Во балканските земји се случува „невообичаен“ политички феномен, а тоа е победникот на изборите да не може да формира влада и е принуден, како најголема парламентарна партија, да им ја препушти власта на партиите од опозицискиот блок
Политичката состојба во земјите од Западен Балкан станува уште понеизвесна по одржувањето на парламентарните избори, поради длабоката политичка поделеност и раситнетост на гласачкото тело во секоја земја поединечно. Во балканските земји се случува „невообичаен“ политички феномен, а тоа е победникот на изборите да не може да формира влада и е принуден, како најголема парламентарна партија, да им ја препушти власта на партиите од опозицискиот блок. Последниот пример за тоа е Црна Гора, во која на минатогодишните избори дотогашната владејачка партија на Мило Ѓукановиќ, иако освои најмногу гласови, не можеше да формира влада поради недостиг од еден пратенички глас. Подоцна владината коалиција беше формирана од трите опозициски блока, кои имаат тесно мнозинство во црногорскиот парламент. Претходно истата слика имаше и во Македонија, на претпоследните парламентарни избори, кога ВМРО-ДПМНЕ со предност од два пратеника не успеа да формира влада, поради општата атмосфера што владееше на домашен и на надворешен план.
Истата судбината на балканскиот победник на изборите ги снајде и досегашниот бугарски премиер Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ, која со најголем број освоени гласови на априлските избори не успеа да обезбеди и парламентарно мнозинство. Нивниот кандидат за премиер беше принуден да му го врати мандатот за составување влада на бугарскиот претседател Румен Радев.
Во неповолна позиција се наоѓа и албанскиот премиер Еди Рама, кој на неделните избори освои најмногу гласови, но неизвесно е дали тој ќе може да го формира третиот владин состав, кој ќе биде под негово водство. Првите прелиминарни резултати на Централната изборна комисија во Албанија покажуваат дека владејачката Социјалистичка партија на Еди Рама освои најмногу – 46,27 проценти од гласовите на вчерашните парламентарни избори. Според Централната изборна комисија, опозициската Демократска партија на Љуљзим Баша доби 44,71 проценти од гласовите, а Социјалистичкото движење за интеграција на претседателот Илир Мета доби 6,67 проценти од гласовите. Познато е дека албанскиот претседател Мета е жесток критичар на актуелната влада и голем политички противник на Рама, што ги намалува шансите за некоја заедничка коалиција со Социјалистичката партија.
Медиумите во Бугарија веќе најавуваат одржување вонредни парламентарни избори во јули, кои треба да овозможат излез од блокадата на 45-от бугарски парламент, каде што е очигледно дека не може да се состави нова влада. За оваа опција пишува „24 часа“, по изјави од пратеници од шесте парламентарни партии.
Шоуменот Слави Трифонов појасни дека неговата партија нема доволно пратеници или партнери за да формира влада. Тој објави дека неговата партија Има таков народ го освои второто место на парламентарните избори во Бугарија и кажа дека ќе ја номинира светската шампионка во шах Антоанета Стефанова за нова премиерка, но истовремено додаде дека таа веднаш ќе го врати мандатот.
– Ова е затоа што Има таков народ нема доволно пратеници или партнери за да формира стабилна влада. Поддршка ни нудат политички актери што се штетни, алчни и докажано искомпромитирани – изјави Трифонов.
ГЕРБ, партијата на Бојко Борисов, прва доби можност да формира влада откако победи на изборите, но го врати мандатот зашто сите партии што влегоа во парламентот одбија да соработуваат со неа. Претседателот Румен Радев сѐ уште не објавил кога планира да му го понуди мандатот на Трифонов, чија партија освои 51 пратеничко место во 240-члениот парламент. Радев ќе мора да бара трет мандатар, а доколку и третиот обид биде неуспешен, тој, според Уставот, ќе мора да го распушти парламентот и да распише нови избори во рок од два месеца.
По парламентарните избори во Албанија сè уште нема јасен победник.
Поради екстремно тесниот исход на борбата за 140-те места во парламентот е потребно да се почека целосното пребројување на гласовите од страна на Централната изборна комисија во Тирана, проценуваат албанските медиуми. Претседателот на Социјалистичката партија на Албанија, Еди Рама, повика на трпение до објавување на резултатите на изборите.
– Ние не сакаме само резултат и потврда дека сме победиле, туку тоа да биде продолжение на процесот и од овој процес Албанија треба да победи, а не само партијата што ќе управува со државата – рече Рама. Лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, по завршувањето на гласањето прогласи победа на опозицијата на парламентарните избори.