Недоделувањето датум за преговори за Македонија и за Албанија со ЕУ, како и недоволниот ангажман на САД во регионот, претставуваат своевиден ризик за Балканот и отвораат можност за ширење на влијанието на стратегиските ривали на Западот. Во полза на ова тврдење одат заклучоците на Советот на Унијата одржан во Луксембург, како и на Комитетот за надворешни прашања на американскиот Сенат. Македонија во двата извештаја е наведена како позитивен пример, во поглед на решавање на спорот со Грција, како и на соработката со САД и приемот во НАТО.


Што заклучиле министрите на ЕУ

Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ, кои дале согласност за одредување на датумот за преговори, сметаат дека кредибилитетот на Унијата е доведен во прашање, откако Македонија не доби зелено светло за почнување на преговорите, и покрај постигнатата спогодба со Грција за ставање крај на спорот за името, со што го отвори патот кон ЕУ и кон НАТО, објавува „Политико“.
Неможноста за постигнување согласност за почнувањето преговори со Македонија и со Албанија разгневила некои од земјите-членки на ЕУ како и на претставниците во Европската комисија. Тие тврдат оти одложувањето на одлуката ги доведува во ризик проевропските влади на двете држави, односно претставува можност за подем на стратегиските ривали како што се Русија, Кина и Турција, на Западен Балкан. Противниците на почнувањето преговори ги посочуваат длабоко вкоренетите проблеми со корупција, организиран криминал и сиромаштија, како и неодамнешните конфликти.
– Земајќи ги предвид ограниченото време на располагање и значењето на прашањето, Советот ќе се наврати на ова прашање преку перспектива за постигнување јасна и суштинска одлука, во најбрз можен рок, а не подоцна од октомври 2019 година – се вели во заклучокот од состанокот на шефовите на дипломатиите во ЕУ.


Кој е ставот на американскиот Сенат

Комитетот за надворешни прашања на американскиот Сенат заклучи дека недоволната ангажираност на САД и на нивните сојузници во регионот на Западен Балкан оставило простор за ширење на влијанието на Русија, како на пример, при обидот за државен удар во Црна Гора во 2016 година, при агресивната кампања против референдумот во Македонија во 2018 година и во текот на изборот на Милорад Додик во Претседателството на БиХ, пишува „Еуроактив“.
Македонија имаше блиска соработка со САД во сузбивање на руското влијание во сајбер-просторот, вклучувајќи го формирањето систем за сајбер-безбедност, а приемот во НАТО претставува историска можност за зголемување на стабилноста во регионот, смета Кетрин Вилбаргер, в.д. помошничката на државниот секретар за одбрана на САД.
– Нашите сојузници и партнери од Западен Балкан ги гледаат САД како држава, која цели да ја одврати Русија и да ги институционализира столбовите на западните демократски вредности. Проширувањето на НАТО не служи само за колективната одбрана, туку и за подобрување на основните принципи на САД во поглед на нашата национална стратегија и одбрана – истакна Вилбаргер.
Во заклучоците на комитетот се посочува и подобрувањето на македонско-грчките односи.
– Односите со Грција се подобрија по Преспанскиот договор, вклучувајќи го и полето на одбраната. Грција се покажа како корисна во патролирањето на воздушниот простор на Северна Македонија – се заклучува во извештајот.