Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по повод втората годишнина од потпишувањето на Преспанскиот договор, од фондацијата „Фридрих Еберт“ ја доби Наградата за човекови права за 2020 година.
Фондацијата „Фридрих Еберт“ ја цени личната посветеност на Заев за склучувањето на Договорот од Преспа, како и неговите напори за европска иднина и слободно и отворено општество.
По долгогодишната авторитарна регресија во регионот, оценуваат од Фондацијата, лично Зоран Заев претставува пресврт, нудејќи надеж на прогресивните сили во Југоисточна Европа.
– Фондацијата Фридрих Еберт му ја доделува наградата на Заев, во знак на признание за неговиот придонес кон мировната политика, заснована врз склучување на Договорот за пријателство со Бугарија во 2017 година и Преспанскиот Договор со Грција во 2018 година. Со тоа конечно, после 27 години, решена е блокадата на Северна Македонија за членство во НАТО и почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ – се вели во соопштението на Фондацијата.
Во него се наведува дека договорите претставуваат клучна пресвртница на патот кон подобри услови за живот за сите граѓани.
– Заев посветенo се залага за слободно, отворено и социјално општество. Неговата одлучна реформска политика не само што придонесе кон мирот и стабилноста, туку исто така, значи огромен чекор за државата кон ЕУ – оценува Курт Бек, претседател на фондацијата „Фридрих Еберт“ истакнувајќи ги достигнувањата на Заев како особено значајни во однос на европскста интеграција.