Премерот Зоран Заев изјави дека не ја губи надежта по прашањето за испорачување на поранешниот премиер Никола Груевски во Македонија и покрај ставот на еврокомесарот Јоханес Хан, кој се сомнева дека тоа ќе се случи и фактот дека ниту Европскиот парламент не може да направи нешто по ова прашање.
-Знаете дека многу прашања во Македонија беа невозможна мисија, па се оставрија. Има уште многу што треба да се остварат и коишто се очекување на граѓаните. Јас продолжувам да правам напори, како Претседател на Владата заедно со институциите, коишто ги имаме, пред се, Министерството за правда, да настојуваме да бараме негово испорачување, заради тоа што тоа е минимум што можеме да очекуваме од пријателска земја, како што е Унгарија, која што е членка на ЕУ и на НАТО. Затоа, како што реков по сите меѓународни правила, конвенции, па дури и по домашните закони на Унгарија нема никакво право да биде доделен азил на господинот Груевски, рече Заев на новинарско прашање по дебатата за уставните амандмани во Штип.
Прашан дали има коментар за претседателот Ѓорге Иванов, кој кога беше прашан дали очекува апсење, неговиот одговор беше „ништо чудно“, премиерот Заев забележа дека е „срамно да дава коментари за вакви работи“.
-Незнам се уште во кој свет одредени луѓе живеат, а така ќе го прашам и претседателот Иванов. Каде во светот, власта извршна апси, власта извршна истражува, власта извршна прави обвинителни акти или слично? Тоа е надлежност на Основното јавно обвинителство и на судството во Република Македонија. Веројатно бевме навикнати од претходната власт дека тоа е едно исто. Не е исто. Јас сум генерално против притвори, јас сум генерално за транспарентни процеси. Јас сум за помирувањето во Р.Македонија. Јас ги преземам чекорите, секако, со многу други чинители и од владејачкото мнозинство и од институциите на системот, и верувам дека во тој дух треба да продолжиме, рече Заев.
Македонскиот премиер потенцира дека на сите во земјава преку глава им е поделбата на граѓаните и затоа мора, како што рече, да се сплоти општеството, но и да се обединат сите кон европската иднина на Македонија и НАТО, како заеднички стратешки определби. Но, додаде, исто така треба да се спроведат и најавените реформи, кои за граѓаните значат очекување за добар живот во Македонија.