на државата починале 1.506 лица со ковид-19, 1.246 пациенти, односно 83 отсто од починатите не биле вакцинирани, а само 260, односно 17 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини што ги има на располагање кај нас.
Србија дневно има по 6.000, 7.000, па дури и 8.000 заразени. Инаку, Србија беше прва земја во регионот што имаше повеќе вакцини на располагање. Од оваа недела започнува примената на ковид-пропусници во Србија, односно во угостителските објекти во затворено гостите ќе можат да влезат само со потврди за вакцинација или прележана болест, кои веќе ги имаат во писмена или електронска форма. Истото тоа ќе важи и за негативен резултат од ПЦР-тест (не постар од 72 часа) и антигенски тест, не постар од 48 часа. Она што е ново, во однос на трите услови за ковид-потврда, е дека валиден „пасош“ ќе биде и резултат од тест на антитела, кој потврдува доволно ниво на заштита, но под услов да е издаден во државна институција.
И во Бугарија постојано се зголемува бројот на пациенти и смртни случаи од коронавирусот. Според последните донесени мерки, сите активности во затворени простории веќе се изведуваат само со поседување зелен сертификат. Документот се однесува на завршен циклус на вакцинација, прележан ковид-19, антиген тест не постар од 48 часа или ПЦР-тест што важи 72 часа.
Условот за зелен сертификат важи за киносали, театри, концерти, музеи, галерии, трговски центри, продавници над 300 квадратни метри, спортски сали, спортски сали, клубови, базени, ресторани, хотели, пазари, пазари, чаршии, фудбалски натпревари.
Од Светската здравствена организација велат дека пандемијата на ковид-19 ќе трае и наредната година. Сиромашните држави не го добивале потребниот број вакцини, па како што наведуваат од СЗО, пандемијата ќе продолжи една година подолго од потребното. Во Африка вакцина примиле само пет проценти од населението, наспроти 40 отсто на другите континенти. Во меѓувреме, од компанијата „Фајзер“ објавија дека ефикасноста на третата доза од нивната вакцина е близу 96 проценти.