Денешнава колумна е инспирирана од есејот со наслов „Ежот и лисицата“ и од филмот „За грст долари“. Така, во продолжение ќе понудам решенија за иднината на Македонија со воспоставување пристап во македонската политика и општество што обединува, интегрира и синтетизира, а преку метафорично прикажување на поврзаноста со ежовите, лисиците и доларите.
Во есејот/книгата на филозофот и историчар Берлин, „Ежот и лисицата“ (Isaiah Berlin, „The Hedgehog and the Fox: An Essay on Tolstoy’s View of History“, 1953), авторот ја нагласува фундаменталната разлика помеѓу мислителите (лисиците) што се фасцинирани од бесконечната разновидност на нештата и мислителите (ежовите) што имаат експертски познавања од една област. Иако класификацијата, според авторот, беше замислена како „пријатна интелектуална игра“, сепак, таа „беше сфатена сериозно“, затоа што „секоја класификација помага да се објасни нешто“.
Класификацијата е инспирирана од поговорката на поетот, сатиричар и филозоф Архилох, запишана од холандскиот филозоф и теолог Еразмо Ротердамски како „multa novit vulpes, verum echinus unum magnum“ или „лисицата знае многу работи, ежот знае една голема работа“.
Живееме во свет на експертите – мислителите што имаат длабоки познавања од една област, па затоа кога станува збор за определени предизвици со кои се соочуваме, тие застапуваат одреден став. Притоа, многу често, авторите на определените експертски ставови ги посочуваат причините зошто нивното мислење е исправно, а другите грешат – класичен пристап на сите експерти. Но тогаш се поставува прашањето: Кое експертско мислење е точно? Ваквиот пристап има фундаментален проблем. Имено, како и со секој делумен опис на сложената реалност, секое експертско мислење содржи само дел, но не и целата вистина. Така, секој наратив истакнува важни аспекти, на пример, за одредено општествено прашање и ги изразува ставовите коишто се поддржани од определен, можеби и значителен, број луѓе. Наместо да браниме еден наратив, едно експертско мислење, треба да усвоиме холистички, интегрален пристап што опфаќа повеќе перспективи, експертски мислења, држејќи ги во тензија и комбинирајќи ги нивните предности.
За холистичкиот, интегрален пристап пишувале многумина – денес ќе посочам три примери. Професорот по политички науки Тетлок во својата книга „Експертска политичка проценка“ (Philip Tetlock, „Expert Political Judgment“, 2005) укажува дека е многу помалку важно што мислат експертите отколку како мислат. Тој потенцира дека експертите често се премногу самоуверени и склони да претераат при проширување на нивната експертиза во други домени, па затоа многу повеќе грешат во нивните предвидувања отколку мислители што, за да донесат заклучоци, спојуваат различни извори на информации. Професорот по менаџмент Мартин во „Спротивниот ум“ (Roger L. Martin, „The Opposable Mind“, 2007), врз основа на анализа на повеќе од 50 приказни на успешни менаџери, тврди дека интегративното размислување е вообичаена карактеристика кај успешните лидери. Според него, интегративно размислување е „способност конструктивно да се соочиме со напнатоста на спротивставените идеи и, наместо да избираме една на сметка на другата, да генерираме креативна разрешница на тензијата во форма на нова идеја што содржи елементи на спротивставените идеи, но е супериорна во однос на секоја од нив“. Психологот и професор по когнитивни науки и образование Гарднер во период од повеќе години се интересираше за интелигенцијата, ја разви теоријата за повеќекратна интелигенција, ја разоткри шупливоста на тестовите за интелигенција и инспирираше нови пристапи во образованието. Во својата најнова автобиографска книга, интелектуалните мемоари со наслов „Синтетизирачки ум“ (Howard Gardner, „A Synthesizing Mind“, 2020), правејќи синтеза на својата кариера, заклучува дека „умот што синтетизира“, умот што има способност да истражува искуства и податоци низ широк опсег на дисциплини и перспективи, ќе биде особено значаен во 21 век.
Така, според многумина, во 21 век ќе доминира пристап што обединува, интегрира и синтетизира, или, „во 21 век, најважен вид ум ќе биде умот што синтетизира“ (Гел-Ман, добитник на Нобеловата награда по физика).
Ваквиот пристап сè повеќе се манифестира на различни нивоа, во научните истражувања, во образованието, па дури и во политиките на големите сили. Ќе го илустрирам ова со два примера. Прво, во книгата „Шест лица на глобализацијата: кој победува, кој губи и зошто е важно“ (Anthea Robertsis and Nicholas Lamp, „Six Faces of Globalization: Who Wins, Who Loses, and Why It Matters“, 2021) авторите идентификуваат шест главни позиции, наративи за придобивките и недостатоците на економската глобализација. Иако секоја позиција користи софистицирани аргументи и убедливи докази, авторите, преку изолирање на конфликтите раст наспроти одржливост и ефикасност наспроти социјална стабилност, покажувајќи каде се спојуваат ривалските наративи, обезбедуваат холистичка рамка за разбирање на тековните дебати на еден сложен проблем – економската глобализација. Второ, ЕУ сè повеќе вклучува гледишта со различна перспектива за нејзиниот пристап кон Кина, така што Европската комисија изјавува дека Кина е истовремено соработник, преговарач, конкурент и ривал. Во поддршка на изнесената констатација, следува цитатот: „Кина е, истовремено, во различни области на политиката, партнер за соработка со кој ЕУ има тесно усогласени цели, преговарачки партнер со кој ЕУ треба да најде рамнотежа на интереси, економски конкурент во потрагата по технолошко лидерство и системски ривал промовирајќи алтернативни модели на владеење“ (видете го документот на Европската комисија со наслов „EU-China – A strategic outlook“ од 12 март 2019 година).
