Нашата земја нема друга алтернатива освен градење на европска иднина, враќање на национализмот не смееме да дозволиме, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев на телевизиското гостување на Телевизијата Ал Џезеира.
 
– Се надевам дека мојата земја, но и целиот регион ќе направи чекор напред, затоа што сметам дека нема друга алтернатива, освен полноправно членство во ЕУ – истакна Заев.
 
Тој потсети дека на самитот во октомври беше направена историска грешка кога почетокот на преговорите беше одложен за некое време, но истакна дека навистина се надева оти на следниот дека грешката ќе биде исправена, со оглед на тоа дека ние како земја ги исполнивме реформите кои беа барани, а тоа го потврдија сите европски лидери.
 
– Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија, се дел од големите чекори кои ги направи нашата земја и затоа очекувам на следниот самит во мај во Загреб е да се донесе позитивна препорака за почеток за преговори на нашата земја со ЕУ. Нашите граѓани го очекуваат тоа, Европа вети и ако сака да ги мотивира другите граѓани од соседните земји треба да го исполни ветувањето – вели Заев.
 
Тој посочи дека денес во Северна Македонија законот важи за сите граѓани подеднакво, а од особено значење е транспарентноста и вклученоста на граѓаните како контролори на судството. Владеењето на правото и важењето на законите за сите подеднакво е од пресудно значење за сите граѓани, истакна Заев.
 
– Во 2016 година и преку извештаите на ЕК беше констирано дека за време на изборите во Северна Македонија постоеше хибриден режим кој ги имаше окупирано сите институции, како национална телевизија , јавното обвинителство, изборните комисии и слично. Тогаш како опозиција побаравме да имаме Специјално јавно обвинителство, главен уредник на националната телевизија и техничка влада – кажа Заев.
 
Претседателот на СДСМ нагласи дека техничка влада има и сега во нашата држава иако СДСМ е на власт, но претставува големо искуство со кое и опозицијата и власта имаат гаранција дека изборите ќе бидат фер, демократски и регуларни. Кога опозицијата зема право тогаш презема и одговорност. Тој вели дека е важно да има закон за избори кои сите ќе го поддржат, затоа што низ него се вградуваат сите елементи кои учествуваат во изборниот процеси.
 
Најголемото демократско право е правото на глас и фер и демократски избори. Верувам дека секоја земја која се декларира како демократска мора да има законодавство. Заев посочи дека моментално во нашата држава се носи Изборниот закон во кој треба да бидат вклучени препораките на ОДИХР, заедно власта и опозицијата, да направат изборна регулатива и изборен процес во кој веруваат сите.
 
– Северна Македонија е мултиетничка држава и посебно сум горд на тоа, денес е ново време кога повеќе не важно дали сме Срби, Македонци , Бошњаци и друго, важен е концептот кој што го поставивме, а тоа е „едно општество за сите граѓани“ истакна Заев.