Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се сретна со Михалис Хрисохоидис, министер за заштита на граѓаните на Грција.

Како што соопштија од Владата, на состанокот заеднички било констатирано дека е отворено ново поглавје во билатералните односи помеѓу Република Северна Македонија и Хеленската Република и дека во последните две години соработка меѓу државите оди во нагорна линија.

– Оценето е дека се чувствува напредок во нашата држава, при што е посочено на придонесот на премиерот Заев во посочените развојни процеси. Во таа насока пренесена е пораката дека Хеленската Република продолжува да ги поддржува аспирациите на нашата држава кон Европската Унија во рамките на важечките договори и добрососедските односи и дека има определеност Хеленската Република да има водечка улога на патот на земјата кон ЕУ. За таа цел, соопштено е дека има политичка поддршка, но и заинтересираност за техничка поддршка на тимовите од Северна Македонија, кои ќе работат на поглавјата во рамките на пристапниот процес кон ЕУ – соопштија од Владата.

Премиерот Заев посочил на придобивките од развојот на добрососедските односи помеѓу двете држави, како што е зголемениот интерес на грчки инвеститори во нашата држава, особено во областа на енергетиката, како што е интересот за ХЕЦ „Чебрен“, за ТЕЦ „Неготино“ или обратно, вклучувањето на нашата држава со 10-процентно учество во стратешкиот проект за природен гас од Александрополис.

– Граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат бенефитите од зајакнатата соработка по договорот од Преспа, а пред нас е голем потенцијал за натамошно унапредување на односите како на политичко ниво така и на цивилно ниво – рекол Заев.