Неоспорно е дека реформи се потребни со оглед на сѐ послабите резултати што на меѓународни тестирања и натпревари ги покажуваат нашите ученици, но сепак, треба да се внимава при воведувањето промени во системот. За оваа идеја треба да се дискутира со сите засегнати, бидејќи на почетокот, уште непрезентирана и необјаснета, беше буквално раскината во јавноста
НЕ ПРЕСТАНУВААТ РЕАКЦИИТЕ
ПРО И КОНТРА НОВАТА КОНЦЕПЦИЈА
Претставници на граѓански организации, универзитетски професори, директори на основни училишта се само некои од луѓето – дел од стручната јавност, со кои периодов се среќава министерката за образование и наука Мила Царовска, а со кои разговара за потребата од крупни промени во основното образование. Од друга страна, пак, многубројни се реакциите против новините што се најавени со тие образовни реформи.
Неоспорно е дека реформи се потребни со оглед на сѐ послабите резултати што на меѓународни тестирања и натпревари ги покажуваат нашите ученици, но сепак, треба да се внимава при воведувањето промени во системот. За оваа идеја треба да се дискутира со сите засегнати, бидејќи на почетокот, уште непрезентирана и необјаснета, беше буквално раскината во јавноста. Додека едни сфатија дека ќе го копираме финскиот модел, други сфатија дека ќе се укинува предметот Историја, а пак, трети, дека наставници ќе бидат бркани од работа поради најавеното спојување на предметите.
Советот на Синдикатот за образование, наука и култура, тело што има неколку илјади члена, на една од последните седници донел заклучоци во однос на најавените реформи во образованието.
– По опширната расправа темелејќи ја на доставените записници од синдикалните организации, се констатира дека СОНК ја поздравува иницијативата за реформирање на образованието и смета дека таа е неопходна, но е избрзана, без создавање неопходни услови за непречено одвивање на истата таа, без претходнo отстранување на слабостите за нејзино успешно реализирање и со многу неодговорени прашања и детали во самиот документ нацрт-концепт за реформи во основното образование. Советот донесе заклучок, во интерес на поуспешно реформирање на основното образование, дека оваа иницијатива треба да се одложи или да се спроведе во пилот-училишта и врз основа на резултатите во тие училишта да се детектираат и отстранат евентуалните слабости, да се констатираат добрите страни, а потоа да се преземат чекори за спроведување на реформите – стои во соопштението од Синдикатот.
Синдикалците неодамна и се сретнаа со Царовска и дискутираа за реформите во основното образование, а на средбата биле дадени конструктивни и аргументирани забелешки.
– Убедени сме дека од страна на МОН ќе бидат прифатени забелешките на СОНК, со што ќе се најдат можности за подобро реформирано основно образование, како и пореални услови сите наставници и стручни соработници да имаат можност да конкурираат и да напредуваат во својата кариера – вели Јаким Неделков, првиот човек на организацијата.
Во врска со најавените промени, оценувањето на учениците е посебен дел од целиот наставен процес што не трпи импровизации и кој мора добро да биде осмислен. Членовите на работната група, формирана од Министерството за образование и наука, разгледуваат можности како да изгледа оценувањето на учениците. Членот на работната група, професорот од штипскиот универзитет проф. д-р Кирил Барбареев, кој многупати досега јавно предупредувал дека оценувањето е цела една наука, вели дека концепцијата поаѓа од стандарди и политики на оценување, предлогот е да се користи широк дијапазон на методи.
– Критериуми за оценување ќе има за секој наставен предмет. Ќе се изготвуваат на ниво на држава и/или на ниво на училиште, а во нивното изготвување помагаат нивоата на постигнувања што се поставени на државните тестирања, како и задачите што се користени на државните и меѓународните тестирања. За секоја конкретна задача, за секој тест и за секој одговор што се оценува, се воспоставуваат јасни и однапред познати критериуми за оценување – појаснува тој.
Надлежните во Бирото за развој на образованието објаснуваат дека ќе се инсистира повеќе на перманентно оценување низ целата учебна година, а за тоа ќе се користат различни техники и се прибираат податоци за постигнувањата на ученикот. Оттаму објаснуваат дека оценувањето не е процес што се сфаќа како она што е сега практика – прво децата да учат, па потоа да бидат оценети.
Во оваа фаза сѐ уште се прибираат сугестии и предлози за тоа што да се менува. Оттаму нагласуваат дека издржаните реакции и предлози ќе бидат земени предвид. Во меѓувреме членовите на работната група заедно со Царовска се среќаваат со универзитетски професори од сите универзитети во државата.
– Овие средби се многу важни за процесот на реформи, а мислењата на универзитетските професори од различни научни дисциплини се добредојдени затоа што верувам дека сите заеднички ќе создадеме квалитетни промени во нашето образование. Посебно важно ќе ни биде мислењето на професорите од научните дисциплини што се вклучени во наставата и тие ќе ги пишуваат наставните програми – рече министерката Царовска.
МОН: Ова е најтранспарентната јавна расправа за реформи во образованието
Во предвидениот рок за јавна дебата за нацрт-верзијата за концепцијата за основно образование до Министерството за образование и наука (на електронската адреса) пристигнаа мислења, забелешки, коментари и сугестии од различни институции, установи, здруженија на граѓани, поединци, а најважно од сѐ е што наставниците, училиштата, односно директните реализатори на воспитно-образовниот процес во основното образование се јавија со пофалби, сугестии и предлози како да се подобри предложеното решение за реформи во основното образование, информираат оттаму за „Нова Македонија“.
– Треба да истакнеме дека изминатите денови интензивно организираме средби со различни засегнати страни и експерти од одредени области, за да можеме и на тој начин да ги чуеме мислењата и предлозите за предложениот документ. Така, остваривме средби со наставници од сите општини, директори на основни училишта, со градоначалници, со претставници на МАНУ, со граѓанските организации, меѓународни организации, професори од универзитетите…. Дебатата сѐ е уште во тек. На крајот од месецот или на почетокот на февруари во Собранието ќе организираме расправа и со тоа ќе ја завршиме, засега, најтранспарентната и најинклузивна јавна расправа за реформи во образованието – велат во МОН.
Работната група, додаваат оттаму, која е задолжена за креирање на нацрт-верзијата на концепцијата, започна со анализа на пристигнатите предлози, сугестии и забелешки.
– Од првичното разгледување може да кажеме дека некои од нив не се однесуваат на нудење конкретни предлози за подобрување на документот, туку се однесуваат на динамиката на имплементација и начините на имплементација, некои се однесуваат на барања за зголемување на бројот на часови по одделни наставни предмети, а има и конкретни предлози и сугестии за конкретни делови од концепцијата. Што од сето тоа ќе биде прифатено и интегрирано во документот ќе биде одлука на сите членови на работната група и, секако, јавноста ќе биде навремено информирана по однос на ова прашање – додаваат оттаму.