Македонскиот образовен систем не може да се спореди со кинескиот, бидејќи се работи за сосема различни воспитни вредности и начин на функционирање на образованието. Сепак, нашите власти засега немаат најавено или воведено некакви промени во однос на испитувањето на учениците
Кинескиот модел на образование непрекинато се надградува и дава резултати
Кинеското министерство за образование издало нов училиштен правилник во обид да се намали притисокот со кој се соочуваат учениците. За учениците во прво и во второ одделение во основните училишта, нема да има повеќе испитувања. За учениците од повисоките одделенија ќе се организираат завршни испити секое полугодие, а во меѓупериодот нема да има испити. Имено, од кинеското министерство за образование тврдат дека стресот и притисокот кај учениците почнале негативно да се одразуваат на нивното психичко и физичко здравје. Иако нашиот систем не може да се спореди со оној во Кина, наши познавачи на состојбите сметаат дека воспитно-образовниот систем во Македонија не е поставен за потребите на учениците и општеството.
Испитите прекумерно оптоваруваат
Во соопштението на кинеското министерство за образование се вели:
„Испитите се неопходен дел од училишното образование, но некои училишта имаат проблеми како прекумерни испити, што предизвикуваат прекумерно оптоварување на учениците. Тоа мора да се поправи“.
Целта е со оваа одлука да се намали притисокот врз родителите и учениците во висококонкурентниот образовен систем. Досега, од учениците се бараше да полагаат испити од првата година од основното училиште, па до приемен испит при упис на универзитет, на возраст од 18 години.
Правилата исто така го ограничуваат бројот на тестови и испити што може да ги постави училиштето по термин.
Учениците да се занимаваат со спорт
Кина неодамна ги претставила целите низ правилата со кои се растоваруваат учениците. Донесена е одлука учениците да имаат помалку задачи. Задачите не би смееле да одземаат повеќе од час и половина на ден. Наместо седење над задачата, тие би требало да можат да се занимаваат со спорт. Тамошната влада исто така најави реформа во приватниот образовен сектор. На институтите за образование им е забрането да ги подучуваат учениците за време на викендите. Приватното образование за деца и млади од шест години целосно ќе се укине. Кинеските државни медиуми коментираа дека овој чекор треба да осигури праведен образовен систем. Досега учениците чии родители не можеа да платат дополнителни скапи часови, беа во понеповолна положба од оние што можеа.
Кај нас системот не е поставен на потребите на учениците
Македонскиот образовен систем не може да се спореди со кинескиот, бидејќи се работи за сосема различни воспитни вредности и начин на функционирање на образованието. Сепак, нашите власти засега немаат најавено или воведено некакви промени во однос на испитувањето на учениците. Промени, во согласност со новата концепција, има во начинот на оценување, односно се оди повеќе на описно оценување, за што допрва ќе им претстојат обуки на наставниците во основното образование.
Кинескиот образовен систем се базира на сосема друг концепт. Таму има огромна компетитивност и сѐ се решава преку натпревари. Властите чувствуваат дека сето тоа создава притисоци и стресови за два милиони кандидати деца, па затоа бараат порелаксиран начин на образование. При упис на универзитет, во Кина се случува да има по два милиони кандидати за, на пример, илјада места на насоката за математика.
Иако нашиот образовен систем не може да се спореди со кинескиот, сепак, наши познавачи на состојбите сметаат дека воспитно-образовниот систем во Македонија не е поставен за потребите на учениците и општеството.
– Тука можеме да го бараме коренот на сите проблеми, при што најголеми жртви се учениците. Нереални оценки во основно, притисок врз децата да бидат најдобри во сè за да се запишат во „најдобрите“ средни училишта, континуиран притисок врз наставниците да поправаат оценки. Децата со години се жртви на нефункционален образовен систем, но намерата со новата концепција за основно образование е работите конечно да почнат да се менуваат на подобро – смета професорот Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки во Штип.