Владата е овластен предлагач на уставните амандмани и е задолжена од Комисијата ако тоа го прифати Парламентот во рок од 15 дена да изготви нацрт-амандмани. Тука сум како прв во Владата да потврдам дека заедно ќе седнеме да ги работиме амандманите, порача премиерот Зоран Заев на денешната седница на Собранието на Република Македонија на која се разгледува потребата од усвојување на амандманите.
– Не смееме да си дозволиме сами да објавиме амандмани. Ние сме само изработувачи на нацрт-амандмани и заедно ќе ги работиме ако треба и овде во Парламентот ќе доаѓаме од Владата за да го потврдиме идентитетот, македонскиот јазик дали во постојните амандмани или ќе изработиме и петти амандман. Грција нема ништо против нашиот идентитет и нашиот јазик. Спремен сум да разговарам со грчката страна затоа што тоа не е спорно. Проблемот е во разграничувањето преку Северна, потенцира Заев.
Тој посочи дека со еден од амандманите е предвидено пред Македонија да се додаде Северна, со друг во преамбулата да се истакнат одлуките на АСНОМ, бидејќи, како што кажа, во Прогласот од АСНОМ има повикување на Македонци од сите Македонии.
– Ова се прави за да нема идни нови иредентистички очекувања од страна на Грција према нас, рече Заев.
Третиот амандман, додаде, се однесува на европски начин на неповредливост на границите и немање на територијални претензии.
– Овде на Балканот начинот на водење грижа за нашите луѓе коишто живеат во соседните земји и во дијаспората е поинаку дефиниран во уставите отколку во земјите членки на ЕУ. Начинот на водење грижа мора да биде соодветен на европскиот кој не алудира на мешање во внатрешни работи на соседни и туѓи земји, рече Заев.
Целта, како што кажа, е да се најде спогодба која ќе води кон пријателство и нема да остави нови траги за во иднина нови влади, македонски или грчки, да прават некои дополнителни непријатности.
– Сега само се утврдува потреба за отпочнување на уставни амандмани, ќе има понатаму гласање за нацртот, ќе имаме двотретинско гласање за уставните амандмани. Тоа е процес којшто ќе трае повеќе од 100 дена. Затоа уште еднаш како прв во извршната власт кажувам спремен сум да седнам со сите вклучитело и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да можеме да изградиме сценарио и консензус по ова прашање, рече Заев.