Низ дипломатските кулоари во Брисел не владее преголем оптимизам за можно повлекување на ветото од страна на Бугарија до министерскиот совет на почетокот на идната недела. Тоа, на некој начин, ја става на крстопат Македонија како да продолжи понатаму. Но истовремено е голем предизвик и за самата Унија и за нејзините вредности и позиции. Дали Брисел ќе потклекне на притисоците и уцените на Бугарија или Унијата ќе покаже демократска зрелост и капацитет да го одблокира патот за Македонија
ШТО ПО 8 ДЕКЕМВРИ
Неполна недела останува до министерскиот совет на Европската Унија, а во пресрет на состанокот на европските министри продолжуваат напорите за наоѓање решение меѓу Бугарија и Македонија за да се одблокира македонскиот евроинтегративен процес и земјава да ги започне пристапните преговори со Унијата до крајот на годината.
Засега нема знаци на попуштање од страна на Софија, која продолжува да инсистира Македонија да признае бугарско потекло на народот и јазикот и да се откаже од македонското малцинство во Бугарија. Истовремено бугарската страна инсистира и на својата верзија на историјата.
Во меѓувреме, продолжува дипломатската активност за наоѓање решение од двете страни, а дека нешто се случува покажува и изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел, која рече дека постои можност земјава сепак да ги почне преговорите со Унијата до крајот на годинава.
– Се соочуваме со тешкотии да овозможиме одржување на меѓувладината конференција со Северна Македонија. Албанија направи голем напредок, но особено е во прашање дали ќе успееме навреме со Северна Македонија, затоа што сè уште постои потреба од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија – порача Меркел.
Сепак, низ дипломатските кулоари во Брисел не владее преголем оптимизам за можно повлекување на ветото од страна на Бугарија, така што поверојатно е Македонија да остане во чекалницата на ЕУ уште некое време отколку во овие неколку дена да се постигне некакво решение.
Сево ова влијае врз состојбите во земјава, која без оглед што ги направи сите работи што беа побарани од неа, повторно останува заглавена. Ваквиот развој на настаните несомнено не ѝ оди во прилог ниту на Европската Унија, која поради дискутабилното одлучување со консензус овозможува блокада на нејзината политика на проширување на Балканот, а уште повеќе и девалвирање на европските вредности што, впрочем, ги бара од земјите-кандидатки.
Некои од аналитичарите со кои се консултира весникот сметаат дека Македонија нема друга алтернатива, освен евроинтеграциите.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека е можно да се постигне компромисно решение во овој период без штета по македонските национални интереси.
– Може да се најде решение. Според моја процена, бугарското вето ќе си остане, но Македонија ќе добие право да разговара за темите во некои поглавја, а кога подоцна официјално ќе почнат преговорите, она што е испреговарано ќе биде вметнато во завршните материјали – вели Андревски.
Според него, тоа би било еден вид преодно решение за да се добие време Скопје и Софија да ги решат несогласувањата.
– Бугарија нема да дозволи формално отворање на преговорите како со другите земји, но нема да се противи на преодно решение да се поминат некои области од поглавјата, па подоцна ако се најде некое решение и официјално да се отворат преговорите со Македонија – појаснува Андревски.
Тој додава дека во меѓувреме земјава ќе треба да се приспособува според барањата во преговарачките поглавја.
И политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека е возможно да се најде решение во периодот што следува.
– Мислам дека е возможно да се најде решение и мислам дека во текот на целиот овој процес тоа повеќе зависи од Бугарија отколку од Македонија. Земјава покажа, на пример интервјуто на Заев без оглед колку некому да му се допаѓа или не, дека ние за некои работи сме подготвени да бидеме креативни во решенијата, но дека за некои работи, како јазикот и идентитетот, не можеме да разговараме – вели Арсовски.
Според него, сега во моментот работите зависат само од Бугарија, односно дали нашата великодушност по другите прашања им е доволна или би сакале да разговараат и за идентитетот, што, како што вели Арсовски, би било невозможно за нас.
– Ние јавно сме конструктивни, но цело време повторуваме дека за некои работи не може да се разговара. Ако Бугарија прифати дека за тие работи не може да се разговара, мислам дека за другото може да се најде решение – истакнува Арсовски.
Тој вели дека и да не ги почне земјава сега преговорите за членство со Унијата, треба да продолжи со работа на евроинтеграциите.
– Ние треба да продолжиме да бидеме конструктивни и да го почекаме исходот од изборите во Бугарија и тогаш да продолжиме кога бугарската политичка сцена ќе биде порелаксирана, односно нема да имаат избори. Второ, по сите анкети Каракачанов повеќе нема да биде во Собранието, а тој е најтврд во барањата. Трето, ќе се активираат САД, кои сега се во транзиција, а четврто, ние имаме можност да продолжиме да ги правиме реформите и да чекаме можност кога ќе можеме да ги започнеме преговорите со ЕУ – појаснува Арсовски.