Каков е пристапот на најголем дел од интелектуалците, медиумите, политичарите и владејачките елити во адресирање на општествените и геостратегиските предизвици со кои се соочува Македонија? Пристапот што најмногу се практикува во Македонија, за жал, можеби најдобро се опишува со зборовите: „закопани во своите ровови двете најголеми македонски партии, политичарите и нивните верни сенки, изгубените души кои сè уште не нашле мир – интелектуалци, професори, аналитичари и новинари водат војна и по медиумите и на социјалните мрежи за доброто на Македонија, при што не бираат средства, бескрупулозно лажат и манипулираат“. Во еден скорешен текст во „Нова Македонија“ пишував за два периода на владеењето во Македонија, од 2006 до 2016 и од 2017 до денес, периоди коишто најдобро се карактеризираат со синтагмите „заробена држава“ и „понижена држава“, соодветно. Поголем дел од тие што, со право, до 2016 година пишуваа, говореа и укажуваа за негативните последиците од владеењето во тој период, и денес, упорно, закопани во своите ровови, го прават тоа, бесполезно повторувајќи ги веќе кажаните работи, а не сакајќи да видат, говорат, напишат и укажат дека живееме во период на најголема морална криза, период кога некои државници станаа најголеми лажговци и манипулатори, период кога македонскиот народ е, во континуитет, понижуван. Но тука не е крајот на трагичноста.
Триесетгодишната историја на Македонија нѐ учи дека не е важно кој во моментот владее, поголем дел од оние што се наоѓаат во рововите ќе останат таму, можеби ќе сменат страни, но ќе бидат внатре во нив, а борбите ќе продолжат со несмалена жестокост, притоа, затоа што нема индикации дека воопшто ќе завршат, се чини ќе траат во недоглед, до целосно истребување, изумирање на Македонија.
Оттука, клучното прашање што го поставувам во скоро секоја колумна во „Нова Македонија“ е: како понатаму? За да не изумре Македонија, време е да излеземе од рововите, време е да се обединиме, време е да престанеме да се бориме меѓу себе, туку против корупцијата, дивеењето, алчноста, нечесноста, сервилноста на сите владејачки гарнитури, какви и да биле: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата. Време е предизвиците во Македонија да ги разгледаме, анализираме, решаваме, користејќи пристап што обединува, синтетизира и интегрира. Што подразбира тоа? Тргнувајќи од тоа дека Македонија е мултиетничка држава и дека етномнозинскиот модел, со кој извршната власт се распределува меѓу победнички партии од двата етникума, доведе до еродирање на демократијата, федерализација и нестабилно владеење, што, всушност, се реализира преку два паралелни процеси, етнодиференцијација, фрагментација на општеството и продлабочување на јазот помеѓу Македонците и Албанците во Македонија, во колумнава ќе предложам две решенија.
Прво, имплементирање на интеркултурализмот. Како одговор на глобализацијата, трендовите во национализмот и порастот на популистичките и антиимигрантските наративи, а соочени со фактот дека мултикултурализмот недоволно успешно се справува со нив, во последните години социолозите, политиколозите и општествените дејци се свртија кон концептот интеркултурализам.
Политиките на интеркултурализмот, за разлика од мултикултурализмот, имаат моќ да го заштитат бесконечното делење (фрагментирање) на државата врз начелото на различните етнички, религиски и јазични припадности, па затоа, предлагам, веднаш, но со голема посветеност и внимателност, тие политики да се имплементираат во Македонија.
Второ, промена на изборниот модел. Предлагам една изборна единица и консензуална демократија – пропорционален модел на извршната власт. Веќе пишував за ова во „Нова Македонија“, но, сепак, не е на одмет да повторам. Во Македонија нема граѓанска консензуална демократија, туку хибридна демократија, нешто што на прв поглед наликува на консензуална демократија, но всушност е мешавина на етномнозинска и консоцијална демократија. Политичката теорија и практика, за што може да се прочита во многу учебници и монографии, покажува дека консензуалната демократија во споредба со мнозинската демократија е постабилна, а притоа индикаторите за квалитет на демократијата се значително повисоки и владеењето во такви држави е поефикасно. Постојат голем број примери на (доминантно моноетнички, но и мултиетнички) земји во коишто извршната власт се имплементира врз основа на консензуална демократија. Паралелно со зајакнување на владеењето на правото и подобрување на судската независност, предлагам воведување елементи на делиберативна демократија (нови форми на директна демократија, на пример, народно вето, отповикување на избрани претставници, петиција, граѓанска иницијатива, референдум преку нови законски решенија).
Денешниве промени, другите за коишто веќе сум пишувал во „Нова Македонија“, а и оние за коишто допрва ќе пишувам, може да ги направат само граѓаните и совесните и морални политичари. Филмот „За грст долари“ (1964) е првиот од култната „Трилогија за долари“, додека другите два филма се „За неколку долари повеќе“ (1965) и „Добриот, лошиот и грдиот“ (1966). Во сите три филма, главниот лик, човекот без име, го толкува Клинт Иствуд. Приказната во првиот филм, инаку неофицијален и нелиценциран римејк на филмот „Телохранител“ (Yojimbo) на Куросава од 1961 година, е едноставна: човекот без име, во едно гратче на границата меѓу САД и Мексико, одлучува да работи истовремено за две ривалски шверцерски семејства. Филмот завршува така што откако го ослободува малото место од двете банди, човекот без име си заминува во непозната насока. Грст политичари за грст долари нѐ држат во заложништво веќе 30 години. Време е за промени!