„Нашата борба е на „прав пат“. Нема да запреме се до членство во ЕУ“, рече претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев на денешната граѓанска трибина во Прилеп во Домот на културата „Марко Цепенков” насловена „На прав пат”.

-Вниманието на цела Европа, па и целиот свет е вперено кон нас затоа што испорачавме, сработивме. Целиот демократски свет го потврди нашиот успех, никој нема дилема, тоа е патот по кој треба да одиме и да продолжиме. Ние сме светски пример за Балканот. Тоа го говорат сите светски лидери. Генералниот секретар на ОН започнува и завршува говор со Преспанскито договр. Тоа е темпото со кое треба да продолжиме. Нема да дозволиме повторно криминалци да нѐ водат, да ја вратат државата од таму од кадешто ја извадиме, од калта. Ќе продолжиме по правиот пат – рече Заев во Прилеп, потенцирајќи дека припаѓаме на ЕУ.

Според него, ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО оди со одлично темпо, САД предвреме го ратификуваа и остануваат уште три земји за ратификација.

– НАТО е нашиот имотен лист, ја обезбедуваме државата. Се впишуваме во Катастарот на држави кои се сигурни, стабилни, еднакви со демократскиот свет. НАТО значи сигурност и безбедност, но НАТО значи и инвестиции, повеќе пари и нови работни места. Тоа е прав пат! – порача Заев, посочувајќи дека и на економски план биле на прав пат.

На денешната трибина на СДСМ во Прилеп насловена „На прав пат”, зборуваше и потпретседателот на владејачката СДСМ, Коста Петров, а беа присутни и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот Илија Јованоски, како и други партиски функционери и министри.

Ка.М.