Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата посветена на слободата на медиумите во регионот, порача дека нема докази за руско влијание во Македонија.
– Немам докази за руско влијание овде. Руската Федерација е пријател на Република Македонија и нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но отворено е против НАТО – рече Заев.
Тој потсети дека нема алтернатива за Македонија освен ЕУ и НАТО, и дека Македонија „сака пријателство со сите земји“.
Заев истакна дека е запознаен со информациите за мрежи на профили кои шират лажни вести на социјалните мрежи и традиционалните медиуми и порача дека се надева дека ќе „можеме да ги дознаеме деталите“, но дека тој нема идентификувано земји кои шират лажни вести.
Премиерот ја повтори својата поддршка за саморегулација на медиумите.
– Медиумските работници најдобро знаат како тоа да го направат на начин кој мислат дека е најдобар- посочи Заев.
Шефот на македонската Влада предупреди дека „злоупотребата во форма на дезинформирање многу лесно се рефлектира врз безбедноста и не претставува слобода на говор“.
– Видовме и во Македонија и во регионот колку штетна може да биде пропагандата, поттикнуваат насилство, затоа како Влада повикуваме на конструктивна атмосфера- посочи Заев.