Ова е историска шанса што се случува само еднаш и на овој историски ден не останувајте дома, порача денеска германската канцеларка Ангела Меркел, на заедничката прес конференција со македонскиот премиер Зоран Заев.
Според неа, успешниот референдум е можност за отворање на вратите за членство на земјата во НАТО и Европската унија(ЕУ).
Германската канцеларка упати благодарност до премиерите Зоран Заев, Бојко Борисов и Алексис Ципрас, за преземената политичка храброст за решавање на проблемите.
Меркел, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека пораките од Брисел за референдумот не треба да се сваќаат како закана.
– Не сум за закана, вие можете да одлучите за иднината на вашата земја. Ако успее референдумот ќе станете дел од НАТО и ЕУ. Прашањето за името и членството во НАТО и ЕУ е поврзано, без решено прашање нема членство. Тоа не е закана. Луѓето на 30 септември имаат можност да гласаат дали вратата ќе се отвори кон НАТО и ЕУ и тоа бара прифаќање на Договорот со грција, односно негово имплементирање од двете страни – рече Меркел.
Таа ја истакна и добрата економска соработка меѓу двете земји, при тоа додавајќи дека 100.000 македонски државјани живеат и работат во Германија.
Германската канцеларка истакна дека Германија ќе инвестира 2,5 милиони евра за стручно образование на младите во Македонија.
Премиерот Зоран Заев искажа благодарност до канцеларката Меркел, при тоа нагласувајќи дека станува збор за прва посета на Македонија на еден германски канцелар.
– Оваа посета е силна порака и поттик за нас во пресрет на референдумот, уште едно охрабрување дека големите сили поддржуваат имплементирање на Договорот со Грција од двете страни – рече Заев.
Тој уште потсети дека Германија е трговски партнер број 1 со Македонија, односно 47 отсто од нашиот извоз оди во Германија.
– Голема чест е што канцеларката Меркел доаѓа на овој празник, ќе возвратиме со успешен референдум – порача Заев.