Промената на политичкото кормило во Грција е, всушност, договор (?!) меѓу двете влијателни партии, СИРИЗА и Нова демократија, за да се подели одговорноста за постигнатиот договор за името на Македонија и да се избегне акумулација на граѓанскиот бес само против едниот политички чинител што, според шпекулациите во грчката јавност, наскоро би можело да се случи и во Македонија
Брзата смена на политичките лидери во Атина веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор од нивна страна, стана предмет на медиумска опсервација. Тамошните медиумски куќи шпекулираат дека ваквиот исход со промената на грчкото политичко кормило е, всушност, договор (?!) меѓу двете влијателни партии, СИРИЗА и Нова демократија, за да се подели одговорноста за постигнатиот договор за името на Македонија и да се избегне акумулација на граѓанскиот бес само против едниот политички чинител. Има ли воопшто логика во ваквите информации, кои, сепак, се лансирани од реномирани грчки аналитичари?
Освен тоа, информациите се лансирани во многу чувствителен период, во време кога се формира новата влада на премиерот Киријакос Мицотакис и кога новите министри на десничарската партија, кои, впрочем, беа жестоки критичари на Преспанскиот договор како опозиција одеднаш велат дека тие сепак ќе го почитуваат и ќе го спроведат потпишаното во Преспа. Дали во ваквите размислувања во тамошната јавност се препознава уште една битка на крупните геостратегиски центри на моќ или само политички еквилибристики за „забава“ на јавноста? Во исто време ваквата констелација на односите наметнува и кај нас невообичаени размислувања, односно можно ли е ова сценарио да се реализира на домашен терен, односно дали постои таен договор меѓу македонските партии за поделба на одговорноста за промената на државното име?!
Домашните експерти, познавачи на меѓународните релации, се поделени во своите анализи околу оваа тема. Едни велат дека повеќе од јасно е дека големите центри на моќ во договор со партиите од двете страни, можно е да влечат вакви потези на веќе договорена работа за побрзо да се заборават и смират тензиите, кои произлегоа од потпишувањето на Преспанскиот договор и од неговата реализација. Други, пак, тврдат дека опозициите и во Грција и во Македонија, иако јавно пред склучувањето на договорот говореа дека ќе го поништат и негираат кога ќе дојдат на власт, сепак потајно во себе се надеваа дека побрзо ќе им се тргне тој товар од нивните плеќи. Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски смета дека вакво сценарио сепак е возможно, едни да потпишат други да реализираат.
– Критичките размислувања на новата влада во Грција околу Преспанскиот договор имаат и добра страна бидејќи отвораат можност и кај нас, по смената на власта, да се размислува за негови измени. Такви можности апсолутно има и тоа следејќи го грчкото искуство бидејќи еден ист таков договор наречен привремен од 1995 година, Атина не го почитуваше. Во најмала рака и Македонија може да го направи истото отфрлајќи ги сите оние непристојни клаузули со кои се бришеше сѐ македонско во земјата. Треба да се забележи и сосема несоодветната изјава на Пендаровски дека очекува одредени пречки од грчката страна. Со тоа всушност им се отвора простор за такво дејствување – вели Никовски.
Од друга страна, поранешниот амбасадор во Виена, Огнен Малески, објаснува дека ваквите шпекулации за евентуален договор меѓу партиите во Грција за поделба на одговорноста од промената на името се сведуваат само на шпекулации и ништо повеќе од тоа.
– Не знам колку тие гласини се реални иако има елементи на вистина во нив. Не сум сигурен дека тоа важи за Грција. Од друга страна, факт е дека некои од поранешните лидери од Нова демократија се залагаа за решение, меѓутоа тогашните околности не дозволуваа да дојде до тоа. Повеќе од јасно беше дека всушност ѝ одговараше на Нова демократија да се симне од дневен ред ова прашање додека таа е во опозиција со што ќе им се тргнеше голем товар и сега гледаме дека тие, всушност, добија сериозно олеснување – вели Малески.
Поранешниот амбасадор Малески додава дека почитувањето на договорот е реалност за двете страни без оглед кој е на власт и дека негово спротивставување или негирање би било отворање на нов фронт и проблеми со меѓународната заедница што ниту ние ниту тие би можеле да си го дозволат.
– Дека има некој таен договор кај македонските партии за смена на власта и поделба на одговорноста не сум многу убеден. ВМРО-ДПМНЕ слично како и Нова демократија во изминатиот период постапуваа смирено и претпазливо кога стануваше збор Преспанскиот договор. Тие имаат доволно искусни луѓе да увидат која е позицијата на ЕУ, САД и на Германија за Преспанскиот договор. Какво било негово негирање би било сериозен удар во нивните релации. И доколку утре ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт тоа би било отворање на еден непотребен фронт за нив што само ќе им ги искомплицира работите. Преспанскиот договор е една реалност што суштински од темел не може да се разруши, освен во некоја екстремна ситуација, која, според мене, тешко може да се случи – завршува поранешниот амбасадор Малески, заклучувајќи дека ваквите шпекулации во грчката јавност нереално е да бидат спроведени на домашен терен.