Во извесна мера парадоксално, но се чини дека политичката ситуација по завршувањето на локалните избори и најавата за оставка на премиерот како да наметнаа свое влијание за продолжување на нефункционалноста на Собранието. Но наспроти индикаторите за политичката криза со најавената оставка на премиерот, во моментов најмалку е потребна собраниска криза! Дотолку повеќе што Собранието според Уставот се декларира како целосно независна и самостојна законодавна власт што работи и носи одлуки во интерес на граѓаните. Сегашната долготрајна хибернација и пасивизираноста на парламентот само ја наметнуваат дилемата за неговата улога како продолжена рака на извршната власт
И по изборите продолжуваат симптомите на нефункционалност на Собранието
Со почетокот на изборната кампања за локалните избори, кои завршија во неделата, на 31 октомври, Собранието престана со активности, во согласност со прифатенoто начело собраниската говорница да не се (зло)употребува за одреден политички интерес во текот на изборниот процес. Оправдано или неоправдано во временски рок подолг од еден месец, Собранието не функционира и е во целосна самоизолација. Забележливо е што нефункционалноста на парламентот продолжи и во седмицата по завршувањето на локалните избори, иако веќе нема причина за тоа. Всушност, во извесна мера парадоксално, но се чини дека политичката ситуација по завршувањето на локалните избори и најавата за оставка на премиерот Зоран Заев како да го наметнаа своето „влијание“ за продолжување на нефункционалноста на Собранието. Но наспроти политичката криза со најавената оставка на премиерот, во моментов најмалку е потребна собраниска криза. Дотолку повеќе што Собранието според Уставот се декларира како целосно независна и самостојна законодавна власт што работи и носи одлуки во интерес на граѓаните. Сегашната долготрајна хибернација и пасивизираноста на парламентот само ја наметнуваат дилемата за неговата улога како продолжена рака на извршната власт.
Парламентот во исчекување на извршната власт?!
– Собранието, па и другите државни институции, по најавата за оставка на премиерот, како да се блокирани од еден психолошки момент на исчекување. Исчекување дали ќе има ново парламентарно мнозинство, дали раководните структури во институциите (кои се политички поставени) ќе ги задржат позициите, дали можеби ќе има и нови парламентарни избори… Навистина, во Собранието имаат натрупано закони од големиот број незавршени седници, па би можеле да се активираат пратениците и да ги завршат, но во мигов се преокупирани со неизвесноста на исчекувањето. Секако, тоа уште еднаш јасно ја отсликува доминацијата на извршната власт над законодавната. И пред последниве избори, па и во сите парламентарни состави обично, речиси секогаш се чекало што ќе им понуди извршната власт, како законски предлог на пратениците, за да разгледуваат, а сопствената продукција на законски предлози дури е инцидентна појава. Сега дојдовме до моментот кога една понудена оставка кај извршната власт, институционално ја блокира целата држава, што само покажува дека институциите се заробени, приватизирани од партиите – вели професорот Борче Давитковски од Правниот факултет при УКИМ.
Иако состојбите и процесите во државата и општеството се под најавите за закана од енергетска криза, справувањето со здравствената криза од пандемијата на ковид-19 е речиси постојан предизвик, последниот извештај на Европската комисија укажува дека е неопходно да се одржува континуитетот на реформските процеси, носење и имплементација на реформски закони… Но и покрај сите овие ургентни теми и прашања се чини дека Собранието и понатаму е парализирано од најавата за оставка на премиерот. Дури, како да е започната и некаква верижна реакција на криза во функционирањето на сите државни институции.
Со секои избори неизвесност на парламентарната функционалност
Универзитетската професорка по уставно право и актуелна пратеничка во Собранието, Гордана Силјановска-Давкова, изразува дилема дека е невообичаено во политичката практика на европските земји Собранието да не работи кога се одржуваат локални избори.
– Во земјите на ЕУ, кога се одржуваат локални избори, парламентите продолжуваат да функционираат. Но, еве, да речеме дека ние се придржуваме до нашата конвенција, собраниската говорница да не се (зло)употребува за време на политичка изборна кампања, но и понатаму е невообичаено целиот политички естаблишмент (од премиер, преку министри, до претседател на Собрание) да биде вклучен во кампања за локални избори. Таквата практика за водење изборна кампања, секако дека ќе предизвика нефункционалност не само на Собранието туку и неактивност на Владата и воопшто на сите институции, што води до состојба на апсолутна институционална криза. Ова се денови кога највидливо се манифестира хроничната дијагноза на институционалното функционирање во државата – целосна доминација на егзекутивата, т.е. извршната власт над Собранието, како законодавна власт – смета професорката Гордана Силјановска-Давкова.
Како слабост во работата на Собранието и во редовни услови, што во голема мера придонесува за неизвесност во парламентарната функционалност на практично-технички план, според професорката Силјановска-Давкова, е немањето календар на активности.
– Според моите сознанија, нашето Собрание е веројатно единственото што нема календар на активности, т.е. одредено денови за пленарни седници, комисиски расправи, средби со граѓани… На пример, во Европскиот парламент постојат неделен, месечен и годишен календар на активности, за парламентарците соодветно да ги планираат своите активности и да се подготват тематски за расправите. Ако целиме кон ЕУ, и начинот на функционирање на Собранието треба да го усогласиме со европскиот начин на парламентарно работење. Собранискиот календар би требало да се усогласи со календарот на Владата, односно листата на закони што сака да му ги предложи на Собранието. Но ние сѐ уште функционираме со ад хок законски предлози, што е последица на фактот дека Владата победила на избори со една програма, а предлага закони што не биле предвидени во неа. Едноставно се нема предвидлив концепт, ниту листа на предлог-закони – констатира професорката Силјановска-Давкова.
За првиот претседател на македонското собрание од осамостојувањето, Стојан Андов, сегашниот парламентарен состав, по изборните резултати од локалните избори и најавената оставка од премиерот Заев – нема легитимитет да продолжи со работа.
– Резултатите од локалните избори јасно укажуваат дека мора набрзо да се организираат и предвремени парламентарни избори. Во ситуација кога премиерот дава оставка, парламентарното мнозинство, односно целиот парламентарен состав едноставно нема легитимитет да продолжи да работи. Навистина, може во овој период да бидат завршени прекинатите седници и да се донесат законите за кои е започната процедурата, но политичката криза најавена со оставката на премиерот може да се реши само со предвремени парламентарни избори, а не со прегрупирања и правење некакви нови мнозинства во Собранието – вели првиот собраниски спикер Стојан Андов.