Фото: Игор Бансколиев

Многу граѓани велат дека пандемијата се користи како изговор за неажурноста и неработењето на некои институции и на другите организации и компании со кои граѓаните најчесто контактираат и имаат потреба од нивни услуги. Ваквата неодговорност и организациска поставеност, пак, одат на директна штета на интересите на граѓаните. Сѐ додека пандемијата се сфаќа како можност една недела да работиме, а другата да одмораме дома (и така во континуитет) несвесно придонесуваме да си го загрозиме нашето, како и многу други работни места. Ова важи и за јавниот, но и за дел од приватниот сектор, велат експертите

ДАЛИ ПАНДЕМИЈАТА СЕ КОРИСТИ КАКО ИЗГОВОР ЗА НЕРАБОТЕЊЕ

Успеаја ли државната администрација, институциите, но и другите организации и компании со кои граѓаните најчесто контактираат и имаат потреба од нивни услуги соодветно да одговорат на потребите на граѓаните? Се чини дека овие месеци на пандемија ја покажаа целокупната неподготвеност на системот за ефикасно онлајн функционирање во интерес на граѓаните. За оваа дилема најверојатно ќе треба да се направи сериозна анализа, откако ќе заврши пандемијата, но дотогаш голем број граѓани ќе продолжат да негодуваат дека навреме не успеваат да ги завршат сите работи што се поврзани со функционирањето на институциите.
Со денови остануваат на телефонските линии, на кои, освен контакт со виртуелна телефонска секретарка, не успеваат да стапат во директен контакт со вработено лице во институциите. Без разлика дали се работи за некоја државна институција или за друга организација чија услуга се бара.
Со денови се чека за одговор преку електронска пошта, а речиси на прсти се бројат документите што воопшто и можат да се добијат електронски. Многу често и да аплицирате преку онлајн системите, на крајот повторно ќе мора да заминете на шалтер за да ги подигнете потребните документи, или, пак, да чекате со недели истите тие да ви бидат доставени преку пошта. Дури и за одговор по мејл се чека со денови и недели ако воопшто и го добиете.
Многу граѓани велат дека пандемијата се користи како изговор за неажурноста и неработењето на институциите. Од друга страна, пак, институциите сметаат дека во оваа ситуација на пандемија најсериозен проблем е кадровскиот, поради кој многу често се случува да има доцнење во одговорите. Практично метежите од пред шалтерите, сега се претворија во метежи на телефон или на интернет.
Експертите, пак, сметаат дека оваа пандемија уште еднаш ги покажа слабите точки во функционирањето, пред сѐ, на државната администрација, која е тромава и неажурна, но и менталитетот на општеството дека сѐ треба да се завршува во последните рокови.

Потребна е дигитализација во институциите

Бојан Кордалов, комуниколог и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, вели дека сѐ уште не гледаме функционална дигитализација на јавните услуги во сите сегменти, односно граѓаните што сакаат, немаат лесно достапна можност да се обратат до надлежните служби и лесно да ја завршат работата.
– Онаму каде што ја има е за поздравување, но сѐ уште (по цели 10 месеци) е во експериментална фаза или во зачеток, кој сѐ уште зависи од потребата за лични контакти и групирања пред шалтерите, канцелариите и слично – посочува Кордалов.
Според него, постојат дел од институциите и службите што нудат повеќе, а дел помалку квалитетни услуги на граѓаните и преостанатите сектори што всушност ги финансираат.
– Не постои друго решение за еднаквост и подобрување на јавните услуги од транспарентноста на податоците и извршените задачи на секој административен работник, заедно со модел на дигитализација што ќе овозможи неселективност и еднаков пристап до сите информации. Сѐ додека пандемијата се сфаќа како можност една недела да работиме, а другата да одмораме дома (и така во континуитет) несвесно придонесуваме да си го загрозиме нашето, како и многу други работни места. Ова важи и за јавниот, но и за дел од приватниот сектор – додава тој.

Правиме сѐ што можеме

Управата за водење матични книги нуди опција за онлајн услуги на граѓаните, но главно тие треба да дојдат на шалтерите на оваа институција и така да ги побараат или да ги подигнат потребните документи.
– Граѓаните можат онлајн да аплицираат за документите, како извод од матичната книга на родени, венчани, или да добијат умреница за починато лице. Но истите тие мораат да ги подигнат на шалтерите на управата или да ги добијат по пошта. Тоа важи за документи што веќе граѓаните ги имаат. Сепак, ако мора да пријавите починато лице и да извадите умреница за него, мора лично да се приложат документи на шалтер – посочуваат од оваа институција.
Според управата, изминатиот период имале многу вработени што биле во изолација или, пак, биле позитивни на вирусот, но со помош на ротации на вработените успеале да им излезат во пресрет на сите граѓани.
Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ велат дека функционираат без ограничувања и пречки, иако се со редуциран кадар поради двосменското работење на вработените.
– Вработените работат во две смени за да нема поклопување на вработените и можност за заразување на вработените на цели сектори во претпријатието. Кол-центарот каде што граѓаните можат да се јават и да пријават дефект работи 24 часа – посочуваат од „Водовод и канализација“.
Јетон Шаќири, министерот за информатичко општество и администрација, вчера во изјава за „Нова Македонија“ посочи дека досега немаат поплаки од граѓаните за работењето на министерството со кое раководи.
– Во многу институции во зависност од потребите е продолжено работното време, се работи на смени или по принцип на ротации на вработените. Според податоците, и барањата на услуги од граѓаните се намалени, зашто е ограничено и движењето на граѓаните поради ситуацијата со ширењето на вирусот. Секако, ако граѓаните имаат поплаки од неработењето на одредена институција треба да ни се обратат – објаснува тој.

Пандемијата изговор за неажурноста

Професорот на Правниот факултет, Борче Давитковски, вели дека голем број од институциите не се соодветно технички опремени за да им одговорат онлајн на граѓаните.
– Многу често вработените во администрацијата ја користат пандемијата со изговор дека биле во контакт со заболено лице и одат во изолација. Не одат на работа, но на крајот од месецот имаат загарантирана плата. Тоа треба некој да го контролира и превентивно да го спречува – посочува професорот Давитковски.
Имено, тој посочи и дека проблемот не е во многубројната администрација, туку во тоа што вработените не се функционално распределени.
– Има повеќе вработени во јавните установи отколку во тие институции каде што администрацијата треба да е директен сервис на граѓаните. Затоа и граѓаните не ја гледаат на терен користа од администрацијата – додава тој.
Во јавната администрација има вкупно 160 илјади вработени. Од нив околу 18 илјади се вработени во државната администрација, односно во министерствата и во локалната самоуправа. Официјалните податоци говорат дека во 2017 година имало 128.722 вработени во јавниот сектор, во 2018 година биле 132.068 лица, а во 2019 г. се 132.900. Истовремено, се зголемувал и бројот на државните институции, кој за три години пораснал за 25, од 1.299 на 1.324 институции.

[email protected]