Факт е дека ѝ се случија исклучително сериозни суштински статусни промени на државава по 8 септември 1991 година. По плебисцитарното изјаснување на граѓаните, кое има највисок степен на демократско одлучување и изразување на волјата на граѓаните, Македонија тргна самостојно и суверено по својот пат. Но поновата историја, на која и сами сме сведоци, ни покажа дека борбата за вековните идеали на македонскиот народ не заврши таму. Напротив. Премрежињата, стапиците и примките на меѓународната, но и дома, направија нашите лидери да бидат ставени пред завршни чинови и да се согласуваат на нови и нови суштински отстапки и промени, кои следуваа во низа, почнувајќи од 2001 година. Со тоа и де факто и де јуре постапно се менуваше карактерот на државата, а европските правни и политички теоретичари добија предмет кај нас ин виво да вршат опити за зачнување и инкубација на нов хибриден политички систем
Некои аспекти на битието, значењето и причините за одбележување на денот на независноста пред дваесет и девет години и денес
Од 1991 година, 8 септември во македонската историја претставува ден на заокружување на долгата борба низ историјата за национална самобитност и државна независност. Оттогаш, означен како државен празник – Ден на независноста на Македонија, всушност се одбележува денот кога во 1991 година, со убедливо мнозинство од 95 отсто од излезените граѓани (72,16 проценти од вкупниот број на граѓани со право на глас) на референдумот се изјаснија за сувереност, независност и самостојност на Македонија и на македонскиот народ.
Динамичниот тек на историјата и политичките искушенија на кои беше ставена Македонија во текот на сите години од својата независност покажаа дека борбата за македонскиот национален и државен идентитет не е ниту оддалеку завршена. Имено, зачувувањето на изворните вредности на нацијата и македонската државата во современиот постреферендумски политички период до денес, во меѓународниот контекст и опкружување, беше ставено пред сериозни предизвици. Последната уставноправна и политичка реконструкција беше со имплементацијата на Преспанскиот договор, а во името на државата е додадена географската одредница „северна“. Промената на уставното име на Република Македонија (од АСНОМ 1944) предизвика видно изразена поделба во општеството, но и генерира нов процес на (повторно) докажување на нешто што требаше да е одамна апсолвирано, а тоа е фактот за посебноста и автентичноста на македонскиот национален супстрат.
Влегувајќи во таква спирала на докажување на нешто што нема потреба да биде докажувано, веќе втора година ирационално се создава амбиент во кој се наметнува прашањето дали се зачувани смислата, значењето и основната причина за прослава на Денот на независноста на Македонија.
– За да може празникот 8 Септември да го има истото значење, кога во 1991 година со 95 отсто од излезените граѓани на референдумот беше изгласана македонската независност, би требало да постои стварноста чиј празник беше. Тоа е Република Македонија! Денес Република Македонија воопшто не постои на оној начин на кој постоеше тогаш. Со други зборови, ние славиме нешто што не постои, бидејќи оттогаш до денес повеќекратно е променет Уставот на државата, променето е името на државата, извршена е целосна територијална реорганизација по етнички принцип. И наместо да се продолжи како што се мислеше, се отиде кон изградба на етничка држава сведена на еден народ и едно малцинство. Според тоа, ние на 8 Септември нема што да славиме, односно славиме покојник – вели универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски.
Смислата на празнувањето на 8 Септември денес е доведена во контекст на политичка перверзија, кога многумина од политичката елита ќе избегнуваат да го спомнат името на државата (Македонија) чиј ден на независност се празнува, смета историчарот Тодор Чепреганов.
– Втори август 1903 и 1944, како и 8 Септември 1991 се светли и свети датуми во македонската историја, датуми што ги означуваат борбата и заокружувањето на македонската независност и потврда на македонскиот национален идентитет. За жал, денес смислата и значењето на овие датуми се ставени пред едно реално „но“!
Од друга страна, нашите теоретичари, пак, во пресрет на големиот празник, ја разгледуваат тезата дали се идентични битието, значењето и основната причина за прослава на 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, тогаш кога за тоа изворно се изјаснија граѓаните на Македонија на референдумското прашање или денес?
За мене, 8 Септември е Денот на независноста на Република Македонија, но истовремено сведоци сме на политичката перверзија, кога многу од актуелните политичари нема да го споменат името на државата чиј празник го чествуваат. Некако трагикомично е во моментот кога реалност е Северна Македонија да се слави празникот на Република Македонија. Воопшто, кај политичарите во Македонија недостига чувство за државност и нација – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Во тој контекст, Чепреганов смета дека суштината на значењето на Денот на независноста на Македонија е сериозно загрозена со актуелниот политички тренд во Владата на спроведување на договорите со соседите што предвидуваат споделување на историјата.
– Денот на промената на името на Република Македонија, потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, може да се означи како ден на негација на македонската нација. За жал, продолжува таквиот тренд и во спроведувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, со комисиска ревизија на историјата, во која тенденциозна е намерата дека сѐ што е македонско национално треба да биде споделено со другите. Како да е изгубена секоја смисла за македонска нација и македонска држава – резигнирано констатира историчарот Тодор Чепреганов пред уште едно чествување на македонскиот ден на независноста